Значењето и влијанието на граѓанскиот сектор не се мери со масовност

Интервју на Димитар Мирчев на ТВ Сител, Фото: Скриншот

 

Поранешниот амбасадор Димитар Мирчев на 13.03.2014 година беше гостин во ТВ дневникот на телевизија Сител и меѓу другото зборуваше за невладините организации и притоа изјави:

Во две-три прилики поставив прашања од каде се финансирате вие драги колеги (невладини организации, граѓански здруженија н.з.), од чланарината, како што се финасираат риболовните друштва филателистите и така натака. „Е па не, од проекти. Од кои извори… Е па од странски извори“. Значи кога има странски извори сигурно дека даваат и некои директиви на што да работат, до што да дојдат како заклучок и слично. Јас сум многу критичен и кон тие граѓански здруженија или невладини организации кои немаат никакво членство, 5-6 души ќе се соберат, ќе се регистрираат, имаат право според Уставот се разбира. Но, излегуваат во име на граѓанскиот сектор, а тие не се граѓански сектор.

[Извор: Сител (од 10.07 до 12.12 минута од водеото) Датум: 13.03.2016, ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на амбасадорот Мирчев, во која тој фактички  ја проблематизира улогата и влијанието  на невладините организации и на граѓанските здруженија, е  прилично дискутабилна.

Имено, Уставот како највисок правен акт во Македонија го предвидел правото на слободно здружување.

Во член 20 е наведено:

На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Во Македонија постојат и други правни акти кои го регулираат начинот на функцинирање и организирање на здруженија и фондации. Па така во Законот за здруженија и фондации во став 2 од член 5 децидно е пропишано:

Организациите можат да членуваат во меѓународни организации или на друг начин да соработуваат со нив.

Исто така, овој Закон ги предвидува и начините на финансирање на здруженијата и фондациите. Во делот од Законот VII. СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА ОРГАНИЗАЦИИТЕ

  1. Извори на финансирање

Член 48 е конкретен:

Организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот.

Како, пак, се употребуваат овие средства, исто така, е децидно предвидено во овој Закон и тоа преку член 50. Во став 1 од овој член стои:

Финансиските средства на организациите се употребуваат за остварување на целите на организацијата определени со статутот и програмата.

Билјана Бејкова, извршен директор на НВО Инфоцентар, во изјавата за „Вистиномер“ вели дека горенаведениот исказ на  Димитар Мирчев зборува само едно, дека овој поранешен амбасадор нема, или намерно не сака да има никакво познавање за тоа што претставува  граѓанското општетство, што значи граѓанско здружување и како тоа функционира.

Значењето и влијанието на граѓанскиот сектор кој е демократски и слободарски ориентиран не се огледува и не се мери со масовност. Тој претставува  „куче чувар“  на општествените и политичките состојби, процеси и политики во една држава. Граѓаните се здружуваат за да бараат решавање или подобрување на општествените, економските, социјалните, политичките, културните и други проблеми во општеството. Граѓаните се здружуваат за да понудат решенија за постојните проблеми, за да помогнат во процесот на создавање општество во кое ќе владеат правото и правдата, во кое ќе се почитуваат и штитат човековите права и слободи, во кое ќе владее економска благосостојба. Граѓаните се здружуваат за да ги набљудуваат, анализираат и да ги критикуваат политиките на  власта, државните институции, како  и нивното спроведувањевели Бејкова.

Сосема е нормално, според неа, да постојат организации, иницијативи, платформи, коалиции  со пет, со пет илјади или со педесет илјади членови. Некои се регистрирани како граѓански здруженија, некои како фондации, а некои немаат формално-правна рамка.

Некои организации и иницијативи дејствуваат локално, некои национално. Некои се занимаваат со само еден конкретен проблем, а некои имаат поширок дијапазон на работа. Некои се активистички ориентирани, додека некои се фокусирани на мониторинг и анализа. Дури и медиумите по својата дефиниција претставуваат дел од граѓанското општоство. И тие треба да претставуваат „куче чувар“, набљудувач и коректор на политиките на власта, државните институции и другите општествен фактори, појаснува Бејкова.

Што се однесува, пак, до финансирањето, вели таа, познато е дека граѓанскиот сектор добива финансиска поддршка главно од странски донатори, преку програми и критериуми кои се објавуваат јавно и кои не претставуваат никаква тајна.

Впрочем, дел од овие странски донатори имаат свои канцеларии во Македонија, а власта и државните институции соработуваат со нив, како на пример, Европската унија, заклучува Бејкова.

Имајќи ја предвид оваа анализа  може да се заклучи дека  изјавата на Мирчев: „кога има странски извори сигурно даваат и некои директиви на што да работат, до што да дојдат како заклучок граѓанските здруженија  или невладините организации, кои немаат никакво членство, а излегуваат во име на граѓанскиот сектор“,  во најмала рака е недоследна.

ЛИНКОВИ:

 

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција