За кривична одговорност за поплавите одговорни се и Обвинителството и Владата

Кривична одговорност за вакви дела бавно застарува. Фото: МЕТА

Утврдување на нечија кривична одговорност за последиците од поплавите во Скопје е можно само ако Јавното обвинителство разгледа конкретна кривична пријава. Засега таква нема, но тоа не значи дека ЈО не може самото да се посомнева. Но, за жал, тоа не се посомневало и нема да постапува за „поплавите и последиците зашто тие се елементарна непогода“ Експертите пак поделени – едни дека тоа е работа на ЈО, но за други, само откако Владата претходно ќе утврди пропусти и одговорности

 

Утврдување на нечија кривична одговорност за последиците од поплавите во Скопје е можно само ако Јавното обвинителство разгледа конкретна кривична пријава. Засега таква нема, но тоа не значи дека ЈО не може самото да се посомнева. Но, за жал, тоа не се посомневало и нема да постапува за „поплавите и последиците зашто тие се елементарна непогода“ Експертите пак поделени – едни дека тоа е работа на ЈО, но за други, само откако Владата претходно ќе утврди пропусти и одговорности

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Јавното обвинителство смета дека засега нема основа да постапува во врска со утврдување нечија одговорност за она што се случи во Скопје со поплавите – став кој за експертите што ги консултиравме беа поделени. Ставот на ЈО е наведен во одговорот што го добивме на поставено прашање до нив, по што ги консултиравме и правните експерти.

На 6-ти август Скопје го погоди природна катастрофа – поплава, предизвикана од обилни врнежи на дожд, што пак, за последица имаше 22 загинати, едно лице се уште се води за исчезнато, десетици повредени и огромна материјална штета во уништени домови, инфраструктура, возила и друго на реони во кои живеат околу 20 илјади луѓе.

Оттогаш до денес траат активностите за санирање на последиците, но и секојдневно користење на оваа трагедија во политички цели, пред сè, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата, Никола Груевски. Власта ја отфрла секоја можност за одговорност, додека опозицијата, невладиниот сектор и експерти бараат утврдување и на кривична одговорност.

 

КЗ ЈА РЕГУЛИРА МАТЕРИЈАТА ПРЕЦИЗНО

Оваа материја е дел од кривичното законодавство во земјава и тоа е јасно утврдено во цела глава од Кривичниот законик која се вика Кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот. Во главата има осум члена во кои  јасно се наведува дека спречување, односно неспречување на поплава, при што настанува загрозување на животите и на имотот на луѓето, е кривично дело.

Тоа се наведува и во член 288 во првите два става:

(1) Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(2) Со казната од став 1 ќе се казни службено или одговорно лице кое нема да постави пропишани уреди за заштита од пожар, експлозија, поплава, отрови, отровни гасови или јоинзирачки зрачења или овие уреди не ги одржува во исправна состојба или во случај на употреба не ги стави во дејствие или воопшто не постапува според прописите или техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имотот од големи размери…

Доколку дојде до големи загрозувања тоа се смета за тешко кривично дело и казните се уште поголеми. Еве што вели  чл. 292 од КЗ:

(1) Ако поради делото од членовите 288 ставови 1, 2 и 3 , 289 став 1, 290 ставови 1 и 2 и 291 став 1 настапи тешка телесна повреда на некое лице или поголема имотна штета, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.

(2) Ако поради делото од членовите 288 ставови 1,2 и 3, 289 став 1, 290 ставови 1 и 2 и 291 став 1, настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години…

Регулирана е и превенцијата, односно се казнува и нечинењето. Член 294:

(1) Тој што со навремена пријава до надлежен орган или на друг начин не ќе преземе мерки за отстранување пожар, поплава, експлозија, сообраќајна несреќа или некаква друга опасност за жнвотот или телото на луѓето или за имот од значителен обем, иако тоа можел да ги стори без ризик за себе или за друг, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(2) Тој што со одвраќање или на друг начин ќе спречи друг во преземање мерки за отстранување на пожар, експлозија, сообраќајна несреќа или друга опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Имајќи го ова предвид, а знаејќи ги страшните последици од поплавата, упативме прашање до Јавното обвинителство дали презеле или имаат намера да преземат предистражна постапка за утврдување или отфрлање на сомневање за евентуална одговорност на лица или цели институции. Но, за ЈО, нема простор за постапка од нивна страна, освен доколку не постојат сомненија:

Поплавата како елементарна непогода и последиците од неа не можат да бидат предмет на кривично правна интервенција од јавното обвинителство. 

Доколку постојат сомненија за сторени кривични дела или сомненија дека со било кое дејствие на некој субјект е сторено кривично дело кое влијаело на последиците од поплавата, јавното обвинителство ќе постапува согласно своите надлежности.

Од одговорот не е јасно дали ЈО само ќе утврди или чека некој друг да му предочи дека постојат сомненија. Според законот, ЈО е тоа што е главно во истрагата и не мора да чека од МВР или некој друг да поднесе кривична пријава. Таквото овластување за постапување му го дава не само Законот за кривична постапка, туку и Законот за Јавното обвинителство.

 

 НАЈМАЛКУ ТРИ ПУНКТА ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ

 Правниот експерт Драган Малиновски смета дека ваквиот одговор на обвинителството како да асоцира дека за поплава нема одговорност.

Точно е дека имавме ситуација на многу обилни врнежи во краток период, но неприфатливо е да се каже дека тешките последици со кои се соочивме се судбина и божја волја. Сметам дека ЈО има неколку пункта, кои треба да ги расчисти: Прво, што била причината водата од планината (Скопска Црна Гора), онака неконтролирано да јурне кон обиколницата и попатните села. Дали некој имал обврска тоа да го предвиди како потенцијална опасноста и да предложи соодветен систем на заштита? За тоа постојат надлежни институции. Второ, дали при изградбата на обиколницата била предвидена можност од ваква опасност, односно дали проектот бил согласно нормите за изградба на ваков градежен објекет? И трето, зошто Управата за ХМР, благовремено не ја предупреди јавноста, а особено телата задолжени за справување со елементарни непогоди, за опасноста од вакво невреме? Ова дотолку повеќе што станува збор за една од основните надлежности на УХМР.

Според тоа, навистина би било несериозно да не се расчистат сите дилеми поврзани со одговорноста за настапувањето на оволку тешки последици по животот и имотот на граѓаните – вели Малиновски.

Слично мислење има и Александар Георгиев, адвокат, правен експерт и главен  уредник на порталот Правдико, со тоа што тој го оправдува Обвинителството во ставот за поплавата и последиците:

Сметам дека е правилен заклучокот на обвинителството дека поплавата како елементарна непогода и последиците од неа не можат да бидат предмет на кривично-правна интервенција. Она што најпрво треба да се направи е да се преиспита работењето на надлежните институции пред и за време на поплавата, дали постапувале согласно соодветните протоколи и надлежности, со што би се утврдиле евентуални пропусти во нивното работење, кое нешто претставува основна претпоставка за натамошно утврдување на конкретна кривична одговорност.

Ова значи дека доколку би се утврдиле одредени пропусти кои се во причинско последична врска со настаната штета и човечки жртви, тогаш обвинителството по службена должност е должно да покрене соодвени кривични постапки за утврдување на кривична одговорност.

На прашањето дали Обвинителството треба да го преиспита работењето на институциите, Георгиев иако се согласува дека за тоа постојат овластувања, дециден е дека контролата треба да ја направи државата, т.е. Владата под број еден, а потоа и Собранието.

Станува збор за државни институции, пред сè, под капата на Владата. Затоа државата, т.е. Владата е таа што најпрво треба да го проконтролира работењето на тие институции, а и Собранието може да формира комисија за испитување на околностите. Дури потоа, ако се пронајдат пропусти, тие би можеле да бидат основа  сомневања кај ОЈО за сторени кривични дела, по што би отвориле постапка, вели Георгиев, потсетувајќи дека делата за кои зборуваме застаруваат доста бавно, со што не ја исклучува можноста и некоја друга влада да ги испитува околностите.

 

ЗАКОНИТЕ НАЛАГААТ ПРОВЕРКА НА ОДГОВОРНОСТ

„Вистиномер“ повеќе пати ги анализираше сегментите од целиот систем на заштита од елементарни и други непогоди, вклучувајќи ги и основните законски и подзаконски акти што ја уредуваат оваа материја, како и работата на одговорните институции, при што сосема е јасно дека има простор за утврдување на одговорност за непостапување, со што можело да се превенираат тешките последици. Тука, пред сè, станува збор за превенција во смисла на утврдување на кризниот простор и ризиците, потоа изградба и одржување на водотеците и пороите, па изградба и одржување на одводната атмосферска и фекална канализациона мрежа, раното предупредување и јавување за невремето, па се до прашањата дали сите субјекти што требало да го сторат тоа имале донесено планови за постапување во кризна ситуација и одвоени задолжителни материјални резерви.

До слични заклучоци дошле и во Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во анализата за случувањата и за одговорноста објавена на 12-ти август. Во анализата конкретно се посочуваат институциите кои  потфрлиле – Влада, Совет на Град Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за хидро-метеоролошки работи, итн. Тие во таа анализа го повикаа ОЈО за утврдување на одговорност и тоа прецизно согласно членовите 292 и 294 од КЗ. Директорката Уранија Пировска ни изјави дека нивниот став е сосема јасен и искажан уште на 12-ти август преку објавената анализа и дека остануваат на барањето за утврдување на одговорноста на посочените субјекти.

Но, доколку ЈО остане на ставот дека станува збор за елементарна непогода и поради тоа не наоѓаат за сходно да постапат, Хелсиншкиот комитет ќе поднесе до обвинителството кривични пријави против сите оние за кои смета дека имаат одговорност во смисла на спречување на последиците од поплавите – вели Пировска.

Утврдувањето на одговорноста не е само нужност поради 22-те лица што ги загубија животите и огромните штети од неколку десетици милиони евра. Таа е нужна и поради спречување на некои идни жртви или штети предизвикани од вакви или слични настани.

 

Извори:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција