Земјоделците не добија бенефициран стаж

Фото:vlada.mk

 

Ќе овозможиме остварување на бенефициран работен стаж на земјоделците, за 12 месеци работа, да им се признае работен стаж од 13 месеци.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.90 и стр.222); датум: декември 2016]

  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот „ќе овозможи  остварување на бенефициран работен стаж на земјоделците, за 12 месеци работа, да им се признае работен стаж од 13 месеци“. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (10.07.2018 г.), по повеќе од една година од мандатот на Владата предводена од СДСМ,   не е исполнето. 

Споменатото ветување го има на две места во  изборната програма на СДСМ: „План за живот во Македонија“ , најнапред во  поглавјето „Инфраструктурен развој“, во делот „Грижа за земјоделството“ ( стр.90), а потоа истото е наведено и во  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“,  во делот „ Земјоделие“( стр. 222.).  Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), законското решение кое треба да овозможат вакви поволности за земјоделците,  требаше да биде направено најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови досега (10.07.2018),  тоа не се случи.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување е донесен во 2012  година и во  изминатиот период  се направени повеќе измени. Последните корекции на овој Закон кои ги тангираат земјоделците,  Собранието ги усвои на 20 февруари оваа година (2018), а тие се објавени во Службен весник на РМ, бр. 35 на  23.02.2018 година. Но, тие не се однесуваат на бенефицираниот стаж туку, како што објасни тогаш  министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со нив  како категорија осигуреници се дефинират:

индвидидиални земјоделци-обврзници на данок на приход од вршење на земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање.

Како што може да се види на веб-страницата на МТСП сѐ уште е на сила Правилникот за утврдување на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, донесен во март 2011 година, а според овој документ земјоделците немаат бенефициран стаж.

Бенефицираниот стаж за земјоделците не се споменува ниту во  отчетот  за  сработеното на  Владата во првата година од нејзиниот мандат ( презентиран на 30.05.2018 година).

Имајќи предвид дека изборно проектираниот рок за воведување бенефициран стаж за земјоделците е поминат (ноември 2017 г.), а до моментот кога е пишуван овој текст (10.07.2018)  не се создадени законски услови за ваквата бенефиција, споменатото ветување на СДСМ го оценуваме како неиспонето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.