Започната е постапката за обновување на спортската сала „Партизан“

Фото: karpos.gov.mk

 

ИНИЦИЈАТИВА ЗА СПАС НА „ПАРТИЗАН“ – РЕВИТАЛИЗАЦИЈА НА СПОРТСКАТА САЛА

Спортската сала „Партизан“ повторно ќе стане центар за спорт и нема да дозволиме нејзино пропаѓање. Во оваа сала се развиле голем број успешни спортисти, планираме нејзина ревитализација и ставање во функција со цел да овозможиме дополнителен развој на спортот во нашата општина.

Уште во минатото оваа сала се карактеризираше со својата мултифункционалност (опрема и сали за ракомет, мал фудбал, кошарка, одбојка, гимнастика, пинг-понг).

Граѓаните од Карпош ги памтат убавите спортски настани, реализирани во спортскиот центар „Партизан“, а наша заложба е да им го вратиме овој објект на спортистите, на спортската јавност, на сите оние кои сакаат искрено да се вложат во развивањето на спортот во нашата општина. Рок: 2018 – 2021 година

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.29) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев за локалните избори (октомври 2017) вети „иницијатива за спас на „Партизан“ и ревитализација на спортската сала“.  Проектот е дел од изборната програма на Богоев , „Живот во Карпош! За сите!“ (стр. 29) и неговата реализација е „во тек“.

Иницијативата за „спас и обнова на спортската сала „Партизан“,  е покрената во јануари оваа година (2019). Градоначалникот Богоев тоа го објави на својот Фејсбук профил каде напиша:

Почнуваме со иницијатива за спас и обнова на спортската сала „Наум Нумовски – Борче“ (Партизан).
Целта и определбата на локалната самоуправа е објектот да го врати стариот сјај, но да биде обновен и реконструиран, со намена за спорт и рекреација…

На 16 јануари 2019 година  Општина Карпош иницираше работна средба за салата „Партизан“, на која присуствуваа претставници од Владата, Агенцијата за млади и спорт и Јавното претпријатие за стопанисување со спортските објекти. Како што беше соопштено:

Сите заинтересирани страни присутни на состанокот донесоа заклучок дека е потребно да се почне со  иницијативата за спас на салата „Партизан“ и враќање на стариот сјај на овој објект. 

Тогаш беше пренесена изјава на градоначалникот Богоев  во која тој ја истакна решеноста на локалната самоуправа за обнова на објектот.

Обновата на Партизан треба да претставува добар пример и на национално ниво како запуштените спортски објекти ги враќаме во функција. Постои волја од сите засегнати институции за конечно решавање на проблемот со оваа сала (која е дадена под концесија), но, истата секојдневно пропаѓа и се прекршени голем број на одредби од договорот за концесија. Исто така, да нема дилеми, овој простор ќе остане со намена за спорт и рекреација. Нашата цел е навистина да биде во функција на спортот, но да биде достапна и за сите граѓани на Карпош. ( Богоев)

Неколку дена подоцна (23.01.2019) Богоев испрати Информација до Владата, за враќање на сопственоста и потребата за обнова на спортската сала „Партизан“. Како што соопштија од Општината:

Информацијата ги содржи актуелните состојби на објектот, неговата важност за Општина Карпош, потребите за обнова на салата и нејзино повторно ставање во функција на спортот.

Исто така, наведени се опциите за финансирање на проектот за обнова на „Партизан“, како и остварените комуникации со повеќе надлежни институции.

На почетокот на февруари (05.02.2019) Богоев имаше работна средба со амбасадорот на Франција во Македонија, Кристиан Тимоние на која го информирал за иницијативата за спас и обнова на овој култен спортски центар, кој претставува донација од француската Влада по катастрофалниот земјотрес во 1963 – та година.

На 20 февруари (2019) францускиот амбасадор, Тимоние,  министерот за образование и наука, Арбер Адеми  и градоначалникот Богоев ја посетија спортската сала „Партизан“ . И во оваа прилика градоначалникот ја истакна важноста на овој спортски објект и ја повтори заложбата на локалната самоуправа за негова обнова. Тогаш беше соопштено дека  е формирана и работна група која е веќе ангажирана на идеен проект за обнова на „Партизан“.

Во април (2019) од Општината информира дека:

Тим од Општина Карпош, заедно со невладината организација „Културно ехо” и двајцата  двајца млади архитекти, Томас Ромеро Талеј од  Шпанија (Барселона) и Матеус Сартори (Бразил) веќе работат на идејното решение за салата и на програмско – содржинскиот концепт со цел да почне процесот на ревитализација штом „Партизан” се врати во сопственост на Општина Карпош. Сите страни се согласни дека треба да се задржи автентичноста на објектот и намената на просторот, но и да се направи стратегија за одржливост на овој култен спортски објект

На крајот на мај во Општина Карпош  беа презентирани предлог идејни решенија за ревитализација на салата. Како што соопштија од Општината, „градоначалникот Богоев се заблагодарил за големата волја и енергија на нашите млади, домашни и меѓународни архитекти, кои во изминатиов период на волонтерска основа ги изработуваа предлог идејните решенија“.

Штом салата „Партизан“ се врати во сопственост на Општината, ќе продолжи процесот за нејзина обнова и ревитализација. Секако, дека ќе бидат направени и дополнителни консултации со граѓаните, стручната јавност и спортските работници, нагласил Богоев.

Деновиве (17.06.2019) од Владата  за порталот „Сакам да кажам“ соопштиле дека:

Постапката за доделување на салата „Партизан“ на Општина Карпош е во тек. Во интерес на граѓаните и на спортските работници штом заврши истата јавноста ќе биде информирана

Општина Карпош веќе пола година чека Владата да ѝ ја предаде салата во владение  за да почне процесот на нејзината реконструкција.

Чекаме да ја добиеме салата од Владата. Додека тоа не се заврши не можеме ништо да направиме. Проект имаме, сакаме да аплицираме за добивање помош од странски фондови бидејќи како Општина немаме средства сами да ја обновиме. Но, за да аплицираме мораме прво да ја добиеме во наша сопственост, вели градоначалникот Богоев за „Сакам да кажам“.

Па, имајќи предвид дека досега (20.06.2019) се направени конкретни активности за реализација на ова ветување: покрената е Иницијатива за спас на спортската сала, направено е идејно решение  и започната е постапката за доделување на салата во сопственост на Општина Карпош, ветувањето добива оценка „во тек“.

 

 ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција