Комисијата за заштита од дискриминација утврди вознемирување кон Бугарите во напис на Тодор Петров

Фото: Колаж Canva

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побарала Петров да се произнесе по претставката, а во својот одговор тој навел дека не ширел говор на омраза, туку располагал со неговата слобода на изразување и оттука смета дека Комисијата не е надлежна да постапува по претставката, бидејќи не станува збор за дискриминација туку евентуална навреда или клевета. Од Комисијата истакнуваат дека слободата на изразување не е неограничено право и изразените мислења можат да претставуваат дискриминација доколку со нив се повредува нечие достоинство

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побарала Петров да се произнесе по претставката, а во својот одговор тој навел дека не ширел говор на омраза, туку располагал со неговата слобода на изразување и оттука смета дека Комисијата не е надлежна да постапува по претставката, бидејќи не станува збор за дискриминација туку евентуална навреда или клевета. Од Комисијата истакнуваат дека слободата на изразување не е неограничено право и изразените мислења можат да претставуваат дискриминација доколку со нив се повредува нечие достоинство

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 8 јули донесе мислење дека колумната на Тодор Петров со наслов: „Македонските корени на софиските врховисти и на бугарските фашисти“, содржи наводи кои претставуваат вознемирување врз основа на национална и етничка припадност во областа на јавното информирање и медиумите, насочени кон граѓаните од бугарска етничка припадност.

Од анонимизираниот објавен документ не може да се утврди кој е подносител на претставката до Комисијата, но поради тоа што се цитирани делови од колумната на Петров, јасно може да се констатира дека мислењето се однесува на делови од неговиот текст.

Комисијата му препорача да упати јавно извинување за говорот изнесен во објавата со која според нив е извршено вознемирување врз основа на етничка припадност, и тоа на неговиот Фејсбук профил во рок од 30 дена и во иднина да се воздржи од објавување дискриминаторски и вознемирувачки содржини или содржини што поттикнуваат инструкција за дискриминација врз која било дискриминаторска основа. Ако Петров не постапи согласно препораката, тогаш Комисијата согласно член 27 став 4 од Законот за спречување дискриминација ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Согласно наводите од претставката, станува збор за објава на Петров на неговиот профил на Фејсбук насловена: „Македонските корени на софиските врховисти и бугарските фашисти“, во која се шири говор на омраза кон лица од бугарска етничка припадност, нарекувајќи ги со навредливи зборови, притоа ширејќи невистинити податоци. Подносителот на претставката наведува:

На објавата од ден 3 април 2024 ги понижува бугарскиот народ и Бугарите пишувајќи дека „нема Бугари, бидејќи бугарската е политичка нација“ негирајќи го постоењето на бугарскиот народ, споредувајќи го бугарскиот народ со југословенскиот народ кој веќе не постои, како и директно негирајќи го постоењето на бугарско малцинство во Република Северна Македонија. Во продолжение алудира дека незадоволни од границите поставени од Меѓународната Конференција во Букурешт во 1913 година, Бугарија се до денеска врши геноцид и окупација врз македонскиот народ. Во неговата објава го негира постоењето на бугарскиот народ како малцинство во Република Северна Македонија и во соседните балкански држави, но и како народ кој живее во Република Бугарија. Притоа за бугарската држава вели дека е виновна за окупација, геноцид и предизвикување нестабилност на Балканот поттикнато од „бугарски романтизам“, „големобугарски хегемонистички амбиции и територијални претензии.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побарала Петров да се произнесе по претставката. На 14 јуни годинава тој доставил свој одговор во кој навел дека не ширел говор на омраза, туку располагал со неговата слобода на изразување и оттука смета дека Комисијата не е надлежна да постапува по претставката, бидејќи не станува збор за дискриминација туку евентуална навреда или клевета. Воедно, смета дека Комисијата не е надлежна „да ја суспендира слободата на изразување ниту да озакони цензура“. Во продолжението на произнесувањето Петров цврсто ги повторувал ставовите дека „бугарските државјани се етнички Македонци“, го доведувал во прашање нивното потекло и нивната историја и велел дека бугарската нација е политички креирана.

По увидот во наводите од претставката, произнесувањето по истата, како и приложените докази, Комисијата за спречување и заштита од дисркиминација констатирала дека Петров на 3 април 2024 година објавил спорна содржина на својот Фејсбук профил, во која изнел ставови кои го негираат постоењето на бугарската етничка заедница.

Подносителот на претставката се чувствува вознемирен од содржината на објавата, каде се изнесувале навреди за бугарската држава и Бугарите како етничка заедница. Поконкретно, станува збор за изјавите „политичка нација“, „нема Бугари“, „фашисти“ и слично, пишува во мислењето на Комисијата.

Во оваа насока, посочува Комисијата, вознемирувањето како облик на дискриминација е дефинирано во членот 10 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација кој гласи: Вознемирувањето претставува несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

Во конкретниот случај, објавата во која пишува дека „нема Бугари“ и „бугарската е политичка нација“ претставуваат навреди врз основа на етничка припадност преку кои се цели да се негира цела етничка заедница. Ваквиот говор како резултат има создавање на непријателска и понижувачка средина, што предизвикало вознемирување кај лица од бугарска етничка припадност, сметаат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во однос на произнесувањето во кое Тодор Петров тврдел дека не станува збор за дискриминација туку за изразување на различни мислења во рамки на слободата на изразување како уставно загарантирано право, Комисијата истакнува дека слободата на изразување не е неограничено право и изразените мислења можат да претставуваат дискриминација доколку со нив се повредува нечие достоинство.

Заштитата на угледот и правата на другите претставува едно од легитимните ограничувања на слободата на изразување, па оттука, може да се смета за неопходно во одредени ситуации да се санкционира или дури спречи одредена форма на изразување со која се шири, поттикнува, промовира или оправдува нетолеранција и дискриминација, пишува во мислењето на Комисијата.

Согласно член 10 став 2 од Европската конвенција за човекови права со кој се уредува слободата на изразување, „остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Комисијата смета дека слободата на изразување опфаќа критикување на политиките и ставовите на владата на Бугарија, нивно анализирање и коментирање, но изјавите со кои се негира постоењето на бугарскиот етникум и народ претставуваат вознемирување на дискриминаторска основа. Изјавата во која Комисијата смета дека е сторено вознемирувањето гласи:

И не е прашањето дали Македонците во Македонија се Бугари како што тврдат софиските врховисти во Македонија и бугарските фашисти во Бугарија, туку има ли бугар ибез македонски корени во Бугарија?! Поради тоа нема бугарско малцинство во Македонија како што нема ни македонско малцинство во Бугарија затоа што Македонците се мнозинство и во Македонија и во Бугарија!Етнички Бугари во Македонија, Албанија и Косово нема! Основата на Бугарија е Македонија. Основата на бугарскиот демос како современа политичка нација е македонскиот етос. 

Со оваа изјава, констатира Комисијата –  се негира постоењето на Бугарите како етникум и како народ со што се повредува достоинството и се создава непријателска средина односно се врши вознемирување во смисла на член 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ваквиот говор е неопходно да се ограничи во демократски општества со цел заштита на достоинството и правата на одредени групи со цел да се спречат понатамошни штети кои можат да произлезат од споделување идеи засновани на омраза и предрасуди.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција