Времето на Груевски заврши, тој веќе не може ништо да ветува

Допрва нови мерки? Фото: скриншот

Нејасно е во кое својство Груевски најваува нов проект – конкурс за странски ескерти?! Тој веќе не е во позиција да ветува владини проекти и да прави планови за нивно спроведување. Сакал Груевски да признае или не, неговото владеење заврши

 

Нејасно е во кое својство Груевски најваува нов проект – конкурс за странски експерти?! Тој веќе не е во позиција да ветува владини проекти и да прави планови за нивно спроведување. Сакал Груевски да признае или не, неговото владеење заврши

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера (10.05.2017) ја даде следната изјава во која, меѓу другото, соопшти дека Владата наскоро планира да објави, конкурс за компании во Македонија кои ќе се пријават да користат искуства од странски експерти:

Морам да потенцирам дека владата на ВМРО-ДПМНЕ до последен ден ќе работи да ги исполни барањата на граѓаните, до последен ден ќе работи за да ја подобри состојбата и животот на граѓаните и од тие причини се очекува овој оглас да излезе следната недела и ќе трае 45 дена и во кој што сите компании во Македонија кои што се квалификуваат за тој оглас ќе може да се пријават и да побараат државата да обезбеди странски експерт за нивната компанија.

[Извор: КурирДатум: 10.05.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја даде при по посетата на новоизградената спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во Кратово, а во која најавува дека Владата ќе распише нов оглас за ангажирање на странски експерти во домашните фирми,  е сосема несоодветна и ја оценуваме како „недоследна“.

Особено, ако се има предвид актуелниот политички момент во државата, кога се очекува да се случи трансфер на власта и формирање на нова влада предводена од СДСМ. Така што, нејасно е во кое својство Груевски најавува нов проект – конкурс за странски ескерти?!

Тој во моментот е лидер на партија, која онака како што стојат работите – според исходот од последните парламентарни избори (декември 2016) и распределбата на силите во Собранието, е опозициска партија. Впрочем, тоа го признава и самиот Груевски кога вели:

…владата на ВМРО-ДПМНЕ до последен ден ќе работи да ги исполни барањата на граѓаните, до последен ден ќе работи за да ја подобри состојбата и животот на граѓаните

Од друга страна, Владата воопшто не е на ВМРО-ДПМНЕ, туку е „техничка (преодна) влада“, која, според Договорот од Пржино, имаше задача да ги спроведе изборите. Емил Димитриев е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, тој е технички премиер. Тоа се фактите, а сосема друга работа е што Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, актуелната Влада ја третираат како влада со цел политички легитимитет.

Изјавата на Груевски делува чудно во  ситуација кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, чека да го добие мандатот од претседателот Ѓорѓе Иванов, за составување на новата Влада, за која има поддршка од ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците. Па, во ситуација кога формирањето на новата Влада може да се случи многу скоро, според најавите од Заев, до крајот на овој месец (мај 2017), смешно е Груевски да кажува дека наредната недела Владата ќе распишела оглас кој ќе трае 45 дена и во кој што сите компании во Македонија кои што се квалификуваат за тој оглас ќе може да се пријават и да побараат државата да обезбеди странски експерт за нивната компанија!

Груевски веќе не е во позиција да ветува владини проекти и да прави планови за нивно спроведување. Сакал тој да признае или не, неговото владеење заврши, па ваквиот негов исказ во најмала рака е неумесен.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција