Запад не го играл, па се заиграл со Исток
Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, по повод потпишувањето на декларација подготвена од руската владејачка партија Единствена Русија, за изградба на зона на воена неутралност на земјите од Балканот, изјави:
Целосното игнорирање на меѓународната заедница на помалите политички партии, на партиите на етничките малцинства едноставно не принуди да бараме меѓународни партнери и ги најдовме. Јас знам дека во Македонија има многумина поединци кои би сакале да бидат на моето место, но ете ние ја потпишавме оваа Декларација.
[Извор: МКД – Датум, 29.06.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Иван Стоиљковиќ, кој веќе 15 години е лидер на ДПС во Македонија, а 10 години беше пратеник со помош на две владејачки партии – СДСМ до 2006 и ВМРО ДПМНЕ од 2006 до 2010, даде недоследна изјава во врска со потпишаната декларација со партијата Единствена Русија, на нејзиниот последен конгрес во Москва.
Недоследноста на Стоиљковиќ е двојна. Поважната недоследност од овие двете, е учеството на партијата што тој ја раководи во две големи коалиции во последните 15-тина години со кои управуваат и формираат влади, две најголеми партии во Македонија, кои барем декларативно, се безрезервно ориентирани за интеграција со НАТО.
Имено и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во своите стратешки документи имаат запишано дека се посветени на евро-атлантските интеграции на Република Македонија и дека сакаат да ја одведат Македонија во овие два сојуза. Кога се на власт и двете партии преку Владите водат проактивна политика за членство во НАТО.
Оттука, ако како партија ДПСМ се залага за воена неутралност на Македонија, а тоа е крупно стратешко политичко прашање, од Стоиљковиќ е недоследно да биде во коалиција со овие две пронатовски најголеми партии во земјата – со СДСМ во минатото и со ВМРО ДПМНЕ сега. Ако веќе е во коалиција, тогаш пак е недоследно да спроведува спротивна стратешка политика од онаа на коалицијата кон која припаѓа и уште понедоследно е да дава изјави дека тоа е во ред.
Втората недоследност на овој ученик на забрзан курс на американско-германската пронатовска школа George Marshall, произлегува од контекстот на самата изјава на Стоиљковиќ која тука ја, пренесовме. Тој контекст може да се подразбере како приклонување кон една политика или повлекување некаков конкретен крупен политички потег, поради повредена суета.
Целосното игнорирање на меѓународната заедница на помалите политички партии, на партиите на етничките малцинства, едноставно не принуди да бараме меѓународни партнери и ги најдовме – вели Стоиљковиќ.
Ова значи дека незадоволен од тоа што не бил консултиран како лидер или партија за низа важни прашања од поблиското или подалечното минато на Македонија од страна на странските претставници и дипломати од Западните земји, Стоиљковиќ решил своите партнери да ги побара и ги нашол во источните земји, поконкретно во владејачката партија на Руската федерација. Со други зборови, „Запад не ме играше, па заиграв со Исток“, што би била мутирана парафраза на позната и филмска реплика „Исток не отпиша, Запад не не запишуе“(филм: „Среќна Нова 49“ – Столе Попов).
И конечно има уште едно важно прашање за дискусија. А, тоа е искреноста на руската ориентација за воена неутралност на Балканот. Проценката на некои македонски аналитичари, но и руските поттикнувања и охрабрувања земјите од Балканот да не влегуваат во НАТО, укажуваат дека е сосема легитимно да се анализира, расправа и преиспитува прашањето за руските намери во нејзината геостратегиска политика, во однос на Балканот.
ИЗВОРИ:
- (28.06.2016) МКД – Иван Стоиљковиќ: Кога некој ве игнорира, си барате други меѓународни партнери – [Пристапено на 29.06.2016]
- (28.06.2016) Вечер – Обединета Русија му гарантира на Стоиљковиќ: Македонија останува суверена и цела – [Пристапено на 29.06.2016]
- (28.06.2016) НОВА ТВ – Стоилковиќ потпиша руска иницијатива за воено неутрална Македонија –[Пристапено на 29.06.2016]
- СДСМ – Официјална веб страница: Кои сме ние – [Пристапено на 29.06.2016]
- (2011) ВМРО ДПМНЕ – Манифест за реформи и развој (стр.7) – [Пристапено на 29.06.2016]
- Спутник – Изјави од Железњак -[Пристапено на 29.06.2016]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар