Најголемиот дел од буџетарите ги објавија завршните сметки на интернет

Фото: freepik.es

 

Ветување: Завршните сметки на сите буџетски корисници и јавни претпријатија ќе мораат да бидат објавени на интернет.

[Извор: Изборна програма на СДСМ за предвремените парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“ страна 23.  датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дадено за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година (Изборна програма на СДСМ: „План за живот во Македонија“ – во делот  „ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ТРОШЕЊЕТО“, стр. 23),  дека  буџетските корисници и јавните претпријатија ќе мораат да ги објават завршните сметки на интернет, е исполнето.

Имено, во Програмата за работа на Владата за периодот 2017- 2020 година на страна 21 во одделот „Одговорна власт и контрола наа власта“ е содржана обврската за донесување законски измени со кои ќе се воведе оваа обврска за буџетските корисници и јавните претпријатија.

Измени на Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници Владата предложи во јули 2017 година. Со нив се предлага буџетските корисници и јавните претпријатија своите завршни сметки да ги објавуваат на интернет страниците во рок од 15 дена од доставувањето на истите до Регистарот на годишните сметки при Централниот регистар на Република Македонија.

Собранието ги донесе измените на Законот за сметковотство за буџетите и буџетските корисници во ноември 2017 година, по што во законски рок тие на 27 ноември се објавени во Службениот весник на РМ бр.170/2017година. Новините во Законот влегоа во сила на 5 декември 2017 година.

Од увидот напревен на интернет – страниците на институциите и јавните претпријатија, може да се констатира дека министерствата и  повеќето јавни  претпријатија, како и институции и јавни установи во текот на првите месеци од годинава ги објавија завршните сметки за 2016 година, а дел од нив во текот на април 2018 година ги објавија завршните сметки за 2017 година.  Но,  има и претпријатија, институции и јавни установи чии завршните сметки за 2017 година не се објавени, иако законскиот рок е 15 дена од доставувањето до Регистарот на годишните сметки, а тоа е 31 март. Или, пак,  можеби ги објавиле, меѓутоа не се јасно видливи на нивните интернет – страници.

Имајќи предвид дека законски претпроставки за објавување на завршните сметки на итернет страниците ги исполниле најголемиот дел од институциите , јавните установи и јавни претпријатија, може да се каже дека  ова ветување на СДСМ е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.