Заштитените сведоци би ја поттурнале работата на тимот на Јанева

Заштитен сведок. Фото: Luke McGuff/flicker

Членот 212 од Законот кривична постапка е јасен и предвидува не само право, туку и обврска на јавниот обвинител да ги повикува сите лица за кои е веројатно дека ќе дадат значајни податоци и сознанија за водење на една кривична постапка.

 

 

Членот 212 од Законот кривична постапка е јасен и предвидува не само право, туку и обврска на јавниот обвинител да ги повикува сите лица за кои е веројатно дека ќе дадат значајни податоци и сознанија за водење на една кривична постапка. Тие лица се должни да се јават на повикот на јавниот обвинител и откако ќе се јават јавниот обвинител е должен да ги предупреди дека треба да ја зборуваат вистината и не смеат ништо да премолчат, односно да ги предупреди на последиците од давање на лажен исказ. Ваквото предупредување и соочување со сите законски последици не се сметаат за акти на вознемирување и присилување. За СЈО заштитените сведоци се посебнo значајни

 

Пишува : Љубомир Костовски

 

Покрај актуелните форми со кои власта се бори против активностите на Специјалниот обвинител како што се неизлегувањето на распит во фазата на предистражна постапка, игнорирање од страна на Кривичниот суд на аргументите на СЈО во барањето за одредување на мерка притвор за првите обвинети од нивната работа, како клучни барикади на патот на слободното дејствување на СЈО, постојат и други, бројни пречки за нормално работење. Тие се поставуваат пред оваа нова институција во областа на делењето на правда во земјата, а тука, меѓу другите спаѓаат и нападите од дел од сведоците дека биле изложувани на притисок во сослушувањето. Во тој кон текст остана проблематично користењето на заштитените сведоци, за што истакна еднаш Катица Јанева, минатиот месец, како елиминирање на пречка на која таа посебно инсистираше.

Од Специјалното обвинителство веќе потврдија дека бараат и тие да можат да предлагаат и одлучуваат за заштитени сведоци кои би ја олеснувале постапката на собирање на докази. Ставот од кај обвинителката Катица Јанева доаѓа и откако европратеничката тројка побара поддршка за законски измени на регулативата која го третира прашањето.

Дека ова прашање е актуелно, иако навидум изгледа дека е надвор од рефлекторите кои се поставени кон активностите на СЈО деновиве, говори и загрижената изјава на пратеничката во Собранието на РМ – Софија Куновска, на вестите на Алсат-М на 16.02.2016, во која јасно го издвои проблемот на промената на Законот за заштитни сведоци како услов за нормално работење на СЈО.

Навистина, кога сме кај Специјално јавно обвинителство: треба да се спомене дека Јанева тврди дека „опструкции во оваа насока немаме, туку апелиравме на потребата и важноста од измена на регулативата за непречена работа на ова Јавно обвинителство во делот на заштита на сведоците“.

Според горенаведениот извор Јанева изјавила дека многумина пројавиле интерес да сведочат, а од некои веќе се обезбедени и писмени изјави. Законските измени, велат од СЈО, се неопходни за да може обвинителството ефикасно да ја исполни задачата за која е формирано.

Што бара Јанева конкретно?

Станува збор за амандмани на постојниот Закон за заштитени сведоци, со кои бараме да му се даде надлежност на специјалното обивнителство да одлучува во врска со заштитените сведоци, бидејќи ова обвинителство не е опфатено со овој Закон –стои во нејзината изјава.

 

ЗАКОНОТ ДА СЕ СМЕНИ

Македонија, инаку, спаѓа во оние земји каде прашањето на заштитените сведоци е регулирано и со посебен Закон за заштита на сведоци (донесен и објавен во Службен весник бр.38/05, од 26.05.2005 година). Комплетниот текст на законот може да се види тука.

Заради фактот дека е донесен во време кога премиер беше Владо Бучковски, сегашните владини функционери често го нарекуваат „закон на СДСМ“. Овој акт, инаку, се актуелизираше во времето на апсењето и судење на колегата Томислав Кежаровски, кој беше обвинет дека открил име на заштитен сведок.

Токму овој случај бараше и своевидно изменување на некои одредби од законот – тој се виде престрог и слично. Измени во казнените мерки од Законот за заштита на сведоци со кои се предвидува намалување на казните за „трети лица“, кои би го откриле идентитетот на заштитениот сведок, предложи не многу одамна претседателот на Демократскиот сојуз – Павле Трајанов. Со измените е предвидено степенување на казните. Одредбите за затворските казни за лицата со посебни овластувања кои по службена должност мораат да го чуваат во тајност идентитетот на заштитениот сведок, како судии и обвинители остануваат исти, од 4 до 15 години.

Но, да се вратиме на почетната тема. Зошто користењето на институцијата „заштитен сведок“ ѝ е толку битна на Јанева?

Најнапред затоа што судот со една чудна и по многумина незаконска одлука го одзеде правото снимките (т.н. бомби) да можат да се користат како докази, или барем како директни докази. Оние лица кои се таму споменати може под одредени околности да бидат клучните кои во услови на нивен посебен третман да ги потврдат како точни наводите во тие разговори, со што тие стануваат корисна алатка во борба за реставрација на правниот систем и осуда на корупцијата во земјата.

Пред се, Законот за заштита на сведоци, ако во него е конкретно споменато и СЈО, овозможи заштита на сведоци, кои поради опасноста што им се заканува по нивниот живот, здравје, личната или безбедноста на семејството, може да бидат сослушани на посебен начин, со определување на статус на заштитен или загрозен сведок, со доделување на псевдоним, кои исказот ќе го дадат со помош на аудио-визуелни средства, со прикриен лик и изменет глас. Одреден сведок, кој ќе добие заштита како загрозен сведок во текот на постапката, понатаму може да биде вклучен во Програмата за заштита на сведоци, под услови утврдени во законот, со што станува заштитен сведок. Во Македонија, досега, само еден сведок бил вклучен во програмата за заштита на сведоци, кој подоцна сам побарал да му престане заштитата и го открил својот идентитет, со што го променил и исказот кога сведочел со неговиот вистински идентитет .

Заштитата што ја дава судот, со определување на начинот на сослушување, доделување на псевдоним и сведочење со посредство на аудио-визуелни средства, понатаму треба да биде одобрена од Советот за заштита на сведоци, кој, пак, согласно одредбите на истиот закон, може да вклучи одредено лице во програмата за заштита, а тоа да значи и промена на неговиот идентитет, живеалиште, па дури и промена на земјата во која живее, во зависност од степенот на заканата за која треба да се направи соодветна проценка.

 

КАКВИ ВИДОВИ ЗАШТИТНИ СВЕДОЦИ ИМА?

Пратеникот Павле Трајанов, инаку, смета дека околу прашањето за институтот заштитен сведок има доста контроверзии и дискусии, но генерална оценка е дека многу малку правници, експерти, судии, обвинители, па и тие што се занимаваат со правни прашања или со политичко – правни прашања и политички систем, многу малку знаат што значи тоа.

Дури дел од раководството на Министерството за правда овие работи комплетно ги измеша со истражните мерки. Треба најпрво на јавноста да ѝ се објасни добро што претставува тоа. Непознавањето е очекувано со оглед на тоа дека во бивша Југославија и долго време по самостојноста на Македонија има дефицит од искуства на користење на овој институт. (цитирано според овој извор).

Постојат три категории на сведоци кои се споменуваат во Законот и тие секако би биле од корист на Специјалното обвинителство.

Еве што за нивната категоризација вели пратеникот и некогашен прв човек на МВР Трајанов.

Првата категорија е лице кое има информации за водење на кривична постапка. Доколку ова лице ги презентира јавно и го користи својот идентитет може да се загрози себе, неговиот имот или неговите блиски. Од тие причини се крие неговиот вистински идентитет. Другата форма е соработник на правдата како втора категорија. За него се води некаква кривична постапка или е дел од криминална активност или криминална група, но за да ги презентира информациите тој треба да се заштити, како и неговиот исказ. Тој ќе презентира некои свои презентации и сведочења и за тоа ќе му се намали казната или ќе се ослободи од кривична одговорност – вели Трајанов. (Да напоменеме дека во случајот „Пуч“ како таков се води шестообвинетиот Звонко Костовски, кој веднаш е осуден врз основа на негово признание, а неговата позиција станува многу деликатна по преземањето на случајот од страна на СЈО).

И третата категорија на лица се жртвите во однос на некое кривично дело односно се жртви на одредена криминална активност. И покрај тоа што се жртви, тие не можат јавно да ги презентираат своите информации и сведочења затоа што може да бидат загрозени. Нивниот исказ е во функција на сведочење, но им се прикрива идентитетот и на тој начин се штити – вели Трајанов.

Низ сослушувањето кај Јанева и нејзините соработници минале досега несомнено многу сведоци. Власта во однос на нив покажува намера пост фестум да ја намали вредноста на исказот, било нивни изјави дека кон нив имало притисок, било со тоа што тие дури и поднесуваат тужби до „обичното“ обвинителство. Барем едно од подносителите повикани како сведоци е судијка во Вишиот управен суд!

Портпаролката на СЈО, Ленче Ристеска, вели дека не е присила ако на повиканите им се каже дека ако не соработуваат ќе добијат повисока казна, тоа е според законот. Тука имаме пример на примена на категоријата „соработник на правдата“. Отсекогаш обвинителите, а претходно истражителите, со право им соопштувале на потенцијално обвинетите кои се консеквенците по нив во случајот што го водат!

Таа во својата изјава вели дека „соработката со надлежните институции доцни, па доцнат и предметите коисе во фаза на решавање“. За прашањето на наводен притисок врз сведоците портпаролката Ристеска вели дека се работи за „обиди за дискредитација на СЈО кои ги вршат поединци, но и медиуми и партии“.

Таа е децидна кога вели:

Ние (во однос на сведоците – н.з.) постапуваме исклучиво врз основ на законот. Членот 212 од Законот кривична постапка е јасен и предвидува не само право, туку и обврска на јавниот обвинител да ги повикува сите лица за кои е веројатно дека ќе дадат значајни податоци и сознанија за водење на една кривична постапка. Тие лица се должни да се јават на повикот на јавниот обвинител и откако ќе се јават, јавниот обвинител е должен да ги предупреди дека треба да ја зборуваат вистината и не смеат ништо да премолчат, односно да ги предупреди на последиците од давање на лажен исказ. Ваквото предупредување и соочување со сите законски последици не се смета за акти на вознемирување и присилување.

Доколку, сепак, имало друг вид на присила (физичко казнување и слично) тие искази можат да пропаднат во текот на судењето ако се дадени во такви околности, а тоа важи и за евентуалната појава на подмитување на таквите сведоци со пари или други поволности.