Врзани садови: Новинарските ѕвезди како дел од политичките елити

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Како новинар или уредник во македонски медиум вие можете да штитите интереси на елитата како платеник. Најчесто за пари со кои не можете ни да изнајмите еднособен стан! Но, некои од таа група стануваат и елита по себе – тие по тантиемите кои ги добиваат во реалниот живот влегуваат во ѕвезда системот, кој има висока цена како во врвниот фудбал, на пример. Или тие наши колеги веќе се на рангот на холивудски ѕвезди во земјата која нема блескави и успешни филмови, но има скапо платена и корумпирана политика

Медиумските ѕвезди се, пред сѐ, плод на телевизијата и нејзината моќ да врзе огромна публика за себе. Оваа магија создава потреба во политиката и нејзините актери да ја преземат (позајмат) нивната слава преку ангажирање или покажување на било каква блискост со славните личности од пред камерите, на некој начин да ја трошат заедно таа слава, бидејќи, неретко, се покажува дека претходно „вистинската страна“ во политиката ја отворила прва вратата од нечие ТВ студио за денешните славни ТВ ведети.

„Медиумските личности ја претставуваат глобалната елита и посебниот слој на општеството кој функционира спрема законитостите кои само делумно можат да се применат и на припадниците на традиционалните елити. Нивната најголема вредност е славата, а привилегираниот елитен статус се смета за директна последица на медиумската активност. Новата елита, која ја прават ѕвездите, е продукт на нашето време – славните личности станале елита, благодарејќи на медиумите, ама има основ во – масовната публика. Тие имаат специфична општествена моќ преку тоа што имаат специфично место во секојдневниот живот на масовната публика “ (Маја Вукадиновиќ – Мегатренд).

Случајот со нашата колешка Ивона Талевска и настаните околу тендерот во Министерството за здравство, покажа дека ТВ славата на една млада новинарка, најнапред со подршка на политиката, ѝ донесе раководна позиција во два различни медиуми а потоа и пат на олеснето доаѓање до буџетски средства преку нејзино вплеткување во бизниси далеку од новинарството и преку нив до екстремен приход. Таа во стартот имаше добро искористена можност да се прикаже во улогата на „локална Аманпур“ во оружениот конфликт во земјава во 2001 година, кога стана миленичка на тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски (денес политички затвореник). За нејзините јавувања од фронтот беше ангажирана посебна „воена сила“ во форма на водич низ миниран терен, на пример. Нејзините репортажи, веројатно некаде, „таму горе“, така беше проценето, ја јакнеле борбената подготвеност кај нацијата и таа набргу стана заменик на главниот уредник на ТВ Сител. Потоа, во 2006 година кога познатиот менаџер Иво Лауренчиќ го продаде дневниот весник „Вечер“ на сопственикот на Европскиот универзитет – Бојо Андревски, таа заедно со својот шеф Драган Павловиќ Латас го зазедоа и кормилото на ова печатено издание. Иако во светот на журнализмот тоа не е вообичаена, некаде дури и стриктно забранета „умножена моќ“, бидејќи мириса на монополизација на медиумскиот простор, на судир на интереси (во случајот имаме два различни сопственици, за да нема законски пречки!), тоа кај нас минуваше без проблеми.

Ова секако е мал исчекор во приказната за тоа дека новинарите и уредниците се корисни за елитите, но дека тие во еден миг го минуваат прагот на подреденоста не нечиј интерес и влегуваат во кругот на привилегираните, со јасно обележана „своја територија“ во тој ареал. Фактот дека фирмата на Талевска во областа не трговијата со лекови, преку јавен тендер, кој и самиот министер за здравство го обележа како неетички, а потоа на мала врата и го поништи, му зела на здравството над еден милион евра, покажува како добро се наплатува статусот на ТВ ѕвезда!

„Дури и кога ќе ги отфрлат своите политички врски, медиумите создаваат вакуум во кој без пречки влегуваат ’важни пазарни интереси’, кои, сами по себе, не можат да функционираат како ’локомотиви на слободата’, туку само како уште еден ’систем на силна општествена контрола’. И тогаш не е чудно што медиумските производи ги одразуваат интересите на елитата. Се испоставува дека и самите медиуми се елита која не може да биде независна. И која не може да се препознае во дефиницијата на Хабермас, кој вели дека ’јавната сфера може да се приближи на автономијата само кога е независна и од државата и од комерцијалните интереси“. (Станко Црнобрња „Народ во публиката“, Политика, 1 март 2014).

Американскиот социолог Чарлс Рајт Милс го концептуализира поимот на „елита на моќта“ (power elite), имајќи во вид „луѓе чии позиции им овозможуваат да го надминат вообичаеното опкружување на обичните луѓе и жени; тие се во позиција која им овозможува да донесува одлуки што имаат големи последици“ (Grinin Leonid. 2009. People of Celebrity as a new social statum and elite). Да споменеме дека, според листата на магазинот Форбс во октомври 2010 година, најмоќна Американка била ТВ водителката Опра Винфри, а дури после неа доаѓа Хилари Родам Клинтон, која можеби и ќе стане иден претседател на САД.

Но, кога сме кај приказната за Талевска, треба да се спомене дека таа постојано ја ширеше својата публика, на тој начин зголемувајќи ја својата моќ врз гледачите пред малите екрани. Како што јави Либертас, таа ја пренесувала својата „вистина“ за настаните во земјава на „нашите северни соседи, Србите … како што беше информацијата дека на 24 декември минатата година, кога наводно опозицијата се обидела да направи државен удар и завчерашното апсење во полициската акција ’Шпион’ ги дознава преку главниот уредник на ’Вечер’ и уредник во ТВ Сител, Ивона Талевска. Македонската јавност беше збунета и бараше информација за тоа кој преку државната српска агенција ’Танјуг’ ја лиферувал веста дека суштината на ’црниот понеделник’ бил обидот на опозицијата да го симне од власта преку улица премиерот Никола Груевски. Од видеото е јасно дека Талевска е дописник на државната РТС, а според непотврдени информации, таа информира за состојбите во Македонија и преку ’Танјуг“.

Во исто време, таа беше вратата преку која српската врвна политика ќе влијае врз македонската јавност. Да го споменеме само интервјуто со српскиот претседател Николиќ во октомври 2012 година. Обично, ваквите интервјуа се прават преку попротоколарни форми, што кај нас би било преку дипломатскиот уредник на МИА, да речеме, или некој уредник во јавниот сервис МТВ.

Во развојот на меѓусебните односи Скопје- Белград, особено после прекинот на дипломатските односи што настанаа кога Македонија го призна Косово, секако дека таквите како Талевска помогнаа да се врати меѓусебната доверба меѓу двете земји, во рамките на интересите кои во еден миг се совпаднаа во метрополите.
Оваа, пак, епизода покажува дека за разлика од другите ѕвезди од областа на спортот, филмот или музиката, каде што настануваат најчесто ѕзвздите, новинарите не се „елита без моќ“. Првите се славни личности кои објективно не можат многу да влијаат на општествените текови, односно се луѓе чија „институционална моќ е многу ограничена или непостоечка“ (Алберони – Aleberoni Francesco, 2007 “The powerless elite – theory and sociological resеаrch on the phenomenon of the stars , пage 65-77). Од друга страна, новинарите од телевизиите, благодарејќи на својата видливост, го добиваат статусот на елита. Во случајот со Талевска таа тој статус го има, благодарејќи на широчината на опфатот на медиумите и зачестеноста на нејзината појава на малите екрани (за зачестеноста на појавувањето може да се види во Murray Milner, 2005, “Celebrity culture in America as a status system”), а малку или нималку на она што го говори или дури ниту заради стајлингот или начинот на кој говори.

Недостатокот на медиумска пробојност и отсуството на харизма во јавните настапи, да речеме, кај повторно актуелниот претседател Иванов, тој да се обидува да го надомести дружејќи се со ѕвезди од спортот, фолклорот, џез музиката, па и имајќи ја крај себе и споменатата „македонска Ананпур“ и тоа толку често што многу пати во медиумите се споменуваше дека му е неофицијален дел од штабот надлежна за материјата – медиуми!

Македонија, на планот влијание на медиумските ѕвезди врз политиката дури и доби потврда на т.н. Шварценегер модел (кога славна личност станува јавен функционер) преку ликот на Билјана Беличанец, која не се прослави како актерка, туку како позајмувач на гласот на телевизискиот лик во надсинхронизацијата во популарна ТВ серија (се работи за ликот на Хурем од „Сулејман величенствениот“), кога партијата на власт ја позајми практично преку неа популарноста на таа серија кај обичниот народ за себе, односно за своја промоција и тоа во општина каде многу веројатно најголем дел од населението целото слободно време го минува пред телевизорот.  Таа е денес, да се потсетиме, градоначалник на „Кисела Вода“, општина со официјално најголем број на жители во земјава.

И да се вратиме на привилегиите кај ваквите тв ѕвезди. Постои закономерност во тоа како политичките елити ги наградуваат своите сојузници од малите екрани. Кај Талевска, освен преку споменатиот случај, е видливо и по начинот на кој таа живее (види овде). Имено, според теоретичарот од Велика Британија, инаку новинар, Тоби Јанг, ѕвездите преку имитацијата на животот на горната класа го правата луксузот „поприфатив“, односно преку системот на „симболичен капитал“ општеството ги легитимизира нееднаквостите и ја прави сликата за привилегиите поподнослива – народот преку своите ѕвезди го живее животот „на горните“ (TobyYoung, 2008. “Lulled by the celebritariat”). Ова ја отсликува дури и потребата на политичката елита своите „класни содружници“ од медиумите да ги наградува не само заради извршените услуги, туку и заради потребата за „униформирање“ на оние со кои толку често се дружи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција