5-те најекспонирани теми во 2019 година што ќе се пренесат и во 2020

Фото: pixabay/meta. Колаж: Вистиномер

Минатата 2019-та, меѓу останатото, беше и година на скршени илузии и изгубени надежи. Низ медиумите постојано беше матно, а надвор постојано нешто чадеше. Дезинформации насекаде и правдата како да беше недостижна. Овде ќе се обидеме поопширно да потсетиме на најексплоатираните теми кои ни се вртеа пред очи, на порталите, социјалните мрежи, по канцелариите и во јавниот дискурс

 

Пишува: Билјана Танеска

 

1. ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Годината ни започна со муабети околу името и ратификувањето на Преспанскиот договор, но со недобивањето на датумот за започнувањето на пристапните преговори за влез во ЕУ овој тренд само уште повеќе се разгоре. Противниците на договорот постојано наоѓаа нови причини за навраќање на оваа нарација, а оние најбезобразните ги нарекуваа своите неистомисленици Севeрџани. Промените на имињата на некои институции, поставувањето табли и замена на шахти со сонцето на Вергина – како и секој друг потег предвиден со договорот, беа дочекувани со гласни воздишки, навреди и квази-патриотски обвинувања. Овој тренд не го одмина ни изборот за песна за  Евровизија, каде што го достигнавме досега најголемиот успех откако постоиме како држава. За жал, овој наратив успеа да ја засени и големата победа на ракометниот клуб „Вардар“, кога претставникот на шампионите јавно изјави дека не го признава името на сопствената земја.

 

2. ЕКОЛОГИЈА

Целата година бевме опседнати со ѓубрето околу нас, како сите да нè мачи некоја потсвесна потреба за внатрешно прочистување. Постојани постови од ѓубре насекаде, запалено ѓубре и смрдеа, чистење на ѓубре и негово повторно враќање. Дури и кога се поставија новите далеку пофункционални контејнери со капак и рачка за лесно отворање, постовите поврзани со нив беа дека некој не ги користи како што треба, како ги запалил или која била потребата да се објаснува како се отвораат. Но, темите околу загадувањето на застанаа тука. Оваа нарација се засили со глобалните протести пред самитот во Обединетите нации, па наместо за темата луѓето почнаа да се препираат околу младата Грета Тунберг и оправданоста на нејзините протести. Сепак, темите со екологијата оваа година беа присутни, а својата кулминација ја доживуваат со доаѓањето на зимата и зголемувањето на загаденоста по градовите. Невладините организации и активистите цела година бараа преземање на некакви активности тоа да се избегне, за пред самиот почеток на сезоната со загаден воздух да разбереме дека ниту еден таков чекор не е преземен од страна на министерството за животна средина.

 

3. ПРОБЛЕМАТИЧНИ ПОЛИТИКИ

Ако по нешто може да се запамети начинот на владеењето во 2019-татагодина, тоа ќе бидат многубројните политики, кои не поминаа онака како што се очекуваше. Секојдневно се соочувавме со нови закони и регулативи кои за многу кратко се покажуваа како промашени.

Најистакнат во оваа насока беше законот за прогресивен данок, кој, покрај недостатоците, беше искра надеж за пофер оданочување. Потоа, од почетокот на годината кога беше донесен, законот за јазици постојано провејуваше низ медиумите, за уште повеќе да се актуелизира кога стигнаа критиките за него од страна на Венецијанската комисија. Од друга страна, пак, низ целата година постојано бевме изненадувани од испади на комисијата за преговори поврзани со договорот за добрососедски односи со Бугарија и особено ставовите на бугарската страна.

Одложувањето на донесување на голем број реформски закони, како и потполната закоченост на донесувањето на клучни одлуки, за што во голем дел беше одговорна и опозицијата, дадоа една слика на вечно чистилиште, кое по многу наликува на судбината на Сизиф. На ова би ги додале уште и нелогичните смени на министри и афери на пратеници. Врвот на сè во текот на годината беа големиот број ПР гафови, како згрешени знамиња и протоколи, недостојни изјави кои се претворија во мемиња, но и смешни предлози – како крајно дискутабилниот предлог за нов закон за протести. За жал, сите овие пропусти ја дефокусираа јавноста од многу добри, полезни активности и закони кои најмногу ги имаше во министерството за труд и социјала, потоа успехот на мерката „Мој ДДВ“ и задоволството од зголемувањето на просечната плата.

 

4. МАКЕДОНСКИ УСПЕСИ

Не дека само лоши наративи се вртеа низ цела 2019. Културата и спортот беа домени кај што најсилно засветивме. Победата на РК Вардар на европскиот шампионат ги сплоти сите под црно-црвеното знаме. Народот и политичарите заедно се бодреа и навиваа низ целото траење на натпреварите, а кога на крај пристигна и толку посакувата победа беше крунисана со прослава на плоштадот Македонија. Не дека немаше и таму несакани испади на недолично навивање и подгорувачки изјави, но сепак овој настан остави позитивен белег на тој период од годината. Потоа, дојде учеството на Тамара во изборот на песна за Евровизија со врвната изведба на длабоката и силна нумера која ја разниша Европа и за прв пат ја доведе нашата земја толку блиску до врвот.  Не многу подоцна се соочивме уште со еден успех, а тоа е документарниот филм „Медена земја“, кој, откако доби награди на фестивалот на независен филм „Санденс“ не запре со редење на успеси, што при самиот крај на годинава го доведе во најтесниот круг на предноминации за Оскар и во врвот на листите за најдобри документарни филмови од годинава.

 

5. НИ ПРАВДА, НИ МИР

Она што најмногу ни ја уби надежта оваа година не беше загадувањето, туку целосната нефункционалност на правдата за која толку се надевавме дека ќе дојде. Падот на СЈО, повлечен од падот на Катица Јанева беше нешто што никој не го очекуваше, ниту, пак, го замислуваше во своите најстрашни кошмари. Но, искомбинирано со ослободување скоро на сите криминалци од претходната власт нè доведе до границите на очајот. Случајот „Рекет“ беше сеприсутен, особено во втората половина на годината, така што се занимававме со теми како која е девојката на синот на Катица и колку скапа облека носи Ана Камчева, се до зајадливите изјави на Боки 13 и снимените разговори на Орце Камчев.

„Рекет“ на сите ни ги преврте стомаците и успеа постојано да ни го задржи вниманието како лоша, но, заразна сапунска серија. Оние кои веќе си го гледаа сеирот околу свадбата на синот на Цеца или аферата на Карлеуша, сега најдоа нешто уште посочно од домашно производство, а оние кои веруваа дека СЈО постои да донесе барем мало поместување на правдата, почнаа да размислуваат за пакување на куферите. Осудениот најбогат човек во Македонија стана жртва, додека најголем дел од другите осуденици се шетаа слободно и измислуваа болештини. На крај, на ужас на сите, почна да се враќа на маса листата на амнестии на поранешниот претседател Иванов. И како сето ова да беше малце, се соочуваме со нов факт дека криминалците за чии манипулации и злоупотреба на службена должност во претходната власт сите бевме сведоци, слушајќи ги бомбите, да се жалат во судот на Стразбур дека биле помилувани од претседателот, а сега некој се обидува да ги осуди за простените злосторства.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција