ВМРО ДПМНЕ vs. СЈО: Против факти со говор на омраза

Она што за СЈО се „лукративни мотиви“ - за ВМРО ДПМНЕ е борба против граѓаните и верниците. Фото: Гугл/Вистиномер

Поради фактот што СЈО со својот обвинитилен акт не може да „тргне против сите граѓани…. што се спротиставија на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради Црквата Свети Константин и Елена“, туку само да ги гони идентификуваните сторители и поттикнувачи на насилството, соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ го оценуваме како невистина

 

Ова соопштение/изјава, кое е невистина во однос на фактите, освен тоа има уште една карактеристика, а тоа се елементи на маскиран говор на омраза, наведен токму до двата пасуса што ги цитираме. Дека може да се оцени така, говорат неколкуте документи во кои се содржани дефиниции и доктринарни ставови, а кои поаѓаат од Европската конвенција за човекови права, особено член 10, потоа од препораките на Советот на министри на Советот на Европа и од судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој во својата пракаса има доста пресуди за дела во кои станувало збор за говор на омраза.

 

Владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното соопштение/изјава до јавноста во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) изрече невистина, а употреби и маскиран говор на омраза:

Обвинителката Фатиме Фетаи тргна отворено против сите граѓани кои одлучија да излезат на протест против спречување на изградба на црквата во Општина Центар, откако и претставници на Македонската православна црква и здружението на граѓани Веритас се спротиставија на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради Црквата Свети Константин и Елена.

Обвинителката Фатиме Фетаи реши да тргне против верниците кои имаат уставно загарантирано право на протест и имаат право да го изразат сопственото негодување со политиките на Жерновски и СДСМ, само заради тоа што предизвикале материјална штета од 20 евра.

[Извор: ВМРО ДПМНЕ-веб страна, Датум, 15.09.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Откако во претпладневните часови на 15.09.2016 во просториите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беше соопштено дека се покренуваат првите две обвиненија, а малку подоцна, откако медиумите утврдија дека со едното, за казниво дело се товари и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и екс-премер Никола Груевски, оваа партија излезе со соопштение/изјава, во која грубо се извртуваат факти, но и се употребува маскиран говор на омраза, со што може да се поттикне верска и национална нетолеранција.

Извртувањето на фактите многу лесно се утврдува. Според она што на јавноста ѝ го претстави обвинителката Фатиме Фетаи (од 14:23 до 28.33, минута), станува збор за обвинение за поттикнување и спроведување на насилство против 14 лица, во врска со немирите пред Општина Центар од 2013 година.

Во основата на ова обвинение како што информираше Фетаи, се и два анализирани телефонски разговори од незаконски сниманите и прислушувани, при што првиот се однесува „помеѓу двајца поранешни високи носители на извршната власт“, а вториот „помеѓу еден од поранешен висок носител на извршнатта власт и опфатен со обвинението и познат македонски бизнисмен“. Притоа, по анализата, СЈО јасно дошло до сознанија дека „првообвинетиот имал чисто лукративни мотиви, заради опстојување на партиските бизнис интереси на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери“.

Медиумите веднаш го идентификуваа првообвинетиот, Никола Груевски, и тоа врз основа на снимените телефонски разговори што ги објавуваше опозицијата (види последниот разговор од линкот-н.з.), а датумот на разговорот и часот ги спомена и Фетаи.

Таа уште додаде и дека намерата била да се спречи седница на Советот на Општината на чиј дневен ред било и разгледување на поништување на повеќе урбанистички планови, меѓу кои и Деталниот урбанистички план за Мал Ринг. Фетаи напомена дека на таа седница воопшто не била тема спречување на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“.

Оттука, а и поради фактот што СЈО со својот обвинитилен акт не може да „тргне против сите граѓани…. што се спротиставија на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради Црквата Свети Константин и Елена“, туку само да ги гони идентификуваните сторители и поттикнувачи на насилството, соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ го оценуваме како невистина.

 

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА Е КАЗНИВ ПО ЗАКОНОТ

Но, ова соопштение/изјава, кое е невистина во однос на фактите, освен тоа има уште една карактеристика, а тоа се елементи на маскиран говор на омраза, наведен токму до двата пасуса што ги цитираме. Дека може да се оцени така, говорат неколкуте документи во кои се содржани дефиниции и доктринарни ставови, а кои поаѓаат од Европската конвенција за човекови права, особено член 10, потоа од препораките на Советот на министри на Советот на Европа и од судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој во својата пракаса има доста пресуди за дела во кои станувало збор за говор на омраза.

Според публикацијата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија од 2013 година „Слободата на изразување и говор на омраза“, синтетизирана доктринарна дефиниција за говорот на омраза е следнава:

Говорот на омраза е вид на изразување кое е дизајнирано да промовира омраза врз основа на раса, религија, етничка припадност, национално потекло, пол, сексуална ориентација, класа/социјално потекло, телесна или ментална попреченост.

Во публикацијата се појаснува дека тој говор е насочен кон група или лице кое ја претставува групата:

Говорот на омраза подразбира изразување на омраза за определена група. Тој се користи за да се навреди едно лице преку расната, етничката, религиската или друга група на која тоа лице и припаѓа. Таквиот говор генерално настојува да ја осуди или обесчовечи индивидуата или групата или да изрази гнев, омраза, насилство или презир кон нив.

 Во соопштенито на ВМРО-ДПМНЕ кое што го анализираме, во двата последователни пасуса може да се види дека без некоја посебна потреба се апострофира „Обвинителката Фатиме Фетаи, која (прво) тргна против сите граѓани“ , при што се споменува и Македонската православна црква која била против Жерновски и СДСМ, а потоа во вториот пасус, „тргна против верниците…“.

Прво, обвинителката Фетаи не тргнала против никого, туку презентираше суштина на едно обвинение против конкретни лица, за еден настан кој е истретиран од кривично-правен аспект, а тоа обвинение не е на Фетаи, туку на СЈО и на главниот обвинител Катица Јанева. Но, тука, во овие два пасуса не се споменува Јанева, зашто во маскираниот говор на омраза што го детектираме и анализираме, се целело да се промовира нетолеранција кон една цела група врз политичка основа (СЈО се поистоветува со СДСМ), но истовремено за тоа да се постигне, се поттикнува омраза на „верниците“(овој пат од православна вероисповест, бидејќи е во прашање МПЦ и црква), против друга вера и националност.

Зашто, ако се демаскира камуфлираниот говор на омраза, произлегува дека Фатиме Фетаи, Албанка, која најверојатно е муслиманка, „тргнала против сите граѓани“ и „тргнала против верниците“.

Крајната цел, секако, дека е вртење на јавноста од фактите и ширење на дискредитација кон СЈО, со тоа и кон СДСМ, а преку СДСМ на политичка основа нетолеранција кон сите членови и симпатизери на оваа партија. Но, со употреба на ваквиот говор, ВМРО-ДПМНЕ свесно или несвесно поттикнува и национална и верска нетолеранција, директно посочувајќи дека Фетаи е таа што е против граѓаните и против верниците.

Патем, говорот на омраза е казнив и според неколку членови на Кривичниот законик во Македонија, а еден од нив, член 397 –г тоа го регулира на следниот начин (стр.168):

(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2) Со казната од ставот (1) на овој член, ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција