Зошто на локални избори обично победува владејачката партија?

Резултатите на локалните избори често ги пресликуваат парламентарите. И тоа особено во последниве изборни циклуси. Фото: ДИК

Заеднички именител на сите локални избори во плурална Македонија е тоа што речиси по правило победуваат кандидатите за градоначалници и советници на партијата што е на власт на централно ниво, при што ваквиот тренд е сѐ поизразен со текот на времето, па на последните два изборни циклуси владејачката партија, независно која е таа, постигнува апсолутна победа

 

 

Заеднички именител на сите локални избори во плурална Македонија е тоа што речиси по правило победуваат кандидатите за градоначалници и советници на партијата што е на власт на централно ниво, при што ваквиот тренд е сѐ поизразен со текот на времето, па на последните два изборни циклуси владејачката партија, независно која е таа, постигнува апсолутна победа

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Првите локални избори во плурална Македонија се одржаа во далечната 1996 година, или 5 години по референдумот за независност во 1991 година, откако во меѓувреме се одржаа парламентарни и претседателски избори. Последните локални избори, пак, се одржаа оваа 2017 година, при што треба да се нагласи дека изборите сѐ уште не се завршени, бидејќи во вториот круг допрва треба да се изберат градоначалници на уште 35 општини.

Доколку на првите циклуси за избор на локална самоуправа резултатите се разнолики, па повеќе партии можат да се прогласат за победници, повикувајќи се на различни основи зависно од тоа кој им одговара (број на советници, општини, големи општини, Скопје), со текот на времето на локалните избори неспорна победа постигнуваат владејачките партии на централно ниво. Како по правило, колку подолго една политичка структура е на власт, толку поубедлива победи постигнува на локални избори.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО 1996 ГОДИНА

Во 1996 година, од вкупно 123 општини, на овие локални избори тогаш владејачкиот СДСМ освои 54 општини, опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ освои 30 општини, Социјалистичката партија освои 10 општини, првата албанска партија – ПДП, освои 20 општини, итн. Тие се одржаа две години по парламентарните избори во 1994 година, на кои победи СДСМ на чело со Бранко Црвенковски. На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ настапуваше во коалиција со Демократската партија, од чии редови за градоначалник на Скопје беше избран Ристо Пенов. Сепак, гледајќи ги изолирано ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, без нивните коалициски партнери, во гласањето за Совет на Град Скопје СДСМ освои 42.351 или 22,4 отсто, а ВМРО освои 31.221 или 16,5 отсто од гласовите. Оттука, независно од победата во главниот град, според сите други критериуми на овие избори победници се социјалдемократите.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО 2000 ГОДИНА

Веќе следните локални избори се оддржаа во 2000 година, две години по промената на централната власт на парламентарните избори во 1998 година, кога ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводено од Љубчо Георгиевски, го победи СДСМ. Впрочем, оваа промена на централно ниво се рефлектираше и на локално ниво. Имено, ВМРО-ДПМНЕ овојпат освојува поголем број на градоначалници – 59, што е за 29 повеќе во споредба со претходните избори во 1996 година, додека СДСМ освојува 31 градоначалнички места, или 22 помалку од изборите на кои учествуваше како владејачка партија. ПДП на овие избори освојува 23 општини, итн. Но, ако ВМРО освоил повеќе градоначалници, СДСМ освоил повеќе гласови на советничките листи. Во таа насока, СДСМ освојува 736, ВМРО 564, ПДП 268 советници, итн. На овие избори повторно Пенов станува скопски градоначалник како кандидат на веќе ребрендираната ЛДП (ЛП плус ДП), ама овојпат не во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, туку со СДСМ. Врз основа на тоа, на овие избори ВМРО-ДПМНЕ е победникот според бројот на освоени општини, но СДСМ е победникот според бројот на освоени гласови на советничките листи, односно советници.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО 2005 ГОДИНА

Локалните избори во 2005 година, пак, се спроведоа по новата територијална организација, според која се редуцираше бројот на општини од 123 на 84, плус Градот Скопје. Иако беше огромно незадоволството на Македонците поради територијалната реорганизација, против која се изјаснија околу 450.000 граѓани на референдум во 2004 година, сепак, СДСМ како владејачка партија на централно ниво освои најмногу градоначалнички места. Односно, социјалдемократите освоија 36 места, ВМРО-ДМНЕ освои 21 места, додека ВМРО-НП, што ја формираше Георгиевски по расколот во ДПМНЕ, освои 3 места. Новоформирана ДУИ, што произлезе од паравоената ОНА, пак, освои 15 градоначалници. Притоа, од поголемите општини, СДСМ ги освои Карпош, Куманово, Велес, Струмица, додека ВМРО ги освои Аеродром, Битола, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Центар, Прилеп. Во Скопје, пак, победи Трифун Костовски како независен кандидат, кој беше поддржан од ДПМНЕ. Поради фактот што го освои Скопје и поголем број на големи општини, ДПМНЕ прогласи победа, иако номинално гледано, повеќе општини освои СДСМ. Сепак, и СДСМ прогласи победа, бидејќи, освен поголем број на општини, освои и повеќе гласови на советничките листи, кои ѝ донесоа 436 советници. Наспроти тоа, ДПМНЕ освои 323 советници, НП имаше 136 советници, итн.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО 2009 ГОДИНА

Понатаму, локалните избори во 2009 година се одржаа по две изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски на парламентарните избори во 2006 и 2008 година, при што втората победа беше убедлива со 63 пратеници. Во таква атмосфера, ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа и на локалните избори, на кои освои 55 градоначалнички места, или 34 повеќе од изборите во 2005 година. СДСМ, пак, освои само 7 градоначалнички места или 29 помалку од изборите во 2005 година. ВМРО-ДПМНЕ победи во Скопје со Коце Трајановски и буквално во сите други општини, освен Охрид, Карпош, Куманово, Струмица и 3 помали рурални општини. ДУИ, пак, која беше на власт заедно со ДПМНЕ, победи во 15 општини со доминантно албанско население, а ДПА и Нова демократија победија во по една општина (Тетово и Арачиново). Во врска со бројот на советници, ДПМНЕ освои 460, СДСМ 282, ДУИ 179 советници итн.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО 2013 ГОДИНА

Во рацете на ВМРО-ДПМНЕ непрекинато беше централната и локалната власт до следните локални избори во 2013 година, на кои постигна уште поголема победа, освојувајќи дел од големите градови што дотогаш беа под локална власт на СДСМ. Поточно, ДПМНЕ освои 56 градоначалници, или еден повеќе од претходните избори, така што го освои градот Охрид, дотогаш под власт на СДСМ. Социјалдемократите, пак, освоија 4 градоначалници или 3 помалку од претходните избори, при што, покрај дотогашните Куманово и Струмица, ги освои Ранковце и особено престижната општина Центар. ДУИ безмалку ги задржа градоначалниците, освојувајќи еден помалку од претходните избори, или 14, меѓутоа ја презеде најважната општина за Албанците – Тетово. Според бројот на советнички места, ВМРО освои 563, СДСМ освои 381, ДУИ освои 171 советник, итн.

 

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2017 ГОДИНА

Годинава се одржаа шестите по ред локални избори, на кои во првиот круг беа избрани советници и градоначалници во поголем број општини, а останува во вториот круг да се изберат градоначалници на уште 35 општини. Овие избори дојдоа во специфичен политички момент, по неколкугодишна политичка криза и политички промени на парламентарните избори на крајот на 2016 година. По овие избори, по 10 години во опозиција, власта ја презеде СДСМ, која заедно со ДУИ и другите владини коалициски партнери ги организираше локалните избори. Всушност, на овие избори се потврди правилото дека на локални избори обично, помалку или повеќе убедливо, победуваат кандидатите на владејачката, односно владејачките партии, со оглед дека СДСМ во првиот изборен круг освои 38 градоначалнички места, меѓу кои Скопје и сите големи општини со доминантно македонско население, додека ВМРО-ДПМНЕ освои само три рурални општини – Сопиште, Петровец и Илинден. Во првиот круг СДСМ освои 552 советници, ВМРО-ДПМНЕ 432, ДУИ 133 советници, итн.

 

ГРАЃАНИТЕ ПРЕФЕРИРААТ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДА ИМА ПОДДРШКА ОД ЦЕНТРАЛАТА

Политичките аналитичари сметаат дека има повеќе причини поради кои владејачката партија има голем степен на успешност на локални избори. Прво, тоа е резултат на позицијата на владејачката партија како организатор на изборите, од причина што во нејзини раце е Министерството за внатрешни работи, кое има низа надлежности во креирањето на предизборниот амбиент, но и самата организација на денот на избори. Исто така, власта овозможува користење на буџетските ресурси за различна директна и суптилна изборна корупција, преку темпирано делење субвенции, социјална помош, плати во јавниот сектор. На крајот, општините се, системски гледано, зависни од централната власт, па дел од граѓаните преферираат нивната општина да кохабитира наместо да војува со централата.

Кандидатите за градоначалници може да им ветуваат одредени привилегии на гласачите, како вработувања во институциите што неговата партија ги раководи на централно ниво. Но, еден дел од граѓаните што не се тврдо определени гласаат за кандидат за градоначалник што доаѓа од владејачката партија, од причина што општините не се целосно децентрализинирани и се финансиски зависни од централната власт. Без поддршка и соработка со централната власт, општината сама не може да реализира проекти, не може ниту да се задолжи, бидејќи ѝ треба дозвола од Министерство за финансии. Граѓаните што имаат градоначалник од опозициска партија, почувствуваа што значи кога локалното раководство нема поддршка од централната власт – вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција