24 Часа.хр преувеличува разочарување кај Македонците поради отсуството на датум за преговори на загребскиот ЕУ Самит

ЕУ Самит, Загреб 2020. Фото: Влада на РМ

 

Хрватскиот портал „24 часа“ (24sata.hr) излезе со текст по усвојувањето на Загребската Декларација на Самитот на ЕУ, чиј наслов е, де факто, дезинформација – „Македонците разочарани, не добија датум за почеток на преговорите“ (Makedonci razocarani, nisu dobili datum pocetka pregovora).

На почетокот од текстот има краток вовед во кој се говори дека на Самитот не бил доделен датум за почетокот на преговорите, „на што се надевала македонската јавност и поранешниот премиер, претседателот на СДСМ, Зоран Заев“.

Веднаш потоа, се гледа изворот од каде е изваден насловот. Станува збор за изјава на новинарот на „Нова Македонија“ Александар Србиновски, кој во текстот е претставен и како политички аналитичар. Тој, навистина, во оригиналната изјава дадена за „Вечерњи Лист“ зборува дека „македонската јавност е шокирана“ и дека „Македонците со разочарување ја примиле веста од Загреб, бидејќи биле уверени дека поради залагањето на премиерот (Андреј) Пленковиќ, премиер на земјата што претседава со ЕУ, Северна Македонија ќе добие датум за отворање на пристапните преговори, но дека тоа не се случило и дека Македоонците се многу разочрани…“

Фактите зборуваат дека никој во Северна Македонија посериозно не очекуваше на Самитот во Загреб да биде доделен датум за почеток на преговорите. Од средината на корона кризата во март, веќе се знаеше дека загребскиот самит ќе биде вирутелен, ќе биде посветен, пред сѐ, на справувањето со Ковид 19 и со мерките за пост-пандемиското економско закрепнување, како и тоа дека за регионот на Западен Балкан се очекуваше мобилизација за политичка и, пред сѐ, финансисака поддршка.

Непосредно пред одржувањето на Самитот, вицепремиерот за евро-интеграции на С. Македонија, Бујар Османи, изјави дека очекува условите за меѓувладината конференција РСМ-ЕУ, Европската комисија да ги достави во јуни. Истото очекување го изрази и на ден пред одржувањето на Самитот и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервјуто за Н1 Телевизијата. Ништо поразличен став немаше ни техничкиот премиер, Оливер Спасовски, кој на самиот Самит потсети дека РСМ е подготвена за дијалогот за започнување на меѓувладината конференција.

Воедно, никаде или кај многу мал сегмент од јавноста може да се прочитаат очекувања, истражувања на очекувањата, или што и да е поврзано со расположението на јавноста околу агендата на Самитот во Загреб.

Оттука, иако е неприкосновено право на новинар и аналитичар да изрази свое мислење и заклучок даден во одговор на поставено прашање, секако, медиумите не треба од само еден извор да вадат заклучоци и да ги претставуваат како факти пласирани и во насловот на текстот за кој зборуваме.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција