5 Г во Македонија: Пчелите умираа и во Бекирлија каде што нема најобичен телефонски сигнал

5 Г во Македонија: фото АЕК

Угледниот медиум Би-Би-Си во прилогот од 5 април можната поврзаност меѓу 5 Г мрежите и коронавирусот ги нарекува комплетна глупост. И редица други угледни медиуми се на ставот дека стравот од негативното влијание на 5 Г технологијата е неоснован.

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Се сеќавате ли на „Медена земја“? Документарниот филм на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов за одгледувачката на диви пчели Атиџе Муратова? Пред само два месеца нацијата беше горда на успехот на овој филм, со преку 40 награди во целиот свет и две номинации за престижната награда „оскар“…

Секако дека не сте го заборавиле овој филм толку бргу. Во него една од највпечатливите сцени, која стана и мото на филмот, е мантрата на Атиџе во собирањето на медот од „нејзините“ диви пчели: „Пола за мене, пола за пчелите!“. Таа еколошка рамнотежа ќе биде нарушена кога во зафрленото село Бекирлија, во Овчеполието, ќе се досели многубројното семејство на Хусеин Сам. Тој ја гледа активноста на Атиџе, и самиот започнува да собира мед од пчелите, но проблемот настанува кога под наговор на прекупецот сака да земе малку повеќе од пола. Кога зема сè, настанува помор и на неговите и на пчелните кошници на Атиџе: илјадници и илјадници мртви пчели насекаде…

Овој малку подолг вовед е инспириран од фотографијата која стои на најновата петиција што последниов период кружи на интернет против инсталирањето на 5 Г мрежата во Македонија.

Во првиот случај, убаво опишан во „Медена земја“, се работи за човековата алчност. Дали во вториот случај се работи за една од бројните теории на завери, или, пак, навистина 5 Г телекомуникациски мрежи се штетни по здравјето на луѓето и живиот свет во околината?

Според сите достапни информации, ниедна телекомуникациска компанија во светот нема презентирано релевантна студија од која недвосмислено ќе се види дека 5G технологијата на ниеден начин не го загрозува здравјето на луѓето и нема никакви негативни последици по животинскиот и растителниот свет. Напротив, има безброј примери и докази за негативни последици по здравјето на луѓето и загрозување на животните и растенијата. Сведоци сме на секојневен помор на пчели, птици, насекаде низ светот, луѓе заболуваат од тешки болести во областите во кои веќе е инсталирана и ставена во функција 5G технологијата. Да се освестиме додека сеуште има време. Да не дозволиме да нѐ залажуваат со наводните придобивки од воведувањето на 5G…, се вели, меѓу останатото, во петицијата.

Но, дали сите достапни информации го тврдат токму ова, а во последниве денови дури се поврзува и инсталирањето на 5 Г мрежите со појавата и ширењето на коронавирусот? Напротив.

Угледниот медиум Би-Би-Си во прилогот од 5 април можната поврзаност меѓу 5 Г мрежите и коронавирусот – што предизвика и палење на неолку бандери на кои биле инсталирани уредите во Бирмингем и Мерсисајд – ги нарекува комплетна глупост.

Симон Кларк, високорангиран медицински експерт од Обединетото Кралство, за идејата дека 5 Г го намалува природниот имунитет на луѓето вели дека е неверодостојна.

Вашиот имунолошки систем може да го биде под влијание на разни работи – со тоа што сте биле уморни, или сте немале добра диета. Овие флуктуации не се огромни, но можат да ве направат повеќе подложни на фаќање вируси, вели д-р Кларк.

И редица други угледни медиуми се на ставот дека стравот од негативното влијание на 5 Г технологијата е неоснован. Нивните извештаи може да ги прочитате тука, тука, тука, тука и тука. Се работи за извештаи од неколку земји во Европа и светот.

Кај нас, пак, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) уште пред крајот на минатата година објави експертски извештај околу можното негативно влијание на 5 Г мрежата врз здравјето на луѓето и околината. Анализите на АЕК покажале дека нема простор за загриженост.

Секоја технолошка новина, по правило, колку што има приврзаници, толку раѓа  и разни конспирации за можната штетност.

И, повторно, да се потсетиме на „Медена земја“: Атиџе собира мед на старински начин, би рекле со античка технологија. Во еден момент во филмот – за многумина најпотресен – таа е радосна кога со примитивна антена успева да фати сигнал на нејзиниот стар радио апарат, од оние со батерии. Во нејзиното пусто село Бекирлија сигнал од мобилен телефон може да се фати само ако се качите на брдото над селото, а дотаму ви треба половина час пешачење…

Пешачењето е здраво, посебно во чиста природа, но, во секој случај, и технолошките напредоци не се секогаш штетни по здравјето на луѓето.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција