Јани Нича – судијата кој пријави притисок од обвинителката Вилма Русковска

Фото: pixabay.com

 

Овој судија е еден од малкуте во Апелација кои работат на кривични предмети или одлуки по однос на изрекување на времени мерки. Дали СМС пораката што неодамна ја доби од неговата колешка од обвинителството, Вилма Русковска, за „истресување од гаќи“ го возбуди толку многу, бидејќи можеби живеел долго под „стаклен ѕвонец“, без допир со други притисоци? Последователно тој реагираше промптно, да не речеме уште во пиџами, за да ја алармира судската фела за кореспонденцијата!?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Судењето на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, за случајот „Рекет“ започнува на 3 декември и тоа несомнено е факт што јавноста, оттука и медиумите, ги држи во висок степен на заинтересираност за судбината на жената за која многу народ, во континуирани протести маршираше на скопските улици. Повод: загрозување на работата од страна на тогашната власт на непреченото работење на Специјалното јавно обвинителство.

Во тој контекст сликата за жената која беше заштитен знак на граѓанскиот отпор кон претходната власт, наречен и режим, се промени целосно после откривањето дека лицата кои беа предмет на нејзино гонење успеале да ја вклучат во примање на поткуп. Таа беш осумничена, потоа се најде во истражниот затвор каде мина околу три месеци, а неодамна побара да излезе од притвор, откако судот го прифати обвинителниот акт од страна на ЈО. Имено, истрагата е завршена и нејзиното натамошно присуство во истражниот затвор, од тој аспект, не би требало да биде толку обврзувачко. Остануваат секако уште причини заради кои се изрекува притвор и затоа нејзиното барање за бранење од слобода (или замена на мерката притвор во домашен притвор), беше одбиена од кривичниот совет во прв степен.

 

ЖАЛБАТА ДО АПЕЛАЦИЈА ВРОДИ СО ПЛОД

Но, жалбата на одбраната на Јанева до Кривичниот совет на Апелација вроди со плод! И тука доаѓаме до судијата Јани Нича, кој е повод за правење на овој портрет.

Тој и уште двајца негови колеги дозволија екс-шефицата на СЈО да добие само домашен притвор и дури го одбија нејзиниот предлог да даде материјална гаранција во форма на три станови. Реакцијата во јавноста беше бурна, дотолку повеќе што бројот на т.н.ВИП личности кои се пуштени од притвор е голем и станува правило, а маргинален е бројот на познати имиња кои се уште сè зад решетки во Истражниот затвор Скопје.

Колегите новинари веднаш посегнаа по имотните листови на трите судии кои одлучија да ја пуштат Катица Јанева да ја чека расправата за предметот „Рекет“ во станот на синот. Можеби таму ќе најдат некакво богатство кое може да имплицира богатење или е знак на користење на својата функција? Други пак, побараа да откријат каде лежат релациите меѓу Русковска и Јани Нича, дали меѓу нив има некаква „зла крв“, стекната во текот на нивните кариери.

Сепак, се чини, дека за да се добие големата слика за спорната одлука, колегите треба да се вратат чекор поназад, во 2016 година, пред парламентарните избори, кога се бирани судиите за петте места во Апелација во Скопје. Изборот се совпадна со можната промена на власта во земјава (декември 2016 г.), па за верување е дека коалицијата која беше на заминување, внимавала, секако, какво ќе биде распоредувањето на силите во областа во која таа неприкосновено царуваше!

Најмногу кандидати беа пријавени за 5-те слободни места во Апелациониот суд во Скопје, односно 68 заинтересирани. Од потребните области, двајца судии се бараа за во граѓанската област, еден судија за во кривичната област и по еден судија за трговската област и за областа работни односи.

За судија што ќе работи на кривичните предмети беше избран Јани Нича, дотогаш судија во Основниот суд Скопје 1, кој тогаш имал работно искуство од 30 години и во тој момент работел во Одделението за организиран криминал.

Покрај тоа што беше необичен тајмингот на изборот, 5 септември 2016 година, во рамки на 100-те дена од пржинските избори, беше необично што се огласија помалку слободни место отколку што објективно ги имаше и што би одговарало на обемот на работа. Зоран Караџоски, тогашен претседател на Судскиот совет, призна јавно дека процедурата за избор е сложена и дека повторно недостасуваат судии во повеќе судови (види ТУКА.).

 

КОЈ Е НИЧА?

Јани Нича имаше над 30 години искуство и беше на возраст од 60 години кога стана дел од Кривичниот оддел на Апелација, во услови на намален број кадри и со голема можност да одлучува за повеќето одлуки на второ ниво, од оние по жалба за притвор, но по жалби за други првостепени пресуди.

Нича, по потекло од Крушево, е судија од 1985 година. Судел во скопска „двојка“, а по менување на судската мрежа се нашол во Скопска „единица“, во Одделението за организиран криминал. Го водел и Советот во организиран криминал, кој одлучува по жалби за притворот, „а коавтор е на прирачник за (зло)употребата на мерката притвор, кој ако има ново издание треба да ја содржи целата пракса на овој суд, што е во целост спротивна на тоа што го пишува во прирачникот“ – пишува уредникот на „Сведок“ во својот текст (види ТУКА). Авторот набројува некои од познатите предмети, сите на СЈО, каде очевидно имало правило – ако е од Катица, нема притвор.

Неговиот имотен лист е олицетворение на скромност и веројатно ги одвраќа сите млади правници од желбата да облечат судска тога. Сè што поседува е или од наследство (земјиште и куќа во Крушево, стан од 70 квадрати во Скопје) или е на сопругата (два автомобили стари околу десеттина години), иако „крвната слика“ се поправа ако се знае дека лично има 4 милиони денари во обврзници и 100 илјади денари во накит. (види ТУКА).

Во „наследство“ од неговата колешка Вангелина Маркудова, со која судеше во совет, го доби предметот „Змиско око“, за обвинетите од патарините, а судеше предмети и со обвинети полицајци и граничари за примање поткуп, како и за криумчарење мигранти, пишува „Сведок“.

Нича и Русковска, доколку се вратиме наназад, заедно работеа на случајот „тајвански кредити“ во кој еден од обвинетите беше Васил Тупурковски-Циле. Нича како судија во Основен суд Скопје 1 и Рускоска како обвинител во случајот, при што осудениот Циле успеа да се ослободи во повторна постапка. Размената на телефоните меѓу нив двајца, се подразбира најмалку отогаш.

Овој судија беше во интересот на јавноста и по судењето за прегазената студентка на булеварот „Партизанск“а (види ТУКА). Станува збор за еден случај, во кој и покрај низа отежнувачки околности за возачот, кој побегнал од местото на несреќата, а јавноста шепкулираше и дали е тој истиот кој подоцна се вратил, Нича и една негова колешка најдоа низа олеснителни околности за возачот а и една отежителна за починатата, преминувала пешачки на црвено, па ја намалија казната од прв степен од 4 на 3 години.

Фокусот врз неговата личност, јасно е тоа од погоре напишаното, поради фактот дека нема доволно судии на сите нивоа, често ќе биде истакнуван. А ќе остане и неодговорено дали смс-от на обвинителската Рускоска, е единствениот притисок во неговата долга кариера?

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција