Зелениот катастар реалност за Скопје – Градот прави попис на зеленилото

Фото: Вебстрана на Град Скопје

 

Ветувањето за Зелен катастар на Град Скопје дадено од двајца градоначалници по ред, конечно може да се види како делумно реализиранo од страна на Петре Шилегов:

Ветување: Како би можеле да се грижиме за дрвјата во Скопје, ако не знаеме колку се, какви се и каде се? Затоа ќе направиме попис на сите дрвја, лоцирани на јавните површини во Скопје, и ќе ги класифицираме според локација, вид, старост, големината на крошната и сл. Податоците ќе бидат собрани во единствен регистар, што ќе биде користен како основа за идно управување со градското зеленило во Скопје.

[Извор: СДСМ-Живот во Скопје за сите – датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Идејата и проектот за катастар на зеленилото на Скопје се стари повеќе години. Официјално, како предизборна програмска активност ја забележа и претходниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски во 2013 година но, освен спроведување на  некои подготвителни активности, поради кои од страна на „Вистиномер“ беше оценето дека е во тек на реализација, тој не успеа да го оствари ова ветување.

Вчера, на презентација и прес-конференција, градоначалникот Петре Шилегов го претстави Зелениот катастар на Град Скопје, кој сè уште ќе се дополнува. Градот, во проектот кој се одвива во соработка со УНДП и други субјекти, успеа да ги попише дрвјата, грмушките и зелените површини низ главните паркови, булевари и улици за кои е надлежен градот. На сајтот на Град Скопје е објавена следната информација за презентацијата на Зелениот катастар:

Градот Скопје во соработка со УНДП влезе во напредна фаза од реализацијата на активностите за воспоставување Зелен катастар на јавните зелени површини во градот, односно досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило. 

Шилегов појаснува дека следуваат уште две фази од проектот, во кој досега освен попишаните дрвја и грмушки е направено и геодетско снимање на 650 хектари зелена површина и е изработена ГИС апликација за управување со зеленилото:

Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје – јавните претпријатија, јавните установи, средните училишта и други. Во соработка со општините во Скопје, пак, предвидено е и дополнување на катастарот со зеленилото што е под нивна надлежност – блоковското зеленило и зеленилото во основните училишта и градинките. Во најнапредната фаза се предвидува и отворање на модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот дворизјави Шилегов.

„Вистиномер“ ги провери буџетите на Град Скопје за 2018 и 2019 година. За завршување на Зелениот катастар во буџетите се предвидени по 1 милион денари годишно или по околу 16 илјади евра.

Имајќи ги предвид горенаведените информации, можеме да дојдеме до заклучок дека проектот е во напредна фаза на реализација, а ветувањето може да добие оценка делумно исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.