5Г мрежата не „активира“ болести, вакцините против ковид-19 не содржат графен оксид

Приказ на графен оксид Фото: Oak Ridge National Laboratory, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Состојките на ковид вакцините се јавно достапни и во нив нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините.

Состојките на ковид вакцините се јавно достапни и во нив нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Комбинација на разновидни бојни и други отрови, особено на сарин, рицин и графен оксид (наводни разновидни патентирани „вируси“ односно патентирани разновидни отрови) како и активирањето на 5Г мрежата на соодветни фреквенции предизвикуваат респираторни болести, пневмонија, а воедно и срцеви и мозочни и други болести!

Во објавата се споделува видео материјал во кој се говори дека „целта на вакцинацијата е граѓаните да бидат следени каде се, да биде контролиран нивниот ум за да се преземе нивната свест“. Се додава дека „ако мислите дека некој ви зборува во вашата глава, ве контролира, токму тоа и ви се случува“ и дека „од моментот кога ви ја вбризгале вакцината, графен оксидот во вашето тело ве направил приемник и предавател на информации“.

Станува збор за веќе експлоатирана теорија на заговор и какафонија од бесмислици. Не е точно дека вакцините против ковид-19 содржат наночипови, графен оксид и други хемикалии и отрови, како што тврди објавата. Најчесто оваа дезинформација во ковид вакциналната кампања беше поврзувана со вакцината на „Фајзер“. Дури и Администрацијата за храна и лекови на САД за „Асошиејтед Прес“ демантираше дека вакцината содржи графен оксид. Следствено, вакцината против ковид не би можела да ги направи луѓето што ја примиле ниту „приемник“ ниту „предавател на информации“ бидејќи оваа состојка во вакцините ја нема!

Во нив воопшто нема електронски компоненти. Вакцината на „Фајзер“ е всушност солена вода со честички коишто пловат, а кои се направени од масти познати како липиди, а кои содржат деликатни делови од мРНК што е многу честа молекула во нашите тела, вели доктор Кајли Квин од Универзитетот за здравје и биомедицински науки.

Како што е објаснето во напис објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година, графен оксидот е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата. „Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Вистиномер досега повеќепати има пишувано дека 5Г мрежата нема никаква врска со вакцините против ковид-19 и дека тие не содржат графен оксид.

Никакви „бојни отрови“ како сарин, рицин, ниту графен оксид ниту пак вируси не се комбинираат со „активирање на 5Г“ мрежата за да предизвикаат пневмонија и срцеви и мозочни болести. Ова е целосна измислица. Вирусите се докажани и изолирани, причинители на инфекции. Срцевите и мозочните болести имаат различни причинители. Докажани вируси и болести да се поврзуваат со причинители наводни „боеви отрови“ е теорија на заговор.

И покрај тоа што теоријата на заговор дека се „запрашуваат луѓето со вируси“ е апсурдна, таа уште наоѓа свои приврзаници. Коронавирусот е респираторен вирус, за првпат се појави на крајот на 2019 година во кинескиот град Вухан. Научно е докажано дека тој се пренесувапреку вдишување на респираторни капки од некој што е заболен, кои се исфрлаат преку кашлање, кивање, зборување и пеење. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии и не може да шири болести. Состојките на ковид вакцините се јавно достапни и во нив нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините.

Теоријата на заговор дека 5Г мрежата комбинирана со некакви непостоечки состојки во вакцините е комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, е само смешна теорија на заговор, непоткрепена со никакви факти, невтемелена во реалноста. 5Г технологијата во комуникациите и вакцинацијата во здравството не се поврзани.

Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на 2020 година. Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје.

Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција