Доцни изградбата на пречистителната станица во Струмица

Зоран Заев Фото: Плусинфо

 

 Проект: Изградба на прочистителна станица во општина Струмица. Рок: 2013-2015 година.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на пречистителна станица во Општина Струмица е  делумно ипсолнето ветување на доскорешниот градоначалник на Струмица Зоран Заев, кој си поднесе оставка на оваа функција на крајот декември 2016 година, набрзо откако стана пратеник во Собранието на РМ. Овој проект е дел од неговата изборна програма за локалните избори 2013-2017 година, „Струмица знае…“.

Наша највисока цел е создавање на услови граѓаните на општина Струмица да живеат добро, во здрава животна средина во која континуирано се генерира економски развој со највисок еколошки баланс. За оставарување на оваа цел во периодот 2013 – 2015 ќе заврши процесот на изградба на Пречистителната станица вклучително и фазата за избор и набавка на соодветна технологија за прочистување на отпадните води, се вели меѓудругото во најавата на проектот.

Ветувањето за пречистителна станица Заев го дал и за време на неговата изборна кампања, најавувајќи на кои проекти ќе се фокусира доколку го добие мандатот.

Планирам реставрација и конзервација на Цареви кули, доизградба на Соборниот храм ‘Успение на Пресвета Богородица’, подземна сообраќајница, градинки во три села, нов мултифункционален пазар, канализациски системи во осум села, изградба на пречистителна станица и нова противпожарна станица, ветува Заев.

На 05.07.2015 година порталот Република објави дека ден претходно, на 04.07.2015, група граѓани од Струмица реагирале дека ветувањето на Заев за пречистителна станица било само за предизборна кампања.

Вчера, група граѓани од Струмица и неколку околни места се собраа пред објектот наменет за пречистителна станица. Наидоа на празна дупка меѓу циглени ѕидови која е само уште еден доказ дека ветувањата на Заев служат само за предизборна кампања. Граѓаните го прашуваат Заев каде се обезбедените 9.800.000 евра наменети за пречистителна станица, напиша Република.

На 24.12.2015 година, како што објавија дел од медиумите, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и  Заев потпишаа договор за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Струмица.

Изградбата на пречистителната станица ќе започне во јануари 2016 година, по склучувањето на договорот за градење со избраниот понудувач. Целокупниот процес на изградба ќе трае 18 месеци и ќе заврши најдоцна до јули 2017 година, по што ќе следи гарантниот период од една година, напиша Билд.

На 25.10.2016 година порталот Плусинфо информира дека Општина Струмица пристапила кон изведба на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води во Општина Струмица“, за која цел,  Заев (во тоа време сè уште градоначалник) го издал и го потпишал одобрението за градба на објектот.

Ние го финансиравме проектот за студијата за животната средина и проектот за физибилити студијата од наши сопствени буџетски средства. Како резултат на сиот овој труд, пред два дена, имав задоволство да го издадам и потпишам Одобрението за градба на објектот Пречистителна станица во општина Струмица, исклучително со грант од ЕУ. Согласно строгите ИПА процедури, објектот на Пречистителната станица за отпадни води во Струмица треба да биде готов до 21 октомври 2017 година, рече Заев.

На 26.10.2016 година, медиумите објавија  дека почнала изградбата на пречистителната станица.

Германската компанија „Вете Е“ заедно со македонската „Вардар градба“ ги почнаа работите за изградба на пречистителната станица во Струмица, каде ќе се третираат отпадните и фекалните води кои досега се излеваа во реката Струмица и завршуваа во Егејското Море.

Имајќи предвид дека изградбата на пречистителната станица е почната, но со задоцнување од една година, како и тоа дека  Заев  најави дека објектот ќе биде готов до 21 октомври 2017 година – што значи го надминува мандатот на актуелната локална власт кој завршува во мај 2017 година, може да се заклучи дека ова негово предизборно ветување е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција