За граѓаните скапи, за судскиот буџет минорни – судските такси сè уште не се намалени

sdsm-logo

 

Владејачката партија СДСМ во предизборната програма „Живот во Македонија“ вети реформа поврзана со судските такси, нешто што досега не е исполнето:

Ќе ги намалиме судските такси, бидејќи високите судски такси ја прават правдата недостапна за граѓаните

[Извор: СДСМ – Живот во Македонија, стр.232, датум: крај на 2016 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Намалувањето на судските такси е ветено во Живот во Македонија, при што се ставени и како генерално ветување и како План 180, што значи Итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци (стр. 232).

Таквата реформска мерка потоа е ветена и во Програмата за работа на Владата на РМ 2017-2020 година во делот Пристап до правдата, на стр 22, но без временски рок на исполнување. Образложението и во двата документа е дека правдата со сегашната висина на таксите е скапа и недостижна за обичниот граѓанин, како и дека намалувањето е со цел секој да може да стигне до остварување на правдата по судски пат, доколку има потреба од тоа.

Но, иако е ветено како мерка што ќе се преземе во првите шест месеци, што значи до крајот на 2017 година, ветувањето го нема во Планот 3-6-9, ниту во Наративниот план 6-9, што значи дека не се нашло во Итните реформски приоритети, кои треба да завршат со средината на април годинава.

Во програмата за работата на Владата за 2018 година единствено нешто што е поврзано со судство и со парите е Предлогот за изменување на Законот за судски буџет (стр.38), чија цел е утврдување на самостоен и оддржлив судски буџет, но тоа е само индиректно поврзано со судските такси.

Инаку, оваа материјата е решена со Законот за судски такси. По проверката утврдивме дека овој закон, кој функционира од пред повеќе од 15 години, посериозни измени претрпел во 2009-та година, по што е сменет три пати, во 2011 г, 2013г. и во 2014 година и дека оттогаш нема промени.

Последната промена се однесува на попуст од 15 отсто од тарифникот, доколку таксата се поднесува до судот по електронски пат и се наведуваат условите што се потребни за тоа право.

Со член 4 од законот е утврдено кога се треба да се платат судските такси:

(1) Таксата се плаќа кога ќе настане таксената обврска.

(2) Ако со овој закон не е определено поинаку таксената обврска настанува:

1) за поднесоците – кога се предаваат, а за поднесоците предадени на записник – кога записникот е завршен;
2) за судските одлуки –кога на странката или на нејзиниот застапник ќе му се врачи препис на одлуката;
3) за судските порамнувања – кога ќе се склучат;
4) во постапката за расправање на оставина – кога предлогот странката го предава во суд;
5) во стечајна постапка кога се поднесува предлогот за поведување на постапка и за одлуката за главна делба;
6) за судските преписи – кога ќе се побараат;
7) за препис на нотарски и други списи кои ги чува судот- кога ќе се побараат; и
8) за другите дејствија кога ќе се побара нивно преземање.

 

Патем, таксите навистина не се мали и оттаму е разбирливо што политичката партија СДСМ го дала ова свое ветување. Еве само еден пример, првиот е за процесни постапки, а вториот за оставинските постапки:

ТАРИФИ ОД 2011

 

ТАРИФИ - ОСТАВИНСКА ОД 2011

 

Според податоци до кои може да се дојде од извештаи на институциите, приливот од сопствени приходи во вкупниот буџет на судовите е многу мал во проценти и покрај високите ставки на таксите. На пример, во 2015 година од Буџетот на РМ биле издвоени околу 1,8 милијарди денари, а од „сопствени приходи“, меѓу кои спаѓаат и таксите, остварени се само 52 милиони денари (стр.30). Оттаму, не е јасно зошто ова ветување на СДСМ и во предизборниот период и во Програмата за работа на Владата, сè уште не може да се најде како исполнето.

За да се утврди фактографијата околу судските такси и ветувањето на СДСМ, направивме длабински пребарувања на сајтот на Владата и на сајтот на Собранието, но не констатиравме промени. Исто така, и со пребарување на интернет, со цел да се констатира евентуална промена што ја забележале медиумите, не се дојде до констатација дека има промена во однос на оваа материја. Бидејќи пребарувањата не дадоа резултат, останува, согласно методологијата на „Вистиномер“, ова ветување да го третираме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *