Џорџ Сосорс не е уапсен за изборни измами во САД

Објава на Фејсбук пласира невистинита информација дека Џорџ Сорос е упасен и се наоѓа во федералниот притвор на Филаделфија. Постот се повикува на канадскиот сајт conservativebeaver.com, но веста којашто е таму објавена веќе е оценета како лажна од сајтот за проверка на факти leadstories.com

 

Пост на Фејсбук шири лажна вест дека Џорџ Сорос е уапсен за мешање во претседателските избори во САД и дека се наоѓа во федерален притвор во Филаделфија. Според авторот на постот, кој се повикува на текст објавен од conservativebeaver.com, Сорос е на распит во ФБИ, а Гугл ги брише објавите поврзани со неговото апсење. Постот во моментот на нашата рецензија има 151 реакциja, 32 коментари и 89 споделувања.

Џорџ Сорос Уапсен за изборно мешање, во федерален притвор
Објавено на 23 ноември 2020 година
ФИЛАДЕЛФИЈА – Џорџ Сорос е уапсен, и во моментов е во федерален притвор во Филаделфија. Според неодамна запечатеното обвинение поднесено во западниот округ Пенсилванија, Сорос извршил сериозни злосторства на изборите во САД. Обвинението се фокусира само на криминалната активност во која учествувал Сорос пред изборите, како што се измама со жици, кражба на идентитет и оштетување на компјутерите. ФБИ изјави дека обвинението најверојатно ќе се ажурира за да ги одрази обвиненијата за изборно мешање во врска со гласањето за Доминион, откако ќе се знае целиот обем на работењето на Сорос. Во моментов Сорос е на распит од ФБИ. Исто така, забележително е дека судијата стави забрана за објавување на апсењето на Сорос, сепак, тие закони не се применуваат за канадските медиуми – како Конзервативниот Бивер. Rebel News – реномиран алтернативен медиум – претходно известуваше за поврзаноста на Џорџ Сорос, фондацијата Тидес и гласањето за Доминион. ФБИ потврди дека се свесни за работењето на Сорос во Канада и извршија потерница по домот и канцелариите на Сорос во Торонто.
Кога го прашаа за изјава, адвокатот на Сорос не даде одговор. Истрагата продолжува. Гугл ги брише резултатите! Биди прв да му ја кажеш на светот ВИСТИНАТА!, се вели меѓудругото во постот објавен на Фејсбук.*

Во прилог на веста е објaвен и наводен судски документ за апсењето на Сорос.

Ова секако е лажна вест, а за тоа говорат неколку факти.

Прво, ако Џорџ Сорос навистина беше уапсен, тоа ќе беше ударна вест во сите светски релевантни медиуми, што не е така во случајов. На интернет пребарувачите не може да се најде ниту една вест поврзана со апсење на Сорос поради изборни измами во САД.

Второ, во постот се тврди дека Сорос во моментов е во федерален притвор на Филаделфија, но ако отидете на официјалната веб-страница на Федерланото биро на затвори на Филаделфија и во полето за пребарување напишете Џорџ Сорос, нема да ви излезат никакви резултати.

Постот тврди и дека Сорос во моментов е на распит во ФБИ, за што, исто така, нема никакви податоци на официјалната веб страница на американското Федерално биро за истраги. Ако во полето за пребарување на оваа страна напишете Џорџ Сорос, единствена информација која ќе ви излезе поврзана со него е истрагата од 2018 година која ја спроведе ФБИ во врска со сомнителен пакет оставен во неговото поштенско сандаче.

Веста на канадскиот сајт conservativebeaver.com за апсењето на Џорџ Сорос, на која се повикува и авторот на постот кој го рецензираме, како лажна ја оцени сајтот leadstories.com.

Канадскиот вебсајт, кој ја објави веста за апсењето на Сорос, има историја на објавување на лажни вести и измислици и наводниот судски документ кој го нуди како доказ е фотошопиран, пишува leadstories.com.

Сликата е фалсификат, односно таа е создадена со преземање на (реалното) обвинение против шест руски хакери и замена на нивните имиња со она на Сорос.

За случајoт со руските хакери можете повеќе да прочитате ТУКА.

Понатаму сајтот leadstories.com открива дека канадскиот сајт conservativebeaver.com постои нешто повеќе од два месеца, односно бил регистриран на 19.09.2020 г. Во секцијата „за сајтот“ пишува дека сајтот го формирал и го води Зајден Торнтон, прикажувајќи профилна слика од него. Фотографијата од ликот на Торнтон е компјутерски генериран лик, заклучува leadstories.com.

Понатамошната анализа на веб-страницата conservativebeaver.com открива дека тој го има истиот код на Google Adsense како и друга веб-страница која брзо ја заработи репутацијата на сајт за лажни вести, TorontoToday.net, пишува leadstories.com.

Не е првпат да се шират лажни вести дека Џорџ Сорос бил уапсен. На 16.04.2020 година, дел од американските медиуми објавија и тврдеа дека тој е уапсен на аеродром во Лос Анџелес во моментот кога сакал да ја напушти земјата. Лажна вест за апсењето на Сорос се појави и во февруари 2019 година. Нашата проверка на постот што го рецензираме, исто така, покажа дека станува збор за уште една невистинита вест во низата такви објави за апсењето на Џорџ Сорос.

 

*Напомена: рецензираните постови се пренесуваат во оригинал, без никакви поправки во однос на граматиката и преводот од странски јазик

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција