Во дел од проектот за млади на владејачката партија има елементи на дискриминација

Фото: Pixabay.com

Проектите кои ги најавува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во последниов период, посебно за млади, се дискриминаторски и според Устав и според Законот за спречување и заштита на дискриминација. Тоа го потврдува и професорот Осман Кадриу, според кој со тоа се обесхрабруваат граѓаните посебно во ваква економска состојба.

 

Дел од проектите кои ги најавува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во последниов период, посебно за млади, се дискриминаторски и според Устав и според Законот за спречување и заштита на дискриминација.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски е во акција на промоција на нови проекти, кои забрзано ги промовира, посебно откако не е веќе премиер. Тој само на 8. март, 2016 година промовираше шест нови мерки наменети за младите.

 

НОВИ МЕРКИ ЗА МЛАДИ

Меѓу проектите се и бесплатна ласерска корекција на диоптрија за студентите кои имаат проблем со својот вид и таа ќе се однесува за сите студенти од 18 до 26 години кои потекнуваат од семејства со остварен годишен нето приход до околу 115 илјади денари. Ласерката корекција на диоптрија ќе се однесува за студентите кои имаат диоптрија над плус или минус два. Трошоците за ласерската корекција на видот ќе бидат на Фондот за здравствено осигурување, а оваа мерка ќе почне да се применува од 2017 година за што претходно ќе бидат направени неопходните измени во Законот за здравствено осигурување.

Вториот проект е обезбедување бесплатни леќи и очни помагала за средношколците и студентите од 14 до 26 годишна возраст, кои потекнуваат од семејства чии вкупни месечни приходи не надминуваат бруто износ од  околу 32.000 денари.

Тој најави и субвенционирање на музички инструменти за младите и со него секоја година ќе се субвенционираат до 50 млади музичари со еднократен паричен надоместок од 75 проценти од сумата за купување на инструментот, чија вредност не треба да биде поголема од 100 илјади денари.

Претходно, во јануари годинава, Груевски најави бесплатен железнички превоз за млади до 27 години секоја прва и трета недела во месецот, бесплатна обука за компјутерски вештини и англиски, германски и француски јазик за околу 2,000 млади лица до 29 години.

На 17.12.2015 година, тогаш како премиер, Никола Груевски во придружба на неколку членови на кабинетот го најави почнувањето на новиот „мега проект“ на Владата, а тоа е обезбедување дом -„Куќа за млади“. Овој проект се однесува за сите млади луѓе до 35 години.

Тоа што предизвикува дилема кај сите овие ветувања е дали тоа значи дека со нив тој диксриминира одредена група на граѓани, на сметка на оние луѓе кои се опфатени со мерките.

Соговорниците на „Вистиномер“, тврдат дека мерките на Никола Груевски за младите, пензионеритe и други категории се спорни од повеќе аспекти. Дел од мерките се дискриминаторски, а туку се и економски неоправдани и неправедни. Понатаму, тие се популистички и особено, имајки го предвид предизборниот период – крајно манипулативни.

Примерите се безбројни, а намерите – неискрени. Сетете се само на мерките за вработување кои исклучуваат важни компоненти за опстанок на бизнисите, исклучувањето на приватните пензиски фондови кои се законска обврска на сите вработени и така до бескрај. Овие мерки не се базираат на реални проценки, па затоа и не содржат евалуација за точните трошоци, бидејќи нема конкретна бројка на граѓани кои ќе се опфатат, туку по принципот кој дојде – услужен, се остава отворена можноста и тоа е карактеристика на повеќето од овој тип мерки досега – вели аналитичарот Суад Мисини.

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА СПОРЕД УСТАВ И ЗАКОНИ

Покрај тоа што тие се предлагаат без реална проценка и анализа, со нив се врши и дискриминација врз останатите граѓани. Во секоја демократска држава каква што сака да биде и Македонија дискриминацијата е забранета и со највисокиот правен акт.

Па така членот 9 од Уставот на Република Македонија е јасен:

Член 9

Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Инаку, за тоа што значи дискриминиција, во Законот за заштита и спречување од дискриминација се вели следново:

Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа; (член 5, став 3)

Од наброените критериуми за што не треба граѓаните да се подвојуваат, во овој член од законот јасно стојат и критериумите „социјално потекло“, „имотен статус“ и „возраст“. Што значи законодавецот пртолкувал дека е дискриминација е „непосредно или посредно правње на разлика…или давање првенство…кое се заснова на … „социјално потекло“… „возраст“… „имотен статус“. Врз основа на овие три критериуми Груевски најавува помош за одредени групи.

Истите овие критериуми се наведени и во член 3 од истиот закон, кој пропишува дека дискриминацијата е забранета за:

Се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Во Македонија има и тело кое е формирано за заштита на дискриминацијата. На веб-страницата на Комисијата за заштита од дискриминација како основ за дискриминација е наведено:

Се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз повеќе основи меѓу кои се и:

  • образование,
  • возраст

…моменти по кои најчесто се врши дискриминација во проектите кои ги најавува Груевски.

Што се однесува до мерките за ласерска корекција на диоптријата и доделување  очни помагала на товар на Фондот за здравство за одредени категории млада популација, може да се погледне Законот за здравствена заштита, каде на почетокот се набројани и начелата на здравствена заштита во Република Македонија:

Начело на правичност -Член 9

Начелото на правичност на здравствената заштита се остварува со забрана на дискриминација при укажувањето на здравствената заштита по однос на раса, пол, старост, национална припадност, социјално потекло, вероисповед, политичко или друго убедување, имотна состојба, култура, јазик, вид на болест, психички или телесен инвалидитет. 

И тука се наборени критериумите за забрана за подвојување или дискриминација по однос на возраст (старост) и социјално потекло.

И за професорот Осман Кадриу проектите кои ги најавува Никола Груевски на прв поглед изгледаат неправични за граѓаните.

Ако тие се прават со политички мотив за добивање на политички поени во изборен период воопшто не е во ред и се дискриминирачки. Со тоа се обесхрабруваат граѓаните посебно во ваква економска состојба. Проблем е, исто така, што има луѓе кои работат, а не земаат плата, или, пак, на луѓе кои не им се плаќаат придонеси, а Груевски најавува вакви мерки  – изјави Кадриу за „Вистиномер“.

 

МЕРКИТЕ ИМПЛИЦИРААТ И ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ

Ваквото неодговорно и манипулативно креирање мерки, според Мисини, има одредени влијанија и врз дизајнирањето на буџетот.

Од искуство е веќе познато дека трошокот за ваквите мерки е далеку под апстиненцијалниот праг на задолжување на оваа влада. Оттаму и леснотијата за нивно креирање и особено маркетиншка (зло)употреба, што е, всушност, и главната цел на Груевски: бескрајно, секојдневно и упорно малтретирање на јавноста и граѓаните со безбројни мимикриски затупувања и оддалечувања од коренот на проблемите – ни изјави Мисини.

Конечно, триплирањето на илјадниците „проекти” со кои се бомбардира јавноста, тврди Мисини, имаат за цел победа на избори – што е легитимна политичка цел во нормални услови.

По секоја цена! Заради елементарниот опстанок – не само политички, туку и кривичен! По секоја цена значи токму тоа: колку чини – толку! Не постои износ кој заради постигнување на ваквата цел е висок, недостижен, неоправдан или невозможен. За жал, општеството составено од клиенти, уплашени граѓани и мафио-апологети, нема одговор на ова конечно заробување на државата. Барем не во догледно време – вели Мисини.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција