Вучиќ манипулира со референдумот, премолчува дека е консултативен

Фото: Принтскрин b92.net

Осврнувајќи се на референдумот во Македонија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во еден политички некоректен настап од Русија, даде изјава која ја сметаме за манипулативна и „недоследна“. Српскиот претседател, случајно или намерно, воопшто не споменува дека референдумот е консултативен, поточно дека тој е распишан за „консултирање на граѓаните“ и одлуката донесена на вакво референдумско изјаснување не е задолжителна

 

Овoj напис е изработен во соработка со нашите партнери од istinomer.rs во Република Србија. 

 

Српскиот претседател, Александар Вучиќ од Москва го искоментира исходот од референдумот во Македонија (30.09.2018), давајќи манипулативна изјава во која премолчи битен факт – дека овој референдум има консултативен карактер, што остава простор за погрешно и тендециозно толкување на резултатите. Подолу ја пренесуваме изјавата на Вучиќ, која според методологијата на „Вистиномер“, ја оценуваме како недоследна.

Не е мое да се мешам во внатрешните работи на една суверена земја… Се плашам и ми се чини дека некои луѓе од светот нѐ потценуваат нас балканските народи и мислат дека сѐ може – мислат, ќе видиме ако може со народот, ако не, тогаш нема со народот, ќе се обидеме со притисок врз пратениците, ако не може ни тоа, не е важно, мора така да биде… Би ги замолил луѓето од Европа и светот да покажат почит кон нас малите народи и да покажат дека разбираат што е тоа што се случува, кажа Вучиќ.

Тој, исто така, смета и дека „не може да се занемари што мисли народот и не може ништо да се наметнува однадвор“:

Што се однесува до светот, очекував повеќе разбирање за вистинските причини за малата излезност и очекував некој тоа на реален начин да го согледа. Не можете да заборавите што мисли народот, Европа мора да се постави поодговорно, наведе Вучиќ.

Тој истакна дека Србија има јасен став за тоа, дека ќе го почитува секој договор меѓу Грција и Македонија, но дека не може да се занемари што мисли народот и не може ништо да се наметнува однадвор.

Луѓето се зрели, сериозни и во земјите на Балканот, некој тоа мора да го сфати, порача српскиот претседател.

[Извор: Б92 и МКД  Датум: 02.10.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Осврнувајќи се на референдумот во Македонија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во еден политички некоректен настап од Русија, даде изјава која ја сметаме за манипулативна и „недоследна“. Со видлива доза на тенденциозност Вучиќ порача дека Европа мора да се постави поодговорно, дека иако  за него била важна реакцијата на Европската Унија и светот за македонскиот референдум, сепак очекувал повеќе разбирање за вистинските причини за малиот одѕив и дека некој реално ќе ги согледал работите. Притоа српскиот претседател, случајно или намерно, воопшто не споменува дека референдумот е консултативен, поточно дека тој е распишан за „консултирање на граѓаните“ и одлуката донесена на вакво референдумско изјаснување не е задолжителна. Игнорирањето на овој значаен момент во врска со карактерот на референдумот, остава простор за манипулации, произволно и неточно гледање на бројките и извлекување погрешни заклучоци за самиот исход од гласањето.

Во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување, поточно во Член 8  е дефинирано дека референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните“ и дека:

 Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна.

Одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.

 А во Член 27 е определено дека

За претходно консултирање на граѓаните за прашања од пошироко значење за Република Македонија може да се распише референдум на државно ниво за консултирање на граѓаните (референдум за консултирање).

Значи има разлика меѓу: референдум за одлучување (задолжителен) и референдум за консултирање (консултативен).  Референумот што  се одржа во неделата (30.09.2018)  беше организиран на државно ниво и беше консултативен и уште во самиот старт кога беше распишан се знаеше дека, процедурата потоа ќе продолжи во Собранието на РМ преку уставни измени.

Во првиот, прилично хаотичен дел од изјавата на Вучиќ, тој, сепак, јасно имплицира како зад сето ова што се случува во Македонија да стојат „некои луѓе од светот“, кои „нас балканските народи не потценуваат и мислат дека сѐ може“ за потоа да го опише тоа „потценување“ како небаре тие „луѓе од светот“ да стојат зад референдумот („ќе видиме ако може со народот“), како небаре тие „луѓе од светот“ да стојат зад идејата за уставните измени („ќе се обидеме со притисок врз пратениците“) и како небаре тие „луѓе од светот“ на сила да ќе го туркаат целиот процес („тоа мора така“). Но, потпирањето на ваквата теорија на заговор е плиткоумно. Сето ова што Вучиќ им го припишува на „некои луѓе од светот“ е, всушност, предвидено со член 1, точка 4 од Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција во ставовите од а) до ѓ) и нема никакви „луѓе од светот“ кои би стоеле во позадина и би ги влечеле конците:

4. По потпишувањето на оваа спогодба, Страните ќе ги спроведат следниве чекори: 

а) Втората страна без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација. 

б) По ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата. 

в) Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум. 

г) Втората страна ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. 

д) Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г. 

ѓ) По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоре наведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба. 

Симптоматичен е и оној дел од изјавата на Вучиќ каде што вели дека од светот очекувал „повеќе разбирање за вистинските причини за малата излезност“, како и дека очекувал „некој тоа на реален начин да го согледа“, додавајќи дека не можело да се „заборави што мисли народот“ и заклучувајќи дека „Европа мора да се постави поодговорно.“

Вучиќ е повторно неодреден (првин вели „светот“, после вели „Европа“) и повторно како да сака прикриено да каже оти тој ги знае причините за „малата излезност“, дека и светот, исто така, ги знае, но како светот да не сака ги „разбере“ и да ги „согледа“, односно како да ги прикрива заради некакви свои интереси или некакви свои задни намери. И, се разбира, не нè удостојува со сопствената мудрост, односно не ни кажува зошто излезноста била „мала“.

Како прво, дали излезноста е мала или не е прашање за кое може да се дискутира. Има многу аналитичари кои не сметаат дека таа е мала со оглед на подземниот бојкот на референдумот од страна на ВМРО-ДПМНЕ и со оглед на добро финансираниот отворен бојкот од анонимни групи. Овие аналитичари сметаат дека, ако ВМРО-ДПМНЕ ги повикаше своите гласачи да гласаат, референдумот ќе успееше, но дека на оваа партија многу поважно ѝ е да се врати на власт преку опструкции, отколку што ѝ се важни евро-атлантските интеграции на земјата.

Ако, пак, се мисли дека премиерот Заев и Владата требало да изнајдат начин некако да ги убедат членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат и покрај повиците за бојкот, апстиненција и нападите врз договорот од страна на самото партиско раководство, Вучиќ треба само да се запраша дали српските опозициски лидери би успеале да го убедат членството и симпатизерите на неговата Напредна странка да излезат на референдум, ако тој самиот го повика своето членство и симпатизери на бојкот на тој референдум. Едноставно, премногу е да се бара од политички лидер на Балканот (па и во Европа) да ги убеди членовите и симпатизерите на противничката партија да го послушаат него за сметка на сопственото раководство. Да, теоретски и тоа е можно, ама во пракса тоа речиси и да не се случило во политичката историја на регионов.

Според официјалните резултати кои ги соопшти ДИК (по обработени 100 отсто од избирачките места), на референдумот гласале  666.743 граѓани или 36,91 од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список. На референдумското прашање: „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“ „за“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700 избирачи, а неважечки се 19.221 ливчиња или 2,89 проценти.

Овие резултати од референдумот, навистина на власта не ѝ оставаат простор за триумфализам и еуфорија. Но, исто така, независно што не беше постигнат цензусот, не смее да се занемари ниту волјата на 609.813 граѓани кои позитвно се изјасниле во услови на двојно организиран бојкот на референдумот.

Така што, премиерот Зоран Заев има легитимно право, но и должност, оваа голема поддршка да ја преточи во политичка активност во Собранието. А, ако таму не успее да обезбеди двотертинско мнозинство (80 гласа), да се организираат предвремени парламентарни избори за да се исполнат обврските од Договорот со Грција како услов за конечен исчекор кон ЕУ и НАТО.

Патот за излез на земјава од кризата е тој, друга алтернатива, барем јавно, од никого досега не е соопштена. Па ни од Вучиќ.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.