Законот за „свиркачите“ во сила – имплементацијата ќе биде главниот тест

„Свиркањето“ стана заштитено - „свиркачите“ треба да потврдат. Фото: Flickr

Законот за заштита на укажувачите започна со активна примена од 18-ти март. Нецел месец подоцна, речиси ниту една инстиитуција сè уште не излегла со јавен податок дали постапува по одредбите од законот и подзаконските акти, а уште помалку, пак, има информации од бизнис секторот, кој, исто така, е обврзан со одредбите од овој закон

 

Законот  за заштита на укажувачите започна со активна примена од 18-ти март. Нецел месец подоцна, речиси ниту една инстиитуција сè уште не излегла со јавен податок дали постапува по одредбите од законот и подзаконските акти, а уште помалку, пак, има информации од бизнис секторот, кој, исто така, е обврзан со одредбите од овој закон

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Популарно наречениот закон за „свиркачи“ од пред нецел месец стапи во сила, но засега, речиси ниту една институција, ниту, пак, правни лица од бизнис секторот соопштуваат дали воопшто постапуваат по одредбите од законот и подзаконските акти. Ова беше констатирано на работилницита во организација на граѓанската организација Транспаренси интернешнл – Македонија, која со години активно лобираше за донесување на ваков закон како ефикасно средство и алатка во борбата против криминалот и корупцијата. За донесување закон „ѕвездите се наместија“ кога четирите политички партии, дел од „пржинскиот процес“ за излез од политичката криза, со помош на меѓународниот фактор констатираа дека е потребен ваков закон, па тој експресно беше усвоен во ноември  2015 година.

 

ТРИ ТИПА ПРИЈАВУВАЊЕ

Законот за заштита на укажувачи – официјалното име на законот, ги уредува правата на укажувачите, (популарно наречени „свиркачи“, како преземен термин од англискиот „wistlеblowers“), како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедување заштита на укажувачите.

За да постои оправданост за заштитено пријавување, мора да постои сомневање за повреда или загрозеност на јавниот интерес, па оттука, законодавецот го дефинира и тој поим:

Под поимот јавен интерес во смисла на овој закон се подразбира заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Членовите 3, 4, 5 и 6 од Законот го регулираат пријавувањето кое мора да оди редоследно освен во некои исклучоци: внатрешно, надворешно и јавно, т.е пријавување преку медиумите. Сите три типа на пријавување носат предзнак „заштитено пријавување“, но постојат случаи кога заштита не е возможна, а еден од тие е ако не се почитува процедурата да се оди по редослед – прво внатрешно, па надворешно, па дури потоа јавно.

Укажувачот има право на заштита на податоците и идентитетот, тој треба да е заштитен од какво било „штетно дејство“ заради пријавувањето, а заштитата треба да ја обезбеди институцијата каде е пријавено. Укажувачот има право и на судска заштита ако смета дека нему или на нему блиско лице му е загрозено некое право поради пријавувањето, а товарот на докажување паѓа на институцијата или на правното лице.

 

АНОНИМНОСТА И НИСКИТЕ КАЗНИ – МОЖЕН ПРОБЛЕМ

Сето ова што е во законот треба да биде применето, зашто актот е во сила од 18-ти март. Има и законски казни за непримена кои се движат од 3 до 6 илјади евра. Институциите треба да бидат подготвени и тоа на две нивоа – внатрешно и надворешно. Внатрешно, ако некој сака да пријави незаконитост внатре во институцијата каде што работи и надворешно, ако се исполнети условите за тоа според законот, во другите институции – изјави д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Таа потсети дека иако иницијативата била поднесена уште во 2010 година, дека во 2014-та Транспаренси стори се да не биде донесена лоша измена на постоечки законски решенија, сега поради политичката криза и нејзинотo разрешување, преку ноќ е донесен законот и дека целта на собирот е да се види што е направено за негова примена и кои се евентуалните слабости или тешко применливи норми во праксата.

Уште во воведот Тасева потенцираше дека е незадоволна од членот 3, став 4, каде се остава можноста идентитетот на укажувачот да биде откриен по наоѓање на судот и додаде дека тоа решение би можело да опстои единствено ако е направено во согласност со укажувачот.

Овој член како лошо решение го забележаа и другите претставници. Ставот 4 од членот 3 од законот, наречен Заштитено пријавување гласи:

Правото на анонимност на укажувачот може да му се ограничи со судска одлука, за која без одлагање се известува укажувачот.

Зоран Билбиловски, советник во стручната служба на Канцеларијата на Народниот правобранител изјави дека го разгледале законот и оти на прв поглед имаат забелешки за некои одредби. Тој потенцираше дека станува збор за заштита при непочитување на процедурата, за вторстепената одговорност на Народниот правобранител, за прекршоците..:

Укажувачот мора да ја почитува процедурата или ќе остане без заштита. Потоа останува нејасно кој ќе го поднесе барањето за прекршочна одговорност. Што ако укажувачот изнесе податоци кои имаат степен на тајност. Улогата на Народниот правобранител е второстепена, субсидијарна, тој не може директно да дава заштита на укажувачотпотенцираше Билбиловски.

Тасева, пак, одговори дека не е точна констатацијата за субсидијарност на НП, оти ако укажувачот оди на надворешно пријавување, тогаш тој може директно да му се обрати на Народниот правобранител и оттука тој е одговорен за натамошната постапка.

Законот е алатка плус против корупцијата. Фото: TИ - Македонија
Законот е алатка плус против корупцијата. Фото: TИ – Македонија

 

Претставникот од Министерството за внатрешни работи, од единицата за борба против организиран криминал и корупција, истакна дека не му е познато дали МВР веќе постапило со уредување на внатрешните акти, но изрази оптимизам во однос на законот. Тој посочи дека искуството што го имале со досегашниот начин на пријавување, на бесплатниот телефон 199, не дало некои позабележителни резултати, меѓу другото и дека постоел страв и за јавување и за контакт и дека законот го гледа со оптимизам, како алатка за отстранување на тој страв.

Законот го пофали и јавната обвинителка Лидија Раичевиќ од Јавното обвинителство од Одделот за организиран криминал и корупција. Таа укажа на авангардност на некои одредби, како што се надворешно и внатрешно пријавување, на збогатувањето на правната теорија во земјата со овој закон и на очекувањето праксата да ја покаже полезноста од закнот. Како прашање за размислување таа ја посочи одредбата според која укажувачот не е должен да ја докажува добрата намера и вистинитоста на пријавувањето. Раичевиќ рече дека во праксата се судирале со многу лажни и злонамерни пријавувања и дека законот на некој начин треба да се позанимава и со ова прашање.

Дускусијата ја збогатија и Зоран Фидановски и Томислав Кежаровски, долгогодишни новинари во моментов, настапија од аспект на професијата.

Фидановски, иако го пофали законот, изрази скепса дека ќе се применува и апелираше да се зголемат особено сумите во прекршочниот дел, со оценка дека се премногу мали.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија укажа на повеќе елементи од Законот, меѓу другото и на тоа дека не е задоволен што решенијата за типот на пријавување се условени, како и дека укажувачот ја губи заштитата ако не ја почитува процедурата или, пак, ако оди на јавно пријавување, т.е. во медиумите, а претходно ги прескокне внатрешното или надворешнот пријавување.

 

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА ВЕЌЕ ПОДГОТВЕНО

Единствена инаституција која се пофали дека веќе изработила правна акти за примената на овој закон, а кои се на разгледување и потпис кај министерот, е Министерството за труд и социјална политика. Раководителот на правниот сектор Лена Ничевска додаде дека во јавниот сектор и во институциите ќе треба да се прави и нова систематизација за лицата кои ќе бидат задолжени за спроведување на законот, а ако тоа има финансиски импликации по буџетот, дека можеби ќе има отпори не кај самата институција, туку од другите органи и тела кои се задолжени да дадат одобрување за отворање на некое ново работно место.

Импресиите од дискусијата беа дека законот е добро и современо средство за борба пртив криминалот и корупцијата и дека уште веднаш треба да се нотираат сите забелешки со цел по одреден период да се исправат евентуалните потешкотии преку амандмански измени на документот.

Укажувачите или свиркачите, одамна се признати во демократскиот свет како лица со висок морален интегритет и западните демократии, генерално ги штитат или преку закон, што е поретко или преку изградени системи на заштита со други правни акти, што е почест случај. Најпознат „свиркач’ на денешнинава, сè уште е Едвард Сноуден, а тука можете да ја видите пошироката листа на светски свиркачи. Едни од попознатите домашни укажувачи се Симо Груевски, кој прв ги пријави незаконитостите во аферата Телеком, како и Томислав Кежаровски, новинар кој јавно пишуваше за местенки на полицијата со лажни сведоци при разоткривање на убиство. И двајцата палтија висока цена за своите постапки.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција