„Второ читање“ за легислативата за СЈО – „второ читање“ и за оптимизмот на Нуланд

Што го предизвикува оптимизмот? Фото: ВМРО-ДПМНЕ, од последната средба на Нуланд со Груевски

 

 

Веројатно од преголема желба за некаков позитивен исчекор, медиумите во земјата речиси бeз исклучок го потенцираа оптимизмот на високата американска функционерка, Викторија Нуланд, која по вчерашната обиколка на Македонија искажа уверување дека наскоро може да има пробив и позитивен исход на т.н. „пржински процес“. Тоа е можно, но праксата тера на крајна внимателност и претпазливост. Во Собранието уште не се заокружени ниту сите законски претпоставки за работата на СЈО!

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Работата на Јанева и на нејзиниот тим е од витална важност за обезбедување вистинско владеење на правото, за одговорност и за чист правен систем во државата, во смисла неинфициран од притисоци и корупција. Тоа е нешто апсолутно неопходно за Македонија да ги постигне своите евроатлантски цели и да стане членка на ЕУ и НАТО

Ова се зборовите на американскиот помошник на државниот секретар, Викторија Нуланд, по средбите што ги имаше во Скопје за време на својата последна посета со лидерите на четирите политички партии, со обвинителите од Специјалното јавно обвинителство и со невладиниот сектор.

Таа додаде дека тоа била втората цел на нејзината посета на Македонија.

Мојата втора цел е да дадам поддршка на процесот за јакнење на владеењето на правото и правдата во Македонија. 

Првата е да се размрда процесот од Пржино, со формалниот „Пржински договор“ кој на почетокот на минатиот месец го одбележа својот прв роденден, во услови кога не се гледаше речиси никаков излез од политичката криза. По разговорите со лидерите на четирите партии, Нуланд изрази оптимизам, кој како што забележува коментаторот на Утрински весник, не го појасни, но таа рече дека клучна ќе биде политичката волја, а таа видела таква за време на посетата.

Го напуштам Скопје охрабрена од она што го слушнав. Се надевам дека преговарачките тимови во следните неколку денови ќе се обединат околу некои идеи кои сега се на маса, со што ќе се фати курсот за одржување избори. За ова ќе биде потребна политичка волја од сите страни, а јас почувствував дека таа волја постои по средбите што ги имав денеска – рече Нуланд.

 

НЕМА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА БЕЗ ПРАВНА РАЗРЕШНИЦА

Госпоѓа Нуланд сигурно има информации кои ние, набљудувачите, ги немаме. Можеби и ќе се потврди нејзиниот оптимизам за некаков „пробив“ во преговорите. Но, да потсетиме за што се преговара – избирачки список и некаква реформа во медиумите, во која оддамна исчезна дури и буквата „р“ (Особено ако се потврдат информмациите дека било договорено опозицијата да именува главен уредник во јавниот сервис – МРТ). Тоа се главните услови за новиот „сигурен“ датум за одржување на предвремените парламентарни избори.

Но, Договорот од Пржино не се попираше само на ова. Тој, де факто, е преточена кратка патека за реализирање на голем дел од препораките на Рајнхард Прибе, наведени во неговиот Извештај и во заклучоците на Европската комисија кои беа дадени подоцна. Тие препораки содржат два дела – политички, кој треба да ги „избоксува“ препорачаните реформи и правен – СЈО, кое треба да ги расчисти сите индиции за криминал што јавноста можеше да го детектира преку емитуваните од опозицијата тајно снимани телефонски разговори.

Домашни и странски експерти и делумно посредници, досега имаа цврст став дека излез од кризата нема да има ако недостасува правниот елемент како составен дел од двата елементи за излез. Самата посета на Нуланд на СЈО и изјавата дадена на крајот, особено најавите за формирање на специјални судски и полициски оделенија, кои би биле составен дел од целокупниот систем на задоволување на правдата, делуваат убедително дека овој концепт нема да се напушти. Дури и ако ја пренебрегнеме симболиката на  реченицата „Мојата втора цел…“.

Стојан Андов, ветеран на македонската политичка сцена од нејзиното формирање, особено инсистира на тој правен елемент за излез од кризата и задоволување на правдата. Во интервју за „Дојче Веле“, Андов потенцира дека принципот на неказнивост треба да биде заборавен.

Само се залажуваме дека е можно да дојде до суштински промени во земјата, ако не се покаже дека во практиката се враќа принципот на правда, пред сè, со напуштање на принципот на неказнивост на луѓето од власта. За таа цел треба да се обезбеди со активност од сите домашни политички фактори и со помош од меѓународната заедница СЈО непречено да си ја врши својата должност, а истовремено да се најде форма за специјален суд во рамките на постоечкиот систем, кој ќе одлучува по предметите на СЈО. Откако ќе почне да функционира таквиот спој, може да се очекува промена на политичката состојба во земјата.

Како што наведува Андов за специјалното судско одделние како неопходен елемент за да профункционира работата на СЈО во целосен капацитет, такво мислење има и меѓу експертите и тоа не само во главниот кривичен суд во Македонија, Скопскиот, туку идентични такви и во Апелацискиот, што ги разгледува одлуките од Кривичниот во Скопје и во Врхониот суд. Таквото мислење без дилеми го изнесоа во јавноста во последно време адвокатите Константин Кратовалиев  (15 мин.) и Сузана Јошевска-Анастасовска, со тоа што Кратовалиев изнесе уште една, за македонски услови радикална идеја, а тоа е пренос на седниците од процесите во Кривичниот суд.

Медиумски овие процеси мораат да бидат покриени. Ние во Хаг имаме суд кој што цело време е транспарентен и врши демистификација на процесите што се одвиваат. Пред нас стојат процеси, кога би се формирале вакви (специјални) одделенија, кои што ќе имаат мистифицираност и тоа мора да биде отстрането. Тоа ќе оди во прилог како на лицето што ќе биде процесуирано, особено затоа што ќе се работи за високи екс или актуелни политичари. Од друга страна, ќе биде поткрепено она што се вели „Во името на граѓаните…“, па од тие граѓани ќе биде следено и гледано – вели Кратовалиев

Адвокатка Јошевска-Анастасовска, пак, вели дека најважна работа, ако се формираат такви одделенија, ќе биде начинот на изборот на судиите во нив.

Принципот на избор на судии е најважен. Ако нешто ни покажа праксата со формирањето на СЈО кога беше избран само главниот обвинител, а ѝ се овозможи таа сама да го бира тимот, е тоа дека, сепак, колегите меѓу себе најдобро се познаваат, па треба да се искористи тој потенцијал. Сепак, моделот за избор на судии треба да се третира со уште поголемо внимание од оној за избор на СЈО и ќе се сведе на политичко решение кое ќе зависи од договорот меѓу политичките партии. Во едно сум сигурна, а тоа е дека поучени од, сега веќе можеме да речеме, работата на СЈО, која е жестоко критикувана од партијата на власт, партиите нема лесно да го остават ова на „случаен избор“ – вели Јошевска Анастасовска.

 

РЕАЛНОСТА И ПРАКСАТА ТЕРААТ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ

Она што досега е видено како пракса во јавноста околу спроведувањето на Договорот од Пржино, особено клучниот дел, работата на СЈО, тера на претпазливост. (Впрочем, на сега гласните најави за специјални одделенија, веќе се јавија првите најави кочници).

Не смее да се изуми фактот дека тримесечните протести во Скопје, кои прераснаа во т.н. „Шарена Револуција“, започнаа токму со потребата за поддршка на Специјалното обвинителство, откако претседателот Ѓорге Иванов ја донесе контроверзната аболиција за 56 лица, која потоа под притисок на јавноста мораше етапно да ја повлекува.

Не смее да се изуми фактот, исто така, дека поддршката и задоволството од СЈО траеше само во првичните изјави на екс премиерот Груевски и на тогашниот министер за финансии, Зоран Ставревски, кои велеа дека беспоговорно ќе ја подржат правдата. Но, паралелно, опструкции од Обвинителскиот совет, од редовното Обвинителство, од други органи и институции, за веќе од декември 2015 да започне канонада против СЈО предводена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а потоа преземена лично и од Груевски, која трае до ден-денешен.

Уште помалку, пак, треба да се изуми фактот оти СЈО потврди дека во домот на поранешниот шеф на Петта управа во УБК на МВР и главно осомничен во случајот „Тврдина“, Горан Грујовски е пронаден тефтер во кој имало детали за следењето на СЈО, на обвинителите и за тоа кој влегува во зградата каде е сместено Обвинителството.

Впрочем, колку е власта расположена за поддршка на правдата зборува и фактот дека Законот за јавнообвинителските службеници во СЈО, што како итен го побара и Катица Јанева, а го поддржаа 20 пратеници од опозицијата уште на 15 декември 2015, а кој е еден од основните или многу важните закони за функционирањето на СЈО, дури сега е на ред на парламентарните обврски – дошол на II читање во Собранието на РМ.

FireShot Screen Capture #277 - 'Материјали' - www_sobranie_mk_materijali_ns
Без овој закон СЈО не може да работи нормално, а дури сега ќе се разгледува од Парламентот. Фото: скриншот од веб страницата на Собранието на РМ на 12.07.2016

Оттука, оптимизмот е добредојден, бидејќи нема граѓанин на кого веќе не му е смачено од кризава, та дури и оние кои можеби профитираат од нејзе. Но, „второ читање“ на тој оптимизам или доза на крајна внимателност и претпазливост е секако нужно, затоа што досегашното однесување на политичките актери во оваа криза, особено оние на владејачаката ВМРО-ДПМНЕ и нивните главни коалициони партнери ДУИ, не дозволуваат опуштање и преголема верба во „искрените намери“ или „политичката волја“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција