Во интервјуто на Спасовски нема показатели за следење и прислушкување на „Бојкотирам“

Оливер Спасовски. Фото: Веб сајт на МВР

„Вистиномер“ не може да потврди дека во интервјуто на Спасовски има признание дека членовите на Кризниот штаб се следат и се прислушкуваат, поради што тврдењето дека тоа е така го оценуваме како невистина

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вчерашното интервју за МИА призна дека МВР и надлежните служби ги следат противниците на референдумот. Ова е скандал сам по себе да се следат од МВР неистомислениците од Кризниот штаб против референдумот иако плурализмот е една од темелните вредности во Уставот на Република Македонија.

Да се нареди полициска опсервација што значи следење и прислушување само затоа што македонскиот народ и поголем дел од граѓаните нема да излезат и ќе го бојкотираат референдумот на 30 септември, нема основа во Уставот и законите на Република Македонија…

[Извор: ТВ 24  – Кризниот штаб против референдумот.., датум: 25.08.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на челните луѓе на Кризниот штаб против рефередумот, кој предводи 28 здруженија на граѓани и вонпарламентарни партии што се противат на гласањето на граѓаните за договорот од Нивице меѓу Скопје и Атина, дека Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи признал дека ги следи и прислушкува противниците на референдумот, е невтемелено, што значи нема докази дека е вистина.

Кризниот штаб на 25 август излезе во јавноста со реакција на интервјуто на Спасовски за МИА дадено два дена претходно на 23 август, во која се наведува дека министерот признал оти ги следи противниците на референдумот и дека таквата постапка е противуставна и незаконска. Во реакцијата се бара одговорност за таквата постапка.

МВР истиот ден излезе во јавноста со демант, во кој се наведува дека министерот Спасовски јасно кажува дека и тој како и сите граѓани на Република Македонија следат што се случува во однос на референдумот односно поставеноста на политичките структури во однос на референдумот, а меѓу нив и на платформата „бојкотирам“, кои имаат легитимно право да излезат со свој став.  Од МВР, ставот на Кризниот штаб го нарекоа извртување и шпекулација.

„Вистиномер“ го препрочита интервјуто и искажаните ставови на Спасовски. Она што го тврди МВР во демантот се однесува на првата реченица од одговорот на Спасовски на поставеното прашање за руското влијание во Македонија врз дел од политички структури во контекст на приклучувањето кон НАТО, особено, каде што Спасовски одговора дека тој „ги следи тие состојби исто како што ги следат и сите граѓани во однос на референдумот, во однос на поставеноста на политичките структури на референдумот“. Оваа реченица навистина со ништо не покажува дека тврдењето на Кризниот штаб е точно.

Она што МВР не го наведува во својот демант, е реченицата што се наоѓа неколку редови подолу во рамките на истиот одговор на Спасовски. Тој таму вели:

А, за таа платформа Бојкотирам која се формира во Република Македонија, ние ја следиме, гледаме кои се тие луѓе. И тие имаат легитимно право да излезат со свој став. Меѓутоа, бојкотот не е став.

Веројатно ова е реченицата на која реагираат од Кризниот штаб на организациите и партиите што се против референдумот.

Земајќи го целиот контекст на прашањата и одговорите поврзано со ова, повеќе изгледа дека реченицата не е искажана во својство на активности на МВР, туку на Спасовски како припадник и функционер на владејачка партија која управува со извршната власт. Дотолку повеќе што на крајот од реченицата Спасовски дава (политички) став, дека „бојкотот не е став“.

Сепак, дури и ако зборовите на Спасовски се дадени во контекст на прв човек на МВР – ние ја следиме (бојкотирам), гледаме кои се тие луѓе – тоа повторно не значи дека тврдењето на Кризниот штаб е вистинито, односно дека станува збор за (физичко) следење и прислушување. Зборот следиме, може да значи и само пасивна опсервација на изјави, ставови, интервјуа, говори на членовите на Кризниот штаб, нешто што спаѓа во редовна работа на специјализирани оддели на МВР и на секое друго министерство за внатрешни работи во која било друга земја, кога се прави анализа на безбедносната состојба во земјата.

Врз основа на погоре кажаното, „Вистиномер“ не може да потврди дека во интервјуто на Спасовски има признание дека членовите на Кризниот штаб се следат и се прислушкуваат, поради што тврдењето дека тоа е така го оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

This article was created within the framework of the Project to increase the accountability of the politicians and political parties Truthmeter implemented by Metamorphosis. The article is made possible by the generous support of the National Endowment for Democracy(NED) and The Balkan Trust for Democracy (BTD), a project of the German Marshall Fund of the United States, an initiative that supports democracy, good governance, and Euroatlantic integration in Southeastern Europe. The content is the responsibility of its author and does not necessarily reflect the views of Metamorphosis, National Endowment for Democracy, the Balkan Trust for Democracy, the German Marshall Fund of the United States, or its partners.

Оставете реакција