10 најважни настани во економијата во 2019: Не баш економска, но сепак просперитетна година

Фото: needpix

Иако требаше да биде економска година, за 2019-та не може да се рече дека беше таква, бидејќи повторно политиката имаше предност пред економијата. Но, и покрај претседателските избори кои се случија на почетокот од годината и низата превирања во однос на аферата „Рекет“, која го пренасочи вниманието, како и најавените предвремени избори, сепак, економијата во 2019 година почна да се стабилизира. Остварен е нејзин раст, зголемен е извозот, намалена е невработеноста, платите се зголемија, што влијае врз стандардот на вработените, а сето тоа влијаеше и да се зголемат пензиите. Земјава направи исчекор кон отворање на пазарот во регионални рамки

 

Иако требаше да биде економска година, за 2019-та не може да се рече дека беше таква, бидејќи повторно политиката имаше предност пред економијата. Но, и покрај претседателските избори кои се случија на почетокот од годината и низата превирања во однос на аферата „Рекет“, која го пренасочи вниманието, како и најавените предвремени избори, сепак, економијата во 2019 година почна да се стабилизира. Остварен е нејзин раст, зголемен е извозот, намалена е невработеноста, платите се зголемија, што влијае врз стандардот на вработените, а сето тоа влијаеше и да се зголемат пензиите. Земјава направи исчекор кон отворање на пазарот во регионални рамки

 

1. БДП РАСТЕ, ЕКОНОМИЈАТА СЕ СТАБИЛИЗИРА

Владата проектира раст на економијата од 3,2 отсто при донесувањето на Буџетот за 2019-тата, но поради ниската реализација на капиталните инвестиции, со ребалансот ја намали проекцијата на 2,8 отсто.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика се дека стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за третиот квартал изнесуваше 3,6 отсто.

Раст на економијата од 3,1 отсто имаше во вториот квартал, додека најдобар беше првиот кога е забележан раст од 4,1 отсто. Резултатите за последниот квартал и за цела година ќе се знаат следната година, но факт е дека економијата беше подобра од 2018 година.

Очекувањата на владата се дека за 2019-та ќе се постигне раст од 2,8 отсто, како што беше проектирано со ребалансот на буџетот, зашто проектите во градежништвото почнаа да се реализираат во втората половина од годината.

Овој бруто домашен производ е генериран од реалната економија, не е генериран од виртуелни проекти кои државата ги правела со задолжување, изјави вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев по објавата на растот за третиот квартал.

И за бизнисот економијата оди по нагорна линија.

 

2. СЕ НАМАЛИ НЕВАРБОТЕНОСТА, БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ РАСТЕ

Намалувањето на невработеноста е едно од првите прашања на кои Владата сериозно се посвети и продолжи да го решава.

Последните податоци на Државниот завод за статистика се за третиот квартал лани и тие покажуваат дека стапката на невработеност се спушти на 17,1 отсто, додека стапката на вработеност во овој квартал изнесува 47,4 отсто. На крајот на 2018 година стапката на невработеност изнесуваше 20,7 отсто.

Владата овие резултати ги припиша на директните мерки на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, како и на мерките за поддршка на компаниите и привлекувањето на странските инвестиции, кои придонесоа за 2 години да се отворат повеќе од 54.000 нови работни места и можностите кои им се даваат на идеите на младите да основаат фирма преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Во 2019 година во овој фонд пристигнале дури 487 апликации за поддршка. За две години формирани се 314 компании, поддржани 54 училишта и над 30 партнерски организации. Вкупниот број на вработени во овие компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени. Просечната плата во овие компании е 700 евра.

За две години Владата потпиша 34 нови договори за странски и домашни инвестиции од кои 13 фабрики се веќе изградени и пуштени во употреба, а 21 се во процес на изградба. Нивното отворање ќе значи и нови работни места.

 

3. МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ПОРАСНА НА 14.500 ДЕНАРИ, ДРЖАВАТА СУБВЕНЦИОНИРА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ

Како мерки за економски развој и задржување на вработените во земјата, Владата ги смета и зголемувањето на минималната плата и платите на вработените, субвенционирањето на зголемување на платите преку плаќање на придонесите од страна на државата, како и најавеното зголемување на платите за 5 и 10 отсто, кое кај дел од вработените ќе почне наредната година.

Минималната плата од декември се зголеми на 14 500 денари. Владините претставници постигнаа договор со синдикатите, стопанските комори и работодавачите за раст на минималецот од две илјади денари. Со тоа продолжи спиралата на зголемување на платите почната со првото зголемување во 2017 година.

Од владата сметаат дека покрај најавеното зголемувањето на минималната плата, се отвора можност за покачување и на останатите плати и со најавената владина мерка за субвенционирање на придонесите, доколку работодавачите ги зголемат платите на вработените од 600 до 6.000 денари.

Последната информација презентирана од директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, беше дека 8.000 фирми побарале и добиле субвенции за исплатени повисоки плати на 45 илјади вработени, додека 1.300 работодавци, кои планирале да ја зголемат платата на 47.000 вработени сѐ уште не го оствариле ова право од технички причини. За оваа мерка во буџетот за 2020 година се обезбедени 2,4 милијарди денари.

Со оваа мерка дирекно влијаеме на растот на економијата и стандардот кај граѓаните. Мерката е во траење од три години, но подготвени сме да дискутираме ако има потреба од продолжување на овој закон, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

За следната година се најавени и повисоки плати од 5 отсто за вработените во образованието, здравството, градинките, социјалните служби, одбраната, судството, полицијата… докторите специјалисти ќе добиваат 10 отсто повисоки плати. Законот за нивно зголемување помина на Собранието.

 

4. СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ПО РАСТОТ ЛАНИ, ГОДИНАВА ВО ПАД

Според податоците на Народната банка, вкупните директни инвестиции во земјата, во текот на третиот квартал од 2019 година изнесуваа 73,6 милиони евра. Од нив, 35,4 милиони евра се нето приливи врз основа на сопственички капитал, 39,2 милиони евра се нето-приливи врз основа на должнички инструменти, додека реинвестираната добивка е намалена за 1 милион евра.

Во првите девет месеци од 2019 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 131,3 милиони евра. Лани во земјава влегоа рекордни 624 милиони евра странски инвестиции.

 

5. ТЕШКО СЕ РЕАЛИЗИРААТ КАПИТАЛНИТЕ ПРОЕКТИ

До ноември Владата и нејзините институции инвестирале 1,868 милијарди денари (30,4 милиони евра), односно само 49 отсто од планираното со ребалансот на буџетот, покажуваат податоците на Министерството за финансии.

Капиталните инвестиции беа проблем на Владата од почетокот на нејзиниот мандат и не се променија и годинава. Првично со буџетот за годинава беше планирано да се потрошат 25,7 милијарди денари (418 милиони евра), но поради слабата реализација во првата половина од годината, со ребалансот износот се намали на 181 милиони евра.

 

6. СЕ НАПУШТА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕНЕРГИЈА ОД ФОСИЛНИ ГОРИВА, СЕ ГРАДАТ ФОТОНАПОНСКИ ЦЕНТРАЛИ

Ако во 2018-та година донесувањето на Законот за енергетика беше во фокусот на економската политика на Владата, покрај донесувањето на планот за економски раст и поддршката на домашните и странските компании, годинава тоа беа напорите да се зголеми производството на електрична енергија од сопствено производство и да се задржи ниската цена на енергијата за граѓаните.

Владата годинава ја заврши постапката за избор на фирма која ќе ја гради фотонапонската централа на земјиште на поранешниот рудник за јаглен на ТЕ „Осломеј“.

Компанијата „Гирисим Електрик” од Турција е избрана да ја гради фотонапонската централа која ќе има инсталирана моќност од 10 мегавати. Инвестицијата е вредна седум милиони евра. Од нив 5,9 милиони евра се заем од Европската банка за обнова и развој, а 1,1 милион сопствени средства од АД ЕСМ.
Согласно договорот, таа треба да биде изградена за 10 месеци и од следната есен да почне со производство.

Успешно е завршен и тендерот за изградба на фотонапонски централи со вкупна моќност од 35 мегавати на државно земјиште. Локациите се во село Азамбегово (Свети Николе) и село Манастирец (Македонски Брод). На парцелите ќе се градат фотоволтаици од 10 MW, 5 MW, 2 MW и 1 МW. Земјиштето се доделува на 50 години. На огласот се јавија 85 инвеститори.

На огласот, пак, за фотонапонски централи за изградба на приватно земјиште се пријавија над 40 инвеститори а веќе од следната година се очекува да почнат со производство.

Последните податоци на Државниот завод за статистика, кои се за месец октомври, покажуваат дека 68,1 отсто од потрошената електрична енергија е од домашно производство, а остатокот е обезбеден од увоз.

 

7. МЕЃУНАРОДНО ИНТЕГРИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

По одлагањето на приемот во Европската унија, Владата одлучи да се приклучи на иницијативата „Мал Шенген“, која овозможува подготовка на земјите од Западен Балкан за побрзо прилагодување на економиите за влезот во Унијата.

Премиерот Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Нови Сад, Охрид и Тирана одржаа три регионални средби на кои дискутираа за подобрување на регионалната соработка за елиминирање на сите препреки за слободното движење на луѓе, добра, услуги и капитал. На средбата присуствуваа и претставници од БиХ и Црна Гора, кои беа повикани да се приклучат кон оваа идеја.

Посебно значајно за регионот е формирање на единствен пазарот на трудот кој треба да овозможи слободен проток на работници, со што се очекува да се намали одливот на кадри во поразвиените земји или да се ублажи недостигот на работна сила кој последните години станува поизразит. Слободен проток на работници бараа скоро цела година и бизнисмените. Тие тврдат дека се потешко доаѓаат до високостручен и квалитетен кадар.

 

8. БИЗНИСОТ И НАТАМУ СО ИСТИТЕ БАРАЊА

Што бараше бизнисот во изминатата година? Главно предвидлива клима, владеење на правото, учество во донесување на законите, работна рака која сѐ помалку ја има, борба против сивата економија, дигитализација.

Според бизнисмените, владеењето на правото е императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис. Тие сметаат дека се потребни јасни и недвосмислени прописи, кои се донесени врз основа на консултации со бизнис-секторот, коишто се применливи во практиката и навистина се применуваат онака како што е напишано. Бизнисот вели стоп за донесувањето прописи по скратена постапка.

Недостатокот на работна сила, каква што му е потребна на бизнис-секторот, станува сѐ поизразен проблем, кој мора да се решава и со краткорочни и со долгорочни мерки, а дел од нив се однесуваат на реформи во образовниот систем и воведување на дуално образование.

Според бизнисмените, на Македонија ѝ се потребни и економски одржливи рурални заедници кои ќе допринесат во развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари.

Едно од барањата на бизнисмените, кое се провлекува веќе пет години, е законско нормирање на холдингот, како основа за натамошни измени во даночната регулатива.

 

9. ГРАЃАНИТЕ ГО ДОБИВААТ ПОВРАТОТ НА ДДВ

Ветувањето дека ќе врати 15 отсто од данок на додадена вредност (ДДВ) Владата го реализира годинава. Мерката стартуваше од јули, а првиот поврат на ДДВ граѓаните добија во декември. Оваа мерка дополнително треба да даде придонес за намалување на сивата економија на која најмногу забележуваат бизнисите.

Во тек е исплатата од мерката на владата МојДДВ која се однесува на периодот јули, август и септември 2019 година.

Според податоците, повратот од 15 отсто од платениот ДДВ е во износ од над 186 милиони денари (над 3 милиони евра). Во првиот квартал од Мој ДДВ скенирани се 22,7 милиони фискални сметки, а остварен е вкупен промет во износ од 11,4 милијарди денари, со пресметан вкупен ДДВ во износ од 1,24 милијарди денари.

Од 15-ти декември почна и наградната игра МојДДВ#МојаНаграда, која предвидува 3.852 парични награди во вкупен фонд од половина милион евра.

Наградната игра ќе трае една година и за тој период ќе се доделат две премии од 50.000 евра, месечно ќе се доделуваат 15 награди по 100.000 денари и дневно ќе се доделуваат 10 награди од по 1.000, 2.000 и 3.000 денари.

 

10. ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ КРИЈАТ КАКО ТРОШАТ – ПРОРАБОТЕ ПЛАТФОРМАТА „ОТВОРЕНИ ФИНАНСИИ“

Министерството за финансии и лани во рамките на планот за зголемување на транспарентноста ја отвори платформата „Отворени финансии“, преку која граѓаните можат да контролираат како се трошат буџетските пари. Оваа активност е најавена и како мерка за намалувањето на корупцијата.

На отворањето на платформата на граѓаните им се овозможи увид на над 12,5 милиони трансакции на вкупно 1.105 државни институции на централно ниво: министерствата, самата влада, фондовите, државните агенции и комисии, судовите и други. Подоцна се планира на платформата да се најдат и трансакциите кои ги извршуваат локалните самоуправи и нивните претпријатија.

Отворањето на трезорот и сите податоци во него е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и на штедењето на парите на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев при презентирањето на платформата.(МЕТА)

Според министерката за финансии, Нина Ангеловска, платформата ќе поттикнува поправедно и поодговорно трошење на буџетските средства, поради стравот од фаќање на нелегална активност.
Отворените финансии ќе се дополнуваат со нови податоци на секои 15 дена.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција