ВМРО-ДПМНЕ: Закон за зеленило

Фото: Википедија

Со законот треба да се уреди планирање, проектирање, подигање, уредување, одржување, заштита, користење и финансирање на зеленилото, управувањето со него, како и надзорот врз примената на законот. Основна цел е со зеленилото да се управува на начин со кој трајно ќе се зачува и ќе се зголеми неговата вредност, а ќе се обезбеди и спроведување на неговите плански, социјални, еколошки и економски функции. Буџет: нема фискални импликации [Рок: 2015 година]

 

Образложение:

Медиумите на 11.01.2016 година пишуваа дека Собранието на Република Македонија на 85-та седница ќе расправа за Предлог-законот за урбано зеленило. [Пристапено на 12.01.2016 ]

Тоа може да се потврди и на веб страницата на Собрание, каде на дневниот ред на споменатата пленарна седница ова законско решение стои стои како 75 точка:

Предлог на закон за урбано зеленило – I читање; (Поднесен од: Лилјана Поповска, Солза Грчева, Љубица Буралиева, Роза Топузова Каревска, Павле Трајанов)  [Пристапено на 12.01.2016 ]

Пратениците во Собранието на 85 седница дебатираа само до петата точка од дневниот ред. Засега сè уште нема закажно продолжение на оваа седница, па затоа и не може да се предвиди кога оваа точка ќе стигне на расправа.

Инаку, ДОМ пред пет години го иницираше носењето на Законот за урбано зеленило низ повеќе фази. Започна од предлог за изработка на зелен катастар на Скопје во 2011 година, по што следеше поддршка од градоначалникот на Скопје, донаторска конференција и одвојување буџет за таа намена. Соработката продолжи со поддршка и на иницијативата за Закон за зеленило во 2012 година, кога беше формирана работна група за изработка на законот, од членови на Комисијата за екологија на ДОМ, претставници од Градот Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Агенцијата за урбанизам и просторно планирање. Во јуни и јули 2013 година првата верзија на законот помина две расправи со претставници од Градот Скопје и општините, а подоцна и во ЗЕЛС, од каде доби поддршка на 5 февруари 2014 година. Законот за зеленило за прв пат беше поднесен во Собранието на Република Македонија од страна на пратеничката Лилјана Поповска на 26 февруари 2014 година и беше одбиен. Следеше период на ново усогласување на текстот со Министерството за транспорт и врски, нова јавна расправа со претставници од Градот Скопје и ЗЕЛС, како и јавна кампања на ДОМ за потребата од носење на ваков закон. Новата верзија на законот, преименуван во Закон за урбано зеленило, беше поднесена на 4 јуни 2015 година и беше повторно одбиена. По шест месеци од последното поднесување, според деловничките правила, законот се поднесува по трет пат.   [Пристапено на 12.01.2016 ]

Неусогласеноста со законите за просторно и урбанистичко планирање и за градење, според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска, е една од причините поради кои мнозинството во парламентот во јуни 2015 година не даде зелено светло за законот за урбано зеленило:

Ниту еден закон не треба да важи за дел од територијата на земјата, а тоа беше случај со овој закон. Имаме општини кои се целосно рурални и немаат урбани средини. Затоа сметаме дека треба да се изготви закон за зеленило, а одредбите за урбаното зеленило треба да бидат дел од тој закон.  [Пристапено на 12.01.2016 ]

Пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска, пак, тогаш изјави  дека законот е повторно одбиен, иако тој бил дел од коалиционен договор. Првпат, пред парламентарците се најде во  февруари  2014 година, но и тогаш не доби поддршка од мнозинството:

Разочарува односот на пратениците, кои, одбивајќи го законот, му даваат предност на бизнисот на малкумина, пред здравјето на сите граѓани. Тоа значи дека и понатаму ќе продолжи злоупотребата на зелените површини и нивно претворање во бетон.

Ако, пак, проблемот е во тоа КОЈ го поднесол законот, ги повикуваме колегите од владиното мнозинство ТИЕ да го поднесат. Ќе ја имаат поддршката и од нас и од секој граѓанин кој сака квалитетен живот.  [Пристапено на 12.01.2016 ]

Законот (во прво читање) во моментот се наоѓа во собраниска процедура и не може да се предвиди кога тој ќе биде на дневен ред и дали парламентарното мнозинство ќе го изгласа. Поради сето ова може да се заклучи дека ова ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето.

 

Линкови:

 

Оценето од: Владо Ѓорчев

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција