Јанева има право на комуникација со кого било, со знаење на надлежен орган

 

Пратеникот Антонио Милошоски даде изјава која ja оценуваме како невистинита:

Во моментот кога лице/функционер е во притвор, тоа лице не смее да комуницира со други, освен со својот бранител. Затоа е притворот. Особено не смее да комуницира со институцијата или вработените на кои може да влијае, а таа институција е токму онаа која притворената ја злоупотребила. Притворениот градоначалник, директор, државен секретар, пратеник, министер, судија, обвинител, по сила на закон ги губи ингеренциите во својата институција и капацитетот да наредува, одлучува, санкционира или решава.

[Извор: МКД – Милошоски: Јанева од притвор смее да комуницира…, датум: 04.09.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за порталот МКД.мк даде изјава по објавата на веста дека Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, упатила писмо со полномошно за обвинителите во СЈО, која по проверката ја оценуваме како невистинита.

Станува збор за изјава во која Милошоски тврди дека Јанева нема право да комуницира со никого кога е во пртивор, освен со својот бранител, а најмалку со институцијата „која притворената ја злоупотребила“.

Освен што Милошски ја занемарува презумпцијата на невиност и „правосилно“ ја осуди Јанева која се уште е само осомничено лице под истрага, Милошоски погрешно ја информира јавноста за правата на лицата кои се во притвор.

Ова право во домашното законодавство е уредено со Законот за кривична постапка во повеќе членови, а најблиску за оценка на изјавата е членот 178 со наслов „Посета на притвореникот“.

Во ставот 5 од овој член се регулира и правото на притовреното лице за комунукација со други лица или со претставници на институции, што се наведува во другите ставови на истиот член 178. Ставот 5 гласи:

Притвореникот може да се допишува со лица надвор од затворот со знаење и под надзор на органот што ја спроведува истражната постапка. Овој орган може да забрани испраќање и примање писма и други пратки штетни за водењето на постапката. Испраќањето на молба, поплака или жалба не може никогаш да се забрани.

Во соопштението што е објавено од СЈО, не може да се види дали писмото на Јанева е испратено со знаење на органот што ја спроведува истрагата, туку е споменат надлежниот суд што ја одредил мерката притвор:

Во текот на вчерашниот ден до ова Јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд – Скопје доставено е полномошно, кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага…

Јанева му пишала на надлежен суд, надлежен суд го препратил напишаното до СЈО, преку КПД „Скопје“. Сосема е друго прашањето дали Јанева може со полномошно испратено од притвор, (само со потпис, оти претпоставуваме не ѝ го донел некој и печатот што го поседуваше како специјален јавен обвинител), да ополномоштува некого во институцијата што формално сè уште ја раководи, но од која е оддалечена како осомничена. Но, дека има право на комуникација со други лица или институции, освен со својот бранител, како што вели Милошоски, секако дека има и тоа го гарантира соодветниот закон, Уставот и меѓународни конвенции или договори што се однесуваат на човековите права, во кои спаѓаат и правата на притворените лица.

Оттука, изјавата на Милошоски што ја цитиравме на почетокот на текстот, ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција