За самоубиства не се информира

Телефон за помош и кризно советување. Фото: jasonsisk, на мостот Голден Гејт во Сан Франциско, 2002
Спречување на самоубиства – телефон за итни ситуации и кризно советување. Фото: jasonsisk, на мостот Голден Гејт во Сан Франциско, 2002

 

Секогаш е страшно кога човек умира, можеби уште пострашно, или барем позбунувачки, е и кога тој сам ќе посегне по сопствениот живот. Тоа е информација која стаписува, вест која буди сериозни прашања, но тие прашања се лични и не се решаваат во јавниот аудиториум

 

Пишува: Тамара Чаусидис

 

Во потрагата по вестите „што се продаваат“ денеска никој не е поштеден. За јавните личности тоа е цената која мораат да се согласат да ја платат. Медиумите често се повикуваат на јавниот интерес, на правото на јавноста да знае и тоа е навистина така. Нема амнестирање, нема поштеда за оние кои се решиле да делуваат под будното око на јавноста, но што е со обичните анонимни луѓе? Смееме ли навистина нивната интима да ја третираме како „вест“ и да ја „истуриме“ нивната трагедија пред очите на гледачите, слушателите, читателите, без и малку задршка, скрупули и во крајна линија без и малку човечност?

Секогаш е страшно кога човек умира, можеби уште пострашно, или барем позбунувачки, е и кога тој сам ќе посегне по сопствениот живот. Тоа е информација која стаписува, вест која буди сериозни прашања, но тие прашања се лични и не се решаваат во јавниот аудиториум.

 

Информациите го зголемуваат бројот на самоубиства

Поврзаноста меѓу самоубиството и медиумите е одамна препознаена и докажана– секоја информација за самоубиство ги поттикнува оние кои „се на работ“ на нова трагедија. Имено, истражувањата покажаа дека еден од факторите кои некоја ранлива личност можат да ја наведат на самоубиство е и публицитетот што на таквиот чин му се дава во медиумите. Најризична група се токму младите и адолесцентите.

На пример: по медиумските извештаи за самоубиство со самозапалување во 1972 во Велика Британија следната година се регистрирани 60 самоубиства со самозапалување. Во 1980-тите германската телевизија детално извести за самоубиството на едно 19 годишно момче кое се фрли под воз. Во следните 70 дена регистриран е зголемен број на самоубиства извршени на ист начин.

Но, внимателност и дискреција во третирањето на самоубиствата како тема не се налага само заради превенцијата на самоубиството, туку и за да се одбегне дополнително трауматизирање на жртвите.

Да не заборавиме – во самоубиството никогаш нема само една жртва! Жртва е самоубиецот, но жртви се и оние што остануваат: родителите, роднините, пријателите и сите кои на некој начин биле поврзани со жртвата и кои ќе мораат да живеат со тој страшен настан до крајот на својот живот.

Затоа, во светот е усвоена пракса за самоубиствата генерално, а особено на луѓе што не се јавни личности, речиси воопшто и да не се пишува. Ако тоа, сепак, се прави – темата се третира со изразено сочувство и дискреција , медиумот не смее да го објави полниот идентитет, а уште помалку фотографија на жртвата.

Но, за жал, овие правила како да не важат за нас иако членовите 7 и 8 од Етичкиот Кодекс налагаат новинарите да ја зачуваат приватноста на личноста и да не известуваат со сензационализам во случаи на самоубиство, бидејќи станува збор за семејна трагедија.

Овие правила или сме ги заборавиле или намерно ги премолчуваме во комуникацијата со помладите колеги, но не е точно дека никогаш не сме ги знаеле. Секој новинар што бил на терен и се соочил со семејна трагедија знае колку е тешко да сведочиш за неа, па, сепак, решаваме да ги игнорираме сигналите дека „одиме предалеку“.

 

Цел еден живот за две минути сензација

За самоубиствата во македонските медиуми редовно се информира, жртвите се сликаат покриени (а понекогаш и не) на тревниците од зградите од кои скокнале, се бараат „мотивите“, што е особено дегутантно. Им се суди и неретко пресудува на некој од членовите на семејството, на родителите, на сопругата, на роднините – сето тоа само за еден прилог од 2-3 минути, текст од десетина реда. Цел еден живот, една трагична приказна дадена во рацете на новинар да ја исцрта и сведе на изјави на комшиите, на чаршиски муабети и шпекулации, на слики на скршеното тело за да се задоволат неколку минути од нашето внимание.

Оттаму, крајно време е како професија јавно да се запрашаме: Дали со објавување на информацијата за самоубиство ние навистина го задоволуваме јавниот интерес или, пак, јавната љубопитност, ниските страсти и потребата од сензација? За жал, нема ништо сензационално во самоубиството – тоа е длабоко трагичен чин, можеби најтрагичен начин за завршување на нечиј живот.

Сите знаеме и секој новинар со сигурност ќе ви каже дека не му е целта да ја зголеми трагедијата за која информира, но таа сигурност ја нема во одговорот на прашањето дали успеваме во тоа.

SOS_linija_3136-400

Серија анализи за односот на медиумите кон проблемот на самоубиство:

  1. (Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиства?
  2. Како (не) треба да се известува за самоубиство: Воздржете се од сензационализам!
  3. Како (не) треба да се известува за самоубиство: Препораки и примери
Новинарски рецензии на медиумски продукти во кои се споменува самоубиство:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција