Времената депонија во гевгелиско е изградена, ама не на нова локација

Од свеченото предавање во употреба на времената депонија кај Ново Конско Фото.gevgelija.gov.mk:

Нова локација за депонијата

Сегашното предложено решение – изградба на времена депонија во подножјето на планината Кожуф е спротивно на еколошките стандарди и спротивно на волјата на граѓаните... Изградбата на депонијата на локација повисока од градот ќе значи опасност од загадување на сите елементи на животната средина, вода, воздух и почва. Дополнително на ова, постои опасност дека изградбата на депонијата на предложената локација ќе го доведе во опасност водоснабдувањето на општината, поради близината на депонијата со изворите кај с. Моин...

 Затоа, новата локална власт се обврзува на повторување на постапката за утврдување на локација за времената депонија и во редовна комуникација со граѓаните и под водството на експертите да изнајде нова погодна локација која ќе обезбеди одржливо решение за изградба на времената депонија која ќе биде во функција сè до изградбата на Регионалната депонија.

Решавањето на проблемот со локацијата на времената градска депонија ќе биде во согласност со еколошките стандарди, почитувајќи ги волјата и гласот на граѓаните.(Рок: 2018 година)

 

[Извор: Изборна програма на Сашо Поцков за локални избори 2017 година,  „Живот во Гевгелија за сите“ (стр. 22), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков како кандидат на СДСМ за челната градска функција, за локалните избори (15.10.2017 г.)  вети „повторување на постапката за утврдување на локација за времената депонија и изнаоѓање нова погодна локација која ќе обезбеди одржливо решение за изградба на времената депонија која ќе биде во функција сè до изградбата на регионалната депонија“. Ова негово ветување дадено во изборната програма: „Живот во Гевгелија за сите“ (стр. 22), е неисполнето.

Новата времена комунална депонија е изградена на истата локација  која беше определена уште во времето на претходната локална власт – кај Конско во подножјето на Кожув. Тоа е потполно истата локација за која Поцков во програмата за локалните избори напиша дека изградбата на времена депонија во подножјето на планината Кожуф е спротивно на еколошките стандарди и спротивно на волјата на граѓаните...“

Постапката за изградба на времената депонија на сегашната локација (Ново Конско), како што може да се види од објавата (15.07.2016) на веб-страницата на Општина Гевгелија и во медиумите, е почната во мандатот на претоходното општинско ракободство   предводено од ВМРО-ДПМНЕ, кога градоначалник на Гевгелија  беше Иван Франгов. Информациите од тој период, меѓу другото,  говорат и дека на јавен увид и консултација со јавноста бил ставен Нацрт-извештајот за нејзиното влијание врз животната средина.

На 05 октомври 2017 г., десет дена пред локалните избори( 15.10.2017), во Гевгелија се одржа и јавна расправа   за Студијата за оцена на влијанието на времената депонија за неопасен отпад врз животната средина. На оваа јавна дебата, како што беше пренесено, било истакнато дека:

Депонијата кај село Ново Конско ќе биде првата современа депонија за комунален отпад во Македонија и  ќе претставува најсоодветно решение за досегашните проблеми на жителите од Општината кои ги создаваше дивата депонија.

Набрзо по смената на локалната власт, на 02.11.2017 година,  постојаната претставничка на УНДП во земјава, Лујза Винтон на  средба  со градоначалникот Сашо Поцков, истакна дека соработката меѓу Општина Гевгелија и УНДП ќе продолжи.

Сега се наоѓаме пред значаен предизвик како за нас така и за општината,а тоа е изградбата на времената депонија за неопасен отпад крај Гевгелија која ќе биде градена според Европски стандарди, рече Винтон во оваа прилика нагласувајќи дека :

изведувачот е веќе избран и дека во тек е тендерската постапка за избор на стручен надзор.

На 26 јануари 2018 година започна изградбата на новата времена депонија за комунален отпад. На веб – страницата на Општината и во медиумите беше пренесена информацијата дека :

По тој повод, во Општина Гевгелија беше одржана презентација на проектот, на која присуствуваа постојаната претставничка на УНДП во нашата земја, амбасадорката Луиза Винтон и амбасадорката на Јапонија во нашата земја Кеико Ханеда. Тие заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков ги посетија градилиштето на депонијата кај Ново Конско.

Почетокот на изградбата  на новата времена депонија за комунален отпад кај Конско  се споменува и во Отчетот (стр.6) на градоначалникот Поцков за првите 100 дена од неговиот мандат. А на сајтот на Општина Гевгелија е поставен и видео материјал за времената депонија за комунален отпад кај Ново Конско.

Изградбата на споменатата депонија која е на површина од 2 хектари,  оддалечена 7 километри од Гевгелија и 1,3 километри од најблиското населено место Ново Конско, е веќе завршена и таа неодамна (24.10.2018 г.) беше предадена во употреба.

Имајќи ги предвид горенаведените информации, изборното ветување на Поцков дека „времената депонијата ќе се гради на нова локација“, го смемате за неисполнето.

 

**** Забелешка

„Вистиномер“  на крајот на септември испрати мејл во кој  побара појаснување  од Општина Гевгелија,  за тоа на која локација точно се гради депонијата и дали новата локална власт ја повторила постапка за утврдување најповолната локација, но оттаму досега (30.10.2018) не добивме одговор.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.