Во Велес сè уште нема покриен пазар – Општината тврди ќе го има

Илустрација од Нацрт проектот. Фото: Општина Велес

 

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски во предизборната програма во 2017 година го даде следното ветување, кое не е исполнетo:

ИЗГРАДБА НА ТРГОВСКО-ДЕЛОВЕН ЦЕНТАР „ГРАДСКИ ПАЗАР“

Постојниот градскиот пазар е во многу лоша состојба, неуреден и запоставен. Недостига соодветно урбано решение. Затоа е неопходно итно подобрување на условите како за производителите на земјоделски производи и продавачите, од една страна, така и за граѓаните-купувачи, од друга страна. Општина Велес ќе обезбеди соодветен објект според највисоките меѓународни стандарди кој, од една страна, ќе ги задоволи сите просторни потреби на засегнатите целни групи, а од друга страна, ќе овозможи креирање нов урбан пејзаж во овој дел од градот и заштита на животната средина. Составен дел на новиот објект покрај покриениот градски пазар ќе бидат и деловните простории и паркинг-просторот. Објектот ќе биде пристапен за граѓаните со посебни потреби.(Рок 2018 година)

[Извор: СДСМ/План за живот во Велес – датум: октомври 2017 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за затворен градски пазар во Велес спаѓа во групата ветувања кои не се остваруваат веќе два мандата, од двајца различни градоначалника, при што разликата е во тоа што претходниот почнал со реализација до ниво на договор за градба, кој потоа беше раскинат.

Вистиномер на почетокот на 2017 г. веќе го има оценувано ова ветување како неисполнето, што во мандатот 2013-2017 година го ветил претходниот градоначалник Славчо Чадиев.

Промена од таа состојба до одржувањето на изборите сепак се има случено и тоа на два, три пати. Најанапред, стариот градоначалник пред крај на мандатот во 2017 година потпишал договор со градежната компанија „Изгрев инженеринг“ од над 10 милиони денари за изградба на првиот дел од покриениот пазар, преку јавна електронска набавака со негативно наддавање.

Новиот градоначалник веќе во ноември истата година ја раскинува набавката, т.е. договорот, со официјално објасување да се стабилизира финансиската состојба на општинската каса. Заедно со оваа инвестиција беше раскинат и договорот за изградба на кружниот тек во Велес во близина на пазарот.

Следната промена е настаната при крајот на 2018 година. На интернет може да се најдат изјавите на градоначланикот Коцевски дека за прашањето дали ќе има или ќе нема таков објект, зависи од интересот на големите маркети да влезат во јавно-приватно партнерство со градот.

– Доколку  утврдиме дека кај големите маркети нема интерес, тогаш во програмата на  буџетот  на Општината за следната година како еден од приоритетите ќе ставиме да се реконструира постоечкиот Градски пазар, со модификација на веќе изготвениот проект, изјави Коцевски (Извор: Сител/МИА).

На сајтот на Општината за 2019 година единствено може да се најде информацијата дека била планирана измена на ДУП-от за неколку урбанистички единици поврзани со пазарот, како дел од Програмата за урбанистички планови во 2019 г. што била усвоена на седницата на Собранието на Општина Велес. Буџетот за 2019 година од нешто над 14 милиони евра, за жал, не успеавме да го најдеме на сајтот.

„Вистиномер“, по проверката на фактите од она што е јавно достапна информација, може да заклучи дека ветувањето не е исполнето. Тоа го потврдивме и во разговор со колеги од Велес, а ни е потврдено и од Општината, со повторување на ланската изјава на Коцевски дека покриен пазар сепак ќе има:

Ние сме постојано во контакт со потенцијалните трговски ланци за изнаоѓање заеднички интерес за изведување на проектот. Доколку изнајдеме заеднички јазик добро, но доколку не, проектот постои и Општината ќе го заврши со сопствени средства – изјави за „Вистиномер“ Пенчо Кимов од Кабинетот на градоначалникот Коцевски

Но засега, покриен пазар во Велес сè уште нема, а рокот за тоа беше до крајот на 2018 година и тоа како еден од капиталните проекти ветени во програмата на актуелниот градоначалник. Според тоа, ветувањето не е исполнето. Да потсетиме дека за истото неисполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ во предизборната 2017 година ја потсетуваше јавноста преку прес-конференција.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.