Пазарот Чешел во Струмица сè уште не е модернизиран

Пазарот „Чешел“ во Струмица Фото: Принтскрин

Проект: Нови пазари за нови потреби на граѓаните. Пазарот Чешел ќе биде целосно модернизиран, со нови тезги за продажба на производи и ќе биде од затворен тип бидејќи се стремиме да овозможиме идеални услови за купување и продавање. Рок: 2015 година

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за модернизација на пазарот Чешел во Струмица е дел од изборната програма на градоначалникот Зоран Заев за локалните избори 2013-2017 година (стр. 21). Тој во програмата посочува дека во рок од две години од денот на избор, планира изградба на нов пазар и модернизација на други пазари, меѓу кои и пазарот Чешел, но досега (03.06.2016) ова негово ветување не е исполнето.

Од она што успеавме да го најдеме на интернет пребарувачот Гугл, видовме дека никаде досега не била објавена вест дека овој пазар е модернизиран и уреден. Тој се спомнува единствено на прес-конференција (05.09.2015) на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Струмица, од каде посочуваат дека градоначалникот Заев не го исполнил ветувањето за овој пазар.

Имено, советниците од ВМРО-ДПМНЕ на 05.09.2015 година излегле со обвинување дека „Заев не го интересираат проблемите на струмичани, а доказ за тоа е пазарот Чешел“.

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев два пати ветил дека ќе го реконструира и покрие пазарот „Чешел“, но ветувањето до денес не го исполнил. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Струмица го повика Зоран Заев да поднесе оставка бидејќи очигледно не е заинтересиран да ги решава проблемите на струмичани и правилно да ја менаџира општината.

По ова, истиот ден следела реакција од општина Струмица.

Пазарот Чешел е дело на Зоран Заев, Општина Струмица и Јавното претпријатие Комуналец и истиот ги има сите неопходни услови за нормално функционирање.

Целосното соопштение било објавено и на официјалната веб страницата на Општина Струмица.

Што се однесува до Пазарот ,,Чешел,, кој ги има сите неопходни услови за нормално функционирање , ветувањето за негово покривање целосно ќе биде реализирано. Во општина Струмица постојат приоритетни и помалку приоритетни проекти, но за жал излегуваат и такви кои биле неизвршена обврска на Владата на Република Македонија, па морало да бидат завршени со општински, наместо со државни средства.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот Зоран Заев за модернизација на пазарот Чешел не е исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција