Секоја година ли ќе се задолжуваме со 500 милиони евра?

Ставрески, Груевски и скршените финансии. Фото: Гугл

Високиот буџетски дефицит во првите три месеци годинава и најавите за ново задолжување со нова еврообврзница (трета за три години) покажуваат дека предизборната корупција на гласачите сега се претвори во перманентна со оглед на фактот што терминот за нови избори е непознат и гласовите можат да затребаат во секое време

 

 

Предизборната корупција на гласачите сега се претвори во перманентна со оглед на фактот што терминот за нови избори е непознат и гласовите можат да затребаат во секое време 

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Сега веќе знаеме дека новата еврообврзница треба да изнесува 230 милиони евра за да се достигне сумата од 500 милиони евра, колку што требаше да изнесува ланската, но од која тогашниот дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов, ги исече токму овие најавени 230 милиони евра и на крај задолжувањето изнесуваше „само“ 270 милиони евра.

Оваа сума тогаш беше постигната во договор меѓу сега веќе поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески и Наумов. Но, како што видовме, Ставрески си поднесе оставка „од здравствени причини“, па не треба да чуди тој да не се согласувал со ова најавено задолжување, зашто Ставрески и онака, со години наназад, приватно, како што, впрочем, слушнавме од прислушуваните разговори, не се согласуваше со високото ниво на јавна потрошувачка која ја практикува Груевски, јасно изнесувајќи го ваквиот свој став во сега веќе антологиската реченица за трошењето за чоколади во ситуација на недостиг на леб и самопрогласувањето за „лудаци“ во прислушуваниот разговор со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Новото најавено задолжување, кое ќе значи трета еврообврзница во период од 3 години, а сите заедно со вкупен износ од 1 милијарда евра, можно е да ја прелило чашата на трпението кај Ставрески. Настрана фактот што против него не се води никаква истрага од страна на Специјалното јавно обвинителство, а ни СДСМ во ланските кривични пријави немаше поднесено ниедна против него. Ова значи дека тој не мора да се држи до фотелјата како гаранција за сопствената слобода за разлика од многу негови сопартијци.

 

270 МИЛИОНИ ЕВРА ДОЛГ – „ЗА 6 МЕСЕЦИ“ ТРОШЕЊЕ

Сосема друга приказна е изјавата на Груевски за издавањето на новата еврообврзница, која е прилично чудна:

Не сум информиран во детали, но од она што го помнам од минатата година, кога СДСМ стави некаков вид на блокада на издавањето на еврообврзницата, тие, таа деблокада ја условија со тоа што обврзницата да биде издадена само за шест месеци, наместо за една година како што претходно беше планирано и како што е вообичаена пракса во секоја држава. Така што, претпоставувам дека ќе има потреба од такво нешто и дека Министерството за финансии и Владата ќе пристапат кон тоа, бидејќи тоа е нормален начин за финансирање на дефицитот во една држава.

Како прво, многу добро се знае дека Груевски ги влече конците во актуелната Влада, како и дека актуелниот премиер Емил Димитриев е прилично безгласна буква, која без поговор ги следи наредбите на својот партиски шеф. На пример, сега повеќе не слушаме за седници на Комитетот за странски инвестиции на Владата, туку оној на партијата за на седниците да може да присуствува и да ги раководи Груевски и со тоа да ги приграби сите заслуги за оние странски инвестиции кои ќе се остварат, а потоа владиниот Комитет таквите одлуки само би ги потврдил. Во таква ситуација многу тешко е да се поверува дека Груевски не е „информиран во детали“ за ново најавената еврообврзница. Кире Наумов дури и јасно посочува дека Груевски е оној кој го притискал Ставрески да се земе и оваа обврзница.

Потоа, никаде досега не беше спомнато дека минатогодишната обврзница од 270 милиони евра била „издадена само за 6 месеци, наместо за една година како што претходно беше планирано“. Наумов тогаш истакна дека тој и СДСМ не се согласуваат со задолжувањето од 500 милиони евра, додавајќи дека за такво нешто нема потреба (настрана опасноста дополнителните 230 милиони евра да бидат искористени за предизборна корупција). Ова е првпат да слушнеме дека минатогодишната еврообврзница била за „6 месеци“. Напротив. Наумов посочува оти тогаш и Ставрески и Груевски изјавија дека со минатогодишните 270 милиони евра требаше да бидат покриени сите финансиски потреби на буџетот за 2016 година. За сега да слушнеме дека тие биле за само 6 месеци. Ако е така, зошто тогаш се чекаше досега? Зошто тогаш оваа еврообврзница не беше земена порано за парите да стигнат навреме? И уште нешто. Значи ли ова дека до крајот на годината повторно ќе биде издадена уште една еврообврзница на 500 милиони евра за идната година? Зашто, како што вели Груевски, 270-те милиони евра од лани и сегашниве 230 од годинава, всушност биле за буџетските потреби за годинава. Значи ли ова дека секоја година ќе ни бидат потребни по 500 милиони евра ново задолжување, зашто, според зборовите на Груевски, еврообврзниците биле „нормален начин за финансирање на дефицитот во една држава? Арно ама, 500 милиони евра се 15.6% од планираниот буџет за годинава. Во која тоа држава толкаво големо задолжување на годишно ниво е нормално? И тоа ова е само еден од повеќето инструменти за задолжување покрај домашните хартии од вредност и кредитите, а оваа власт ги употребува сите. Не е ли понормално драматично да се намали буџетскиот дефицит за да не мора да се задолжуваме со вакви огромни суми?

 

КАМАТИТЕ СЕ ТРУПААТ, ЗА ГЛАВНИНАТА ДА НЕ ГОВОРИМЕ

Една еврообврзница од 500 милиони евра додава по 22,5 до 25 милиони евра годишна обврска само за камати, (кои изнесуваат околу 4,6-5 отсто годишно) и тоа во ситуација кога веќе 104 милиони евра од буџетот одат токму за камати на јавниот долг и тоа без оваа нова еврообврзница од 230 милиони евра. И кога од буџетот сега повеќе пари се одвојуваат за камати отколку за здравство или двојно повеќе отколку што изнесуваат трошењата за претшколско и основно образование. Што треба, каматите да станат поголеми од целиот образовен буџет на земјата?

Во секој случај, поткупот на гласачите од страна на власта мора да продолжи, зашто од таквиот поткуп зависи резултатот на идните парламентарни избори. Груевски само што најави ново зголемување на социјалната помош за 5 отсто, кое ќе почне да важи од идниот месец. Тој, исто така, уште лани вети дека од 1 септември годинава повторно ќе ги зголеми пензиите за дополнителни 5%, што по правило буџетот го чини околу 30-35 милиони евра годишно. Ако таквото ветување навистина се оствари, Македонија, која и онака веќе има поголеми просечни пензии својот источен и својот северен сосед, иако е посиромашна и од двата, со ова најавено зголемување на пензиите тие ќе станат повисоки од оние во Бугарија и тоа за 20 отсто (211 наспроти 175 евра) и 10 отсто од Србија (211 наспроти 192 евра).

Со оглед на фактот што датумот на изборите не се знае и со оглед на тоа што тие можат да се случат било кога, поткупот на гласачите мора да биде перманентен за во секое време со негова помош да можат да се добијат неопходните гласови од кои на многумина во власта им зависи дали ќе останат на слобода или не.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција