Започнаа активности за поткрепа на економскиот раст – изготвен е план

Премиерот Заев го презентира Планот. Фото: скриншот

 

Во Програмата за работа на Владата 2017-2020 , уште при самиот почеток во главата Економски раст е запишано на што ќе се фокусира Владата:

 

Главен фокус на Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2017-2020 година ќе биде развојот на економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните. Владата има цврста определба за поддршка на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, кои инвестираат и отвораат работни места. Деловната клима ќе се ослободи од политички притисоци и репресии, а ќе се работи и на поврзување на домашните претпријатија со странските во технолошко-индустриските зони. Посебно внимание Владата ќе посвети на зголемувањето на вработеноста во економијата. Со активните мерки за вработување се планира годишно да бидат вработени по 16 илјади лица во приватниот сектор.

 

[Извор: Влада на РМ – Програма за работа на Владата 2017-2020]

 

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

И во предизборните ветувања на СДСМ и групата партии во коалицијата, беше дадено ветување за пораст на економскиот раст, за фокусирање кон мерки за кревање на економијата преку стимулирање на бизнис секторот и тоа со подеднаков третман и кон домашните и кон странските инвеститори. На страниците 3, 4 и 5 од План за живот во Македонија, се наведени дел од мерките кои сега можат да се видат и преточени во конкретен владин план, а тоа се помош за отворање нови работни места, за зголемување на конкуренцијата, за развој на мали и средни претпријатија, за инвестиции и иновации…

На 27.12.2017 премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев го претставија конкретниот план кој се изготвувал 3 месеци во консултација со домашни и меѓународни експерти, како и со бизнис заедницата. Документот е наречен План за економски раст, а при презентацијата Заев меѓу другото изјави:

Со Планот за економски раст се нудат исти, транспарентни услови за домашните и странските инвеститори. Ќе работиме на подигнување на соработката помеѓу домашните и странските инвеститори и тоа на два начини, преку поттикнување на странските инвеститори да соработуваат со домашните и поддршка на домашните да бидат квалитетни добавувачи за странските. Малите и средните претпријатија ќе бидат во фокусот на поддршката. Со мерките ќе даваме поддршка за исплата на повисоки плати за вработените и ќеподдржуваме отворање на нови работни места со што ќе влијаеме на намалување на невработеноста. За прв пат во Македонија се дава поддршка за отворање на центри за технолошки развој и иновации, со што сакаме да го поттикнеме технолошкиот развој на компаниите. 

 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека планот се потпира на три столба со повеќе мерки во кои ќе се слеваат парите од државната помош:

Планот за економски раст се состои од мерки поделени во три столба: мерки за општ економски развој, мерки за поддршка на конкурентноста и мерки за поддршка на мали и средни претпријатија. Главни предуслови за сите мерки кои компаниите треба да ги исполнат е да прикажат пораст на приходите во последната година во однос на просекот во последните три години и ненамалување на просечниот број на вработени во истиот период.

 

На презентацијата на Планот беше нагласено дека за субвенционирање на економскиот раст во Буџетот за 2018 година се предвидени 48 отсто повеќе средства од овогодинешниот буџет, во вкупна вредност од 50-тина милиони евра:

Со Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра, за програмата за економски развој на нашата земја. Тоа претставува 46% повеќе средствата за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување – изјави Заев.

 

Планот треба да биде преточен во конкретен закон преку кој на системски начин ќе бидат делени средства за 2018 година и во иднина. Владините функционери најавија дека процедурата треба да заврши најдоцна до февруари 2018 година, така што првите средства од државната програма за економски раст, компаниите ќе можат да почнат да ги користат од „март-април“.

Поради тоа оценуваме дека делот од предизборното ветување и од програмта на Владата за периодот 2017-2020 за економски раст и за имплементција на конкретни мерки за постигнување на целта, е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски