За смислата на протестите и улогата на медиумите

Ваков протест не се прави за мали и неважни промени. Фото: ФОСИМ, 2014
Ваков протсет не се прави за мали и неважни промени: протестот на хонорарците на 22 декември 2014. Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA.

 

Реакцијата на граѓаните јасно покажува дека не станува збор ниту за мали, ниту за неважни промени, што значи дека пратениците направиле грешка во процената или биле ставени во заблуда, но, во секој случај, и таа грешка треба да ја поправат, односно, да го вратат законот во редовна процедура, а прашањето е: како мислат да ја поправат направената грешка.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Во анализата под наслов: (Не)учеството на медиумите во јавните расправи за нови закони: Што недостасува во покривањето на темата? (2), беа посочени неколку елементи што недостигаат во медиумското известување поврзано со донесување нови законски решенија (анализа на процедурата на донесување на промените на законите, јасно идентификување на проблемот на отсуство на јавна расправа, непроблематизирањето на изјавите на високи функционери и отсуството барање за нивно дообјаснување, отсуство на интерес за ставовите и за постапките на пратениците (кои ги изгласаа промените)).

Во спомнатата анализа беше искористен како пример токму случајот на донесување законски промени по скратена постапка кои се однесуваат на новите давачки предвидени за луѓето што работат по договор (односно, како хонорарци).

Законските промени беа усвоени од страна на Собранието на 24.07.2014 година.  Демонстрациите со кои граѓаните изразуваат незадоволство од оваа законска регулатива се случија на 22.12. 2014 година. Во меѓувреме, владее затишје. Како сите да очекуваат нешто да се случи или како да не веруваат дека законските промени навистина ќе се применат. Затишјето го прекинуваат само странични анализи и потсетувања на проблемот:

Во медиумското известување за протестите имаше многу анализи, експертски мислења, спротивставени ставови, процени, мислења:

Протестот против законските промени што предвидуваат воведување дополнителни давачки за луѓето кои работат по договор, беше многу комплексно медиумски опфатен. Граѓаните добија информации пред одржување на протестот, од самиот протест, добија информации за модалитетите на законските измени, за тоа кој го поддржува, а кој не го поддржува законското решение.

 

Експресните закони не биле „обемни и сложени“ и покрај протестите

Меѓутоа, се стекнува впечаток, како медиумите да заборавија на сопственото известување од пред неколку месеци кога првпат информираа за направената законска промена. Повикувањето на овие известувања, на тогаш направените анализи и добиени експертски мислења, односно, воспоставувањето временски континуитет,  може да претставува појдовна основа во идентификувањето на причинско-последичната поврзаност. Ваквиот пристап во голема мера помага и во адресирањето на обвинувањата за дневно-политички ангажман на одредени медиуми.

Фото: ФОСИМ, 2014
Дел од фотогалеријата „Грабеж 0д хонорарците“.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA, 2014

Вториот пропуст на медиумите, кој заслужува внимание, се однесува на суштинската поврзаност на случувањата за кои известувале пред неколку месеци (кога е направена законската промена) и протестите организирани во врска со приближувањето на датумот кога овие промени ќе се ефектуираат. Во своите известувања од јули и од август 2014 година, медиумите посочија дека законската промена се изведува по скратена постапка, која од страна на предлагачот се објаснува со тоа дека не станува збор за „обемен и сложен закон“. Тоа значи дека Собранието ја прифатило процената на Владата дека станува збор за мали промени, дека не е потребна не само јавна расправа, туку не е потребна ни посуштинска ниту пообемна расправа во собраниските тела. Воспоставувањето на врската меѓу известувањето за овој аспект на законските промени и големиот број реакции, сè до ниво на големи протести од страна на директно засегнатите, треба да биде поставено во вид на прашање од страна на медиумите упатено до пратениците во Собранието на Република Македонија. Имено, реакцијата на граѓаните јасно покажува дека не станува збор ниту за мали, ниту за неважни промени, што значи дека пратениците направиле грешка во процената или биле ставени во заблуда, но, во секој случај и таа грешка треба да ја поправат, односно, да го вратат законот во редовна процедура, а прашањето е: како мислат да ја поправат направената грешка.

 

Фото: В. Џамбаски, 2014
Протест против новите давачки за хонорарците на 22.12.2014.
Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA.

 

Каде е одговорноста на пратениците?

Третиот пропуст на медиумите може да се побара во упорното занемарување на одговорноста на пратениците и во посочувањето на нивната улога во усвојувањето на законските промени. Независно од тоа дали постои или не раширено верување дека вистинската (се мисли: фактичката) власт е на друго место, пратениците се тие кои овозможуваат донесување на законите по скратена постапка; токму пратениците не се ни обидуваат да ги слушнат мислењата на граѓаните; и, тие се луѓето кои гласаат за закони за кои воопшто не расправаат. Новинарите треба да ги „нападнат“ со прашања сите пратеници заедно и секој од нив поединечно и да побараат објаснување:

  • зошто дозволиле носење ваков вид законски промени по скратена постапка?
  • дали лично се согласуваат со направените промени и новите законски решенија?
  • дали пред да гласаат се консултирале со граѓаните?
  • дали мислат дека треба да се направи напор за повторување на процедурата која ќе ги опфати сите фази на одлучување и ќе овозможи партиципација на граѓаните?
На 23.12.2014 г. пред Собранието на Република Македонија, 123 граѓани и граѓанки ја промовираа платформата за граѓанска политика – АЈДЕ!
На 23.12.2014 г. пред Собранието на Р. Македонија, 123 граѓани и граѓанки ја промовираа платформата за граѓанска политика – Ајде! Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA.

Каква е врската меѓу протестите на студентите и хонорарците?

Четвртиот значаен пропуст во медиумското покривање на настаните, е отсуството на генерализација. Имено, во еден многу краток период, медиумите информираа за два големи протести (студентите и хонорарците). Меѓутоа, не направија врска меѓу овие протести. А, поврзаност постои, на едно многу суштинско ниво. Имено, и во двата протести на површина излегоа барања за поголемо влијание на граѓаните врз процесите на одлучување. И двата протести се организирани за законски промени кои се носат без соодветна јавна расправа. И во двата протести од страна на граѓаните беше побарано власта да се врати во нивните раце. Доколку на ова се надоврзе и третиот протест одржан во истиот краток период (во кој граѓаните многу прецизно го формулираат барањето за враќање на власта во рацете на граѓаните), станува јасно дека медиумите треба да изведат генерални заклучоци и своите анализи да ги прошират над конкретните и поединечни барања истакнати во одделните протести.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција