3. Мај – Светски ден на слободата на медиумите

Секоја година на 3. мај припадниците на новинарската професија ги слават фундаменталните права и слободи, прават евалуација на слободата на медиумите ширум светот, преземаат чекори за одбрана од нападите врз нивната независност и се сеќаваат на своите колеги кои ги загубија животите, практикувајќи ја новинарската професија. Сето ова се случува денеска и тоа по 26-ти пат, откако во 1993 година Генералното Собрание на Обединетите нации го прогласи овој ден за Светскиот ден на слободата на медиумите (World Press Freedom Day), усвојувајќи ја Препораката од 26-тата сесија на генералната конференција на УНЕСКО две години претходно

Секоја година на 3. мај припадниците на новинарската професија ги слават фундаменталните права и слободи, прават евалуација на слободата на медиумите ширум светот, преземаат чекори за одбрана од нападите врз нивната независност и се сеќаваат на своите колеги кои ги загубија животите, практикувајќи ја новинарската професија. Сето ова се случува денеска и тоа по 26-ти пат, откако во 1993 година Генералното Собрание на Обединетите нации го прогласи овој ден за Светскиот ден на слободата на медиумите (World Press Freedom Day), усвојувајќи ја Препораката од 26-тата сесија на генералната конференција на УНЕСКО две години претходно.

Главната тема, на која годинава ќе се расправа и на централната конференција во Адис Абеба, Етиопија (2-3 мај), гласи „Медиумите за демократија: новинарството и изборите во време на дезинформации“ и ќе ги опфати опасностите од инструментализација на медиумите, комбинирана со практиките на опструкции, малтретирање, незаконски апсења, па дури и убиства, со цел да се спречат новинарите да ја вршат својата работа слободно и независно. Опсерваторијата на УНЕСКО лани забележа 99 убиства на новинари, а нивниот вкупен број во периодот 1994-2018 изнесува 1.307.

Ени Гејмс, извршната директорка на ИФЕКС, меѓународна мрежа на организации кои имаат заедничка заложба да ја бранат и промовираат слободата за изразување како фундаментално човеково право (во која единствена членка од Македонија е „Фондацијата Метаморфозис“), по повод овогодишниот Светски ден на слободата на медиумите вели дека во денешната глобална реалност, освен со некои исклучоци, владите, како и други недржавни актери сѐ похрабро се мешаат во работата и ја приграбуваат улогата која медиумите можат и мораат да ја имаат во демократиите.

Таа додава дека ваквото мешање се врши на многу начини – преку подгревање на клима на страв, давајќи им до знаење на новинарите дека цената на раскринкување на злоупотребите на моќта, корупцијата или криминалот, на обезбедувањето информации за која јавноста треба да знае е губење на нивната работа, слобода или живот.

Други начини на потиснување на новинарските слободи се затворањето на пристапот до дигиталните канали врз кои јавноста сѐ повеќе се потпира како извор на вести, ширење на конфузија или наметнување преку постојан дотур на дезинформации и тоа не само пред избори, туку постојано. Тоа, исто така, се постигнува и преку преплавување на медиумите со пропаганда или разгорување на пламенот на нетолеранција и омраза.

Заради сето ова, 3. Мај е ден потсетување за владите за потребата да ги почитуваат и спроведуваат своите заложби за слобода на медиумите, ден за рефлексија кај медиумските професионалци, како и ден за сеќавање на новинарите кои ги изгубија животите, вршејќи ја својата работа.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција