Јелинчич со невистина: Во договорите со Атина и Софија нема откажување од идентитетот!

Змаго Ј. Племенити. Фото: СНС/вебсајт

Иако поретко, „Вистиномер“ оценува изјави и на странски политичари или други јавни лица кога тие говорат за РСМ или за состојбите во земјата, а една таква еклатантна невистина деновиве изрече словенечкиот националистички политичар Змаго Јелинчич Племенити, во врска со договорите со Грција и Бугарија

 

Словенечкиот политичар и пратеник, Змаго Јелинчич Племенити, даде изјава поврзана со состојбите во Република Северна Македонија, во која се содржат и невистинити тврдења:

ИЗЈАВА: Со потписот на Договорот од Преспа, Заев се откажа од сè македонско. Со потписот на ‘пријателскиот’ договор со Бугарија, тој се откажа од идентитетот и од историјата на македонскиот народ, а со усвојувањето на законот за двојазичност сакаше да му даде на албанското малцинство, кое е помалку од 20 проценти, право на уставотворен народ, да ја федерализира земјата и да ја направи двојазична во замена за албанската политичка поддршка. Заедничко за сите овие акти е дека се донесени нелегитимно, незаконски и противуставно.

[Извор: Ekspres.mk и SNS.si – датум:, 06 и 07.01.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Иако поретко, „Вистиномер“ оценува изјави и на странски политичари или други јавни лица кога тие говорат за РСМ или за состојбите во земјата, а една таква еклатантна невистина деновиве изрече словенечкиот националистички политичар Змаго Јелинчич Племенити, во врска со договорите со Грција и Бугарија.

Текстот од изјавата на овој познат политичар уште од деновите на распадот на поранешената држава СФРЈ, што беше објавен на веб страницата на неговата Словенечка народна партија, а беше пренесен ден подоцна во порталот Експрес, е преполн со радикален реченик кон социјалдемократите (во земјава, но и во Словенија) и навреди упатени лично кон Зоран Заев. Тоа се политчки ставови на Јелничич Племенитиот, кои се легитимни, и сè би било в ред, освен што сржта на неговото тврдење е невистина.

Имено, радикалните ставови, навредливиот речник и слично, Јелинчич ги гради врз три претпоставки – штетност на меѓународните договори на Скопје со Атина и Софија, за кои тврди дека се откажување од идентитетот, штетност на законот за јазици и незаконитост и неуставност при нивното донесување.

Првата невистина за договорите од Преспа и со Бугарија, за тоа дека е загубен идентитетот и историјата на македонскиот народ е добро образложувана повеќе пати од страна на „Вистиномер“. Имено, во ниту една точка од договорот со Атина и во ниту една точка од договорот со Софија, офиицјално Скопје се нема откажано од идентитетот, ниту од историјата. Како што е познато, еден од најаважните елементи на идентитетското прашање е јазикот, а македонскиот јазик се признава и во двата договора, односно во договорот со Бугарија не се ни спори. Сосема друго прашање се ставовите на Бугарсата академија на науките (БАН) и нивното толкување за официјалниот јазик во земјата. Во поглед на историјата, исто така, нема откажување. Има, согласно компромисното решение, формирање на заеднички комисии со двете земји кои имаат задача да ги преразгледаат учебниците по историја во секоја од земјите – заеднички.

Што се однесува до ставот за Законот за јазиците, Јелинчич Племенитиот тврди дека Заев сакал со тоа да го направи уставотоворен народ албанското малцинство во земјата кое е под 20 отсто од вкупиот број на населението.

Прво, Албанците, како и другите националности што не се мнозински народ во Република Северна Македонија се уставотворни и тоа уште од 1991 година, а позицијата е многу појасна со неколкуте измени на Уставот од 2001 година и подоцна. Второ, бројот на населението во земјава е непознаница подолго време со оглед на познатите проблеми околу пописот. Поради тоа, невистина е ако некој претендира дека знае точно колку Албанци, на пример, живеат во Македонија во моментов.

И последната суштинска невистина на Јелинчич е во тврдењето дека сите овие акти биле донесени нелегитимно, незаконски и неуставно.

Секој што е на власт има легитимно право да спроведува свои политички идеи затоа што е избран за тоа. Дали постоеле притисоци кон пратениците за да гласаат некое решение тоа треба да се докажува, без оглед на отворените индиции кои постојат во македонската јавност, но, согласно нивните одлуки, почитувана е основната процедура за законитоста и уставноста. Тоа важи дури и за спорниот референдум, зашто тој е насочувач на носителите на политичи одлуки за да донесат некоја одлука. Во случајот, иако официјално неуспешен поради бојкотот, референдумските резултатите од страна на власта и од голем дел од јавноста беа протолкувани во насока дека големо мнозинство од оние кои гласале се согласиле со договорот од Преспа.

Поради погоренапишаните аргументи, може да се оцени дека политичките ставови за РСМ, за социјалдемократите и за Зоран Заев на словенечкиот политичар Змаго Јелинчич Племенити, се потпираат врз невистини.

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.