Во Аеродром целосно реконструирана улицата „Венијамин Мачуковски 4“
Проект: Изградба на новопроектирана улица Венијамин Мачуковски 4 ( Мичурин)
Опис на проектот: Изградбата опфаќа изведба на градежен дел со асфалтирање на улицата и изградба на тротоари. (Рок: 2016-2017 година Извори на финансирање: Буџет на Општината)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Реконструираната улица „Венијамин Мачуковски“ во скопската населба Мичурин е свечено пуштена во употреба на 1 август 2016 година. Ова е исполнето ветување на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, дадено во неговата Изборна програма (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром! (Транспорт и патна инфраструктура, стр. 57).
Според извештаите во медиумите, делницата на улицата за која станува збор, е пуштена во употреба во август 2016, истовремено со делот од улицата „Анастас Митрев“ во истата населба, кој исто така доживеа реконструкција. На свеченоста организирана по тој повод градоначалникот Коневски, меѓу другото, рече :
Вкупната должина на едната улица е 160 метри, а на другата 110, додека широчината на двете улици е по 6 метри. Покрај двете улици се изградија и тротоари со широчина од по 1,5 метри од двете страни на улиците. За овој проект Општина Аеродром издвои околу 3 милиони денари од својот буџет
Инаку, самата најава за проектот (во Програмата на Коневски) „изградба на новопроектирана улица“, делува збунувачки со оглед дека улицата постои од порано, но, според надлежните од Општината, станува збор за темелна реконструкција на постојната траса на улицата која доби сосема нов изглед, односно таа е проширена, има нов коловозник, тротоари и друга улична инфраструктура.
Дотраеноста на улицата „Венијамин Мачуковски“ била долгогодишен проблем за жителите на овој дел на Скопје. Еве што за состојбата на улицата пишува пред 10 години весникот „Вест“:
Дупки, нерамен и испукан асфалт и искршени тротоари со години зајаат на улицата Венјамин Мачуковски во населбата Мичурин, во скопската Општина Аеродром,
пишува „Вест“ потсетувајќи дека Мичуринци со огорченост коментирале дека:
дупките се невидливи за локалните власти од Аеродром кои секојдневно поминуваат по улицата, бидејќи на Венјамин Мачуковски е сместена и општинската зграда.
Според ова, темелната реконстракција на улицата „Венијамин Мачуковски“ можеме да ја оцениме како исполнето ветување на градоначалникот Коневски.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на ВМРО ДПМНЕ за локални избори 2013-2017 Ивица Конески, Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром, (Транспорт и патна инфраструктура, стр.57) [Пристапено на 29.03.2017]
- Радио Слободна Македонија, 1.08.2016 Пуштени во употеба реконструираните улици Анастас Митрев и Венијамин Мачуковски, [Пристапено на 29.03.2017]
- ВЕСТ, 3.09.2007, Дупка до дупка на улицата Венјамин Мачуковски [Пристапено на 30.03.2017]
Оцени: Југослава Дуковска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар