Заев ветува радикална примена на препораките на Прибе

Заев, Прибе и Груевски - ќе се исполнат ли препораките на ЕУ? Фото: Гугл/flickr

Кога ќе се срамнат сметките околу итните реформи што ѝ требаат на Македонија ја имаме следнава состојба: Груевски, кој ги има полугите на извршната и законодавната власт, на два пата за 18 месеци ветуваше нивно спроведување, а во пракса не стори ништо или многу малку. Зоран Заев, кој е во опозиција и ја нема извршната моќ, ветува нивна радикална примена доколку ја освои власта и формира стабилна влада

Кога ќе се срамнат сметките околу итните реформи што ѝ требаат на Македонија ја имаме следнава состојба: Груевски, кој ги има полугите на извршната и законодавната власт, на два пата за 18 месеци ветуваше нивно спроведување, а во пракса не стори ништо или многу малку. Зоран Заев, кој е во опозиција и ја нема извршната моќ, ветува нивна радикална примена доколку ја освои власта и формира стабилна влада

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на СДСМ Зоран Заев ветува исполнување на сите препораки произлезени од извештајот на германскиот дипломат Рајнхард Прибе, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, досега не стори речеиси ништо, не рече ниту збор за некоја од препораките, освен делумно за начинот на спроведување на изборите. Ова може да се забележи генерално од настапите на двајцата лидери и со прелистување на програмите на двете главни политички партии кои се борат за освојување на власта во Македонија.

Пред деталите околу оваа тема, најпрво мало потсетување и основни факти зошто граѓаните на Република Македонија ќе гласаат на вонредни парламентарни избори в недела на 11 декември.

 

КРИЗАТА ЈА СОЗДАДЕ ВЛАСТА

Кризата во Република Македонија, за која многу аналитичари велат дека е најдлабока од нејзината самостојност во 1991 година, започна уште со исфрлањето на пратениците на опозицијата во декември 2012 г. на т.н. „црн понеделник“, кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ немаше слух за опструкцијата при расправата за буџетот, предизвикана од отфрлање на сите амандмани на опозицијата.

На изборите во 2014 година, исто така вонредни, опозицијата уште на крајот од изборниот ден не ги призна резултатите, по што долго време го бојкотираше парламентот. Потоа, во јануари 2015 година се случи аферата „Пуч“, по што јавноста прво беше бомбардирана од власта дека опозицијата, т.е. Зоран Заев сакал насилна смена на власта, додека Заев и опозицијата потоа одговорија со „бомбите“ и ѝ покажа на јавноста како се владеело во Македонија и дека масовно се прислушкувало.

Кризата стана толку опасна и длабока што мораше да се вмеша странскиот фактор. Притоа, прва постапка на меѓународната заедница беше да детектира, всушност, каде потфрлил системот и дали проблемот е во законите или само во начинот на примена на законите. За таа цел, под притисок на Германија, ЕУ во Македонија го испрати искусниот дипломат Рајнхард Прибе, кој работеше два месеца на случајот – април и мај, при што, во Македонија ефективно помина со свите помошници неколку недели. Резултат од детекцијата во сите сегменти беше популарно наречениот Извештај на Прибе, објавен на 19-ти јуни, каде што покрај детекцијата на проблемите има и препораки за тоа што треба да се преземе за да разреши проблемот. Генерално беа детектирани тешки проблеми во пет области и тоа не само поради практикувањето на власта, туку и поради лоши законски решенија во дел од областите. Станува збор за: 1) контролата на комуникациите; 2) судството и обвинителството; 3) надворешниот надзор од независни тела, 4) начинот на спроведување на изборите и 5) состојбата во медиумите.

 

ГРУЕВСКИ НА ДВА ПАТИ ВЕТУВА РЕФОРМИ

По ова и согласно насоките и забелешките и од Европската унија, уште во јуни 2015 г. беа ветени Итни реформски приоритети, кои требаше да ги спроведе Владата на Република Македонија. За прв пат тоа го најави лично Никола Груевски и тоа само пет дена по објавувањето на извештајот на Прибе:

На вчерашната седница усвоивме План за нови реформи за европската интеграција. Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Прецизно, со конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат. Ангажман на цела Влада и ангажман на посебен тим на министри кои неделно ќе се среќаваат неколкупати со цел да ги подготвуваат и реализираат евро-реформите.

Оваа изјава на Груевски дојде откако два дена претходно препораките на Прибе беа доставени до Владата. Еден месец подоцна, препораките на Прибе и на Европската комисија, заедно со Планот на Груевски, т.е. Итните рефорсмки приоритети, беше разгледуван во Собранието и поддржан од пратениците. И потоа, една година молк.

За време на т.н. „пржински процес“, единственото нешто што се постигна и тоа далеку од идеално, беше подобрување на законската регулатива околу начинот на спроведување на изборите, додека со прочистувањето на избирачкиот список се направени само делумно успешни активности, зашто сведоци сме дека и на два дена пред изборите има многу пријави и за фантоми и за лица кои ги нема на избирчакиот список.

По една година молк, Груевски во јуни годинава повторно се сети на Итните рефорски приоритети:

Државните институции се целосно фокусирани на првите предлози што треба да дојдат и како пакет во наредните денови и недели во делот на исполнување на итните реформски приоритети согласно барањето на извештајот на Европската Унија или наречен Извештајот на Прибе…

Повторно, сè остана на зборови, освен ако се исклучи уште едно ветување во октомври годинава, дадено овој пат од тогашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, дека МВР работи на „длабока реформа во безбедносниот систем“, за што, за одговорно лице бил назначен Митко Чавков.

 

ЗАЕВ НАЈАВУВА РАДИКАЛНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА

После година и половина од домашната задача, јавноста во Македонија може да посведочи дека од препораките на Прибе, преточени и во препораки на ЕУ и во плана за Итни реформски приоритети, актуелната власт сторила минимална имплементација или речиси ништо. Откако започна изборната кампања, а и пред тоа, зашто во земјава тој термин е растеглива категорија, може со голема прецизност да се даде генерална оценка каков е односот на двете главни политички партии кои претендираат за освојување на власта во Македонија кон ова прашање.

Груевски и кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на митинзите речиси и да не се осврнуваат на петте области за итни реформи што треба да се спроведат во Македонија. Тие се фокусирани главно на плашење на јавноста со наводниот план за федерализација и воведување на двојазичност што ќе го спровел Заев, како и на рециклирање на нивните ветување за изградба на автопати, болници, нови работни места. За реформите во петте области, нема ништо, ниту во обемната програма на оваа партија.

Наспроти ова, при настапите на митинзите и при телевизиките настапи, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, постојано ги повторува ветувањата за радикална примена на препораките од Извештајот на Прибе и тоа во сите пет области. Тоа може да се забележи и од програмата на оваа партија, особено во Првиот столб на реформи – Одговорна власт и контрола над власта (стр.20), но и подолу во програмата. Реформата на медиумската сфера е детално разработена и иако не е целосно според препораките на новинарските организации, содржи две главни барања – стоп за купување медиуми преку владини реклами и силен јавен сервис со стабилно финасирање.

Овие реформи во петте области постојано се и во реториката на Заев во јавните настапи. Доволен пример е последното интервју за ТВ Телма, каде јасно повтори дека ќе има контрола врз власта и тоа независна и надворешна, дека ќе има реформа во безбедносниот систем, дека ќе има реформа во судството и обвинителството (со преиспитување на работата на судиите, пред сè) ѝ дека се планира реформа во начинот на спроведување на контрола на комуникациите преку зголемување на надлежностите на обвинителството во тој поглед.

Оттука, кога ќе се срамнат сметкките околу итните реформи што ѝ требаат на Македонија, ја имаме следнава состојба: Никола Груевски кој ги има(ше) полугите на извршната и законодавната власт, на два пата за 18 месеци ветуваше нивно спроведување, а во пракса не стори ништо или многу малку. Зоран Заев кој е во опозиција и ја нема извршната моќ, ветува нивна радикална примена доколку ја освои власта и формира стабилна влада.

Изборот е на граѓаните в недела, на 11 –ти декември, на избори кои секако дека нема да бидат историски, но ќе бидат избори со голема важност за иднината на Македонија. Патем, станува збор за први вонредни избори кои не ги побара власта, туку беше принудена на нивно оддржување.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција