Синот на екс претседателот Иванов и сопругата на водителот Илиевски не се нови директори на МЕПСО

Фото: фото: Fré Sonneveld на Unsplash

Новоизбраниот член на Управниот одбор на МЕПСО Иван Иванов е машински инженер од Кочани, кој својот работен век го има поминато во Телеком, а беше и пратеник од овој град од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Анастасија Илиеска, која го потврди својот извор во УО на компанијата, живее во Прилеп и работи во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи како даночник. Дел од својот работен век има поминато и во Министерството за внатрешни работи (МВР)

Новоизбраниот член на Управниот одбор на МЕПСО Иван Иванов е машински инженер од Кочани, кој својот работен век го има поминато во Телеком, а беше и пратеник од овој град од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Анастасија Илиеска, која го потврди својот извор во УО на компанијата, живее во Прилеп и работи во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи како даночник. Дел од својот работен век има поминато и во Министерството за внатрешни работи (МВР)

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека синот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов и сопругата на водителот на ТВ Алфа, Богдан Илиевски – Бетмен, Анастасија Илиевска, се именувани за директори во МЕПСО. Ова не е точно.

Синот на Ѓорге Иванов и сопругата на Бетмен директори во Мепсо, стои во објавата.

Не е точно дека синот на Иванов и сопругата на Илиевски се именувани за директори во МЕПСО.

 

Како настана целата забуна

Целата забуна настана кога опозициската партија СДСМ информираше дека во новиот Управен одбор на МЕПСО, чии членови се во исто време и директори во компанијата, се синот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, како и сопругата на водителот на ТВ Алфа, Богдан Илиевски, Анастасија Илиевска, која е исто така новинарка.

Прв и најскандалозен избор е изборот на синот екс претседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО. Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи. Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протест на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

По ова следеше реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде посочија дека СДСМ ги помешале имињата и личностите, односно дека станува збор за други лица, а не за синот на Иванов и сопругата на Илиевски.

Секој збор искажан на пресконференциите на СДС е лага и конструкција од невидени размери. Ниту станува збор за синот на поранешниот Претседател Ѓорге Иванов, ниту станува збор за сопругата на Богдан Илиевски. Тоа се комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски. И тоа е лесно проверливо и уште полесно за докажување, но на СДС им е полесно да се расфрлаат со пердуви и да обвинуваат за наводна партизација. Заврши вашето време, со тоа заврши и уништувањето на институциите, изјави на прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Дојде и извинување и исправка од СДСМ.

Денеска во одговор на новинарско прашање направивме превид во однос на кадровските решенија во МЕПСО. Во морето на информации кои пристигнуваат деновиве до СДСМ за погрешната кадровска политика на ВМРО-ДПМНЕ, пристигната е и нецелосна информација, со што е направена ненамерна грешка со имињата за членови на Управниот одбор односно Надзорниот одбор на МЕПСО.  СДСМ како одговорна и принципиелна партија, упатува јавно извинување до споменатите имиња кои не се дел од новите кадровски решенија во МЕПСО, но и до целата јавност, напиша Кузеска на Фејсбук.

Иван Иванов и Анастасија Илиевска со деманти

Деманти дека се именувани за членови на Управниот одбор на МЕПСО стигнаа лично од Иван Иванов и од Анастасија Илиевска.

Во врска со изнесените невистини од страна на кујната за ширење лажни вести на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија би сакал да посочам на неколку факти. Најпрвин, не сум назначен за член во одборот на МЕПСО, ниту пак во кој било друг одбор, на која било друга институција. Станува збор за сосема друга личност со исто име и презиме. Второ, на госпоѓата Кузеска би сакал да и посочам дека покрај тоа што сум дипломиран политолог како што таа посочи на пресот, истовремено сум и доцент и универзитетски професор по политички науки, па би ја поканил на некое од моите предавања, со што можеби би ги подобрила нејзините политички вештини, па можеби во иднина нема да прави вакви аматерски грешки. Трето, барам извинување од СДСМ на идентичен начин, на прес конференција, онака како што ја изнесоа и лажната вест. Во спротивно следува тужба, напиша Иванов на Фејсбук.

На Фејсбук се огласи и Илиевска.

Јас не сум назначена во никаков одбор, ниту во МЕПСО ниту во било која друга државна институција. Се работи за друго лице со исто име и слично презиме. Од СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија за изнесените лаги барам извинување на ист начин во ист формат на прес конференција. Во спротивно, ќе поведам правна постапка, напиша таа на Фејсбук.

 

Новоизбраниот член на Управниот одбор на МЕПСО Иван Иванов е машински инженер од Кочани, кој својот работен век го има поминато во Телеком, а беше и пратеник од овој град од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Анастасија Илиеска, која го потврди својот избор во УО на компанијата, живее во Прилеп и работи во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи како даночен обврзник. Дел од својот работен век има поминато и во Министерството за внатрешни работи (МВР), објави ММС.

Се работи за различни имиња, кои немаат врска со новинарката и синот на претседателот, односно не е точно дека синот на Иванов и сопругата на Бетмен се именувани за директори во МЕПСО. За ова следеа деманти и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, како и лично од засегнатите лица. Но, и покрај тоа, објавата која ја анализираме, продолжува да ја шири деизнформацијата. Поради тоа, оценуваме дека објавата е неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција