Режисерот на отворањето на Олимпијадата не го удрил гром

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Свеченото отворање на овогодинешната Олимпијада беше критикувано од поконзервативните гледачи за „сатанизам“ и „потсмевање со христијанството“, а се појави и вест дека режисерот на настанот го удрил гром, што се толкува како „Божја казна“. Но веста е невистинита, а има индиции дека таа настанала како шега, која некои си ја сфатиле сериозно и како таква почнале да ја шират по социјалните мрежи

Свеченото отворање на овогодинешната Олимпијада беше критикувано од поконзервативните гледачи за „сатанизам“ и „потсмевање со христијанството“, а се појави и вест дека режисерот на настанот го удрил гром, што се толкува како „Божја казна“. Но веста е невистинита, а има индиции дека таа настанала како шега, која некои си ја сфатиле сериозно и како таква почнале да ја шират по социјалните мрежи

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Божја казна? Режисерот на демонското шоу на отворањето на Олимпијадата го удри гром

Мажот бил хоспитализиран: откако го удрил гром, му била потребна лекарска помош.

„Тие не му се смеат на Бога, зашто што ќе посее човек, тоа и ќе жнее“.

Објавата е илустрирана со лажен скриншот од непостоечки новински напис, т.е. со фотомонтажа. Тоа е „скриншот“ од „веста“ дека режисерот на свеченото отворање на овогодинешната Олимпијада бил удрен од гром, а тоа било „објавено“ на сајтот на новинската агенција Асошиејтед прес, чие лого (со латиничните букви: AP), го гледаме во горниот лев агол на „скриншотот“. Концептот за тоа како да изгледа лажниот скриншот е најверојатно преземен од еден вистинит напис на агенцијата.

Тој „скриншот“ сега се шири по разни социјални мрежи, при што е проследен со опис на разни јазици (примери: тука и тука). Но верзијата на „скриншотот“, која е вметната во објавата што ја рецензираме, најверојатно потекнува од руски извор.

На самиот „скриншот“ во таа објава се надодадени слабо забележливи букви, кои делуваат кирилично и кои како да велат: „Теле Дно“, па тој најверојатно потекнува од истоимениот руски Телеграм-канал. Но тој не е примарниот извор за овој „скриншот“, затоа што тој може да се сретне и без тој натпис, кој бил отпосле додаден.

Со пребарување на текстот од „веста“ на „скриншотот“, ние не успеавме да најдеме ни еден полезен податок. Единствено нешто што успеавме да најдеме е некаков сајт за смешни интернет-мемиња. „Скриншотот“ бил објавен таму на 30.7.2024 г. Тоа е објава со најран датум кајшто го има тој „скриншот“, а која ние успеавме да ја најдеме.

Во него е претставен и ликот на уметничкиот директор или уметничкиот режисер на свеченото отворање на Олимпијадата, Французот Тома Жоли, кого кај нас најчесто го наведуваат просто како режисер, иако е прашање колку е тоа прецизно. На „скриншотот“ тој е опишан како уметник, што не е погрешно, но сепак не е прецизно.

Авторот на објавата, која сега ја рецензираме, не го наведува Жоли по име, туку само како режисер, а тоа може да внесе збрка, затоа што заедно со него на отворањето на Олимпијадата работеле и други лица, за кои може да се рече дека се режисери или директори (како што тие фигурираат во странските извори): Мод Ле Пладек (задолжена за танците), Виктор Ле Ман (музика), Дафне Бурки (костими) и Тери Ребул (за церемониите).

Сепак, заради присуството на Жоли на „скриншотот“,  излегува дека тој е „жртвата на ударот од гром“ (се разбира во наводници), а не некој од неговите колеги.

Религиозните конзервативци го поврзуваат тоа што тој бил „удрен од гром“ со неговото „потсмевање со христијанството“. Тие го критикуваа за „сатанистички“ елементи во отворањето на Олимпијадата и тврдеа дека тој направил „пародија“ на сликата на Леонардо Да Винчи, „Последната вечера“, на која се претставени Исус и неговите апостоли. Меѓутоа, нема доказ дека таа слика му била инспирација на Жоли, а и тој самиот тоа го демантира.

Еден автор во социјалните мрежи смета дека тоа не мора да било инспирирано од таа слика, туку од некоја друга, која нема врска со христијанството, како што е „Пирот на боговите“ од холандскиот сликар Јан Ван Бејлерт.

Дали кај Жоли имало потсмевање со христијанството е дискутабилно, но нам ни е сепак најбитно дали тој бил удрен од гром. За таков настан нема докази и со таа лажна вест се позанимавале и проверувачи на факти од Полска, Грузија и други места, па земајќи го предвид сето досега наведено, објавата што ја рецензиравме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција