Кај нас немало домати во времето на Александар Македонски

Фото:LoggaWigglerPixabay

Во објава на Фејсбук се нуди бесплатно семе за домат, што е во ред, но притоа се наведуваат неточни историски податоци во врска со тоа растение. Во времето на Александар Македонски (4 век п.н.е.), домати немало никаде, освен во Америка. Тие биле донесени оттаму по нејзиното откривање од страна на Европејците околу 18 и пол векови (речиси 2 милениуми) по Александар Македонски. Се смета дека доматот дошол во Средна Америка од западниот дел на Јужна Америка, од денешните Перу, Еквадор или северниот дел на Чиле, а Шпанците најпосле го пренеле во Европа. Од Америка биле донесени и пиперките, гравот, тиквата, компирот, пченката и тутунот

Во објава на Фејсбук се нуди бесплатно семе за домат, што е во ред, но притоа се наведуваат неточни историски податоци во врска со тоа растение. Во времето на Александар Македонски (4 век п.н.е.), домати немало никаде, освен во Америка. Тие биле донесени оттаму по нејзиното откривање од страна на Европејците околу 18 и пол векови (речиси 2 милениуми) по Александар Македонски. Се смета дека доматот дошол во Средна Америка од западниот дел на Јужна Америка, односно од денешните Перу, Еквадор или северниот дел на Чиле, а Шпанците најпосле го пренеле во Европа. Од Америка биле донесени и пиперките, гравот, тиквата, компирот, пченката и тутунот

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Od Vremeto na Aleksandar Makedonski ,avtohtona sorta ,,Jabucar,,,Makedonska.semeto ne go naplakam samo da se Siri se poveke.

Првиот дел, во кој се споменува Александар Македонски, е псевдоисториски; вториот, во кој се тврди дека јабучарот е автохтона македонска сорта, е дискутабилен и бара стручна оценка; а третиот, во кој авторот бесплатно нуди семе за домати е најверојатно вистинит, затоа што тука не може да стане збор за финансиска измама (Вистиномер честопати налетува на такви измами по социјалните мрежи, па е особено претпазлив околу тоа).

Околу првиот дел. Во времето на Александар Македонски (4 век п.н.е.), домати немало никаде, освен во Америка. Тие биле донесени оттаму по нејзиното откривање од страна на Европејците околу 18 и пол векови (речиси 2 милениуми) по Александар Македонски.

За тоа како доматот пристигнал во Европа говори книгата „Доматот во Америка: Рана историја, култура и приготвување“ на Универзитетот од Илиноис, САД.

Кристофер Колумбо го открил она што го знаеме како Америка во 1492 г., но тој, всушност, открил само некои острови кои потпаѓаат во тој регион. Со негово подлабоко истражување се занимавале други луѓе како Шпанецот Ернан Кортес. Во 1519 г. тој тргнал да го заземе денешно Мексико и тогаш Европејците се сретнале со доматот.

Неговиот назив потекнува од јазикот наватл (nahuatl), што го користела ацтечката цивилизација, која таму опстојувала. Таму имало две меѓусебно слични растенија: шитомат (тоа е црвениот домат) и томат (зелен плод со лушпа, сега познат како томатило). Шпанците направиле збрка меѓу овие плодови, па оној црвениот бил завикан томат и тоа останало.

Се смета дека тој дошол во Средна Америка од западниот дел на Јужна Америка, од денешните Перу, Еквадор или северниот дел на Чиле, а Шпанците најпосле го пренеле во Европа. Доматот бил толку туѓ во Европа, што некои најпрвин се плашеле дека е отровен. Од Америка биле донесени и пиперките, гравот, тиквата, компирот, пченката и тутунот.

Тука стигнуваме до вториот дел од објавата, кајшто се вели дека јабучарот е автохтона македонска сорта. Некои српски, хрватски и босанско-херцеговски извори, исто така, ја опишуваат како автохтона за нивните простори, што внесува збрка. Можеби тоа значи дека таа сорта е автохтона за сиот Балкан. Јасен одговор немаме.

Автохтоност се споменува и во една научна статија за јабучарот на сајтот на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, но без тоа да се образложи. За жал, на сајтот нема податоци за настанокот на јабучарот, што отвора простор за разни дискутабилни тврдења по социјалните мрежи, какво што имаме во случајов.

Англискиот превод за јабучар кој го наведува факултетот е “beef tomato” (синоним за тоа е “beefsteak tomato”), но прашање е колку тој превод е прецизен. Иако пребарувањето со него дава резултати, таму нема нешто околу потеклото на таквите домати, освен еден извор кој тврди дека уште Кортес ги донел во Европа. Сето тоа е збунувачко, а Македонија и Балканот ги нема во таа приказна.

Но, да пресечеме. За тврдењето изнесено во вториот дел од објавата дека јабучарот е автохтона македонска сорта, треба конечно да се произнесат стручни и непристрасни лица. Оценка за првиот и третиот дадовме уште на почетокот – во времето на Александар Македонски кај нас немало домати, а семето од домати најверојатно навистина се нуди бесплатно, па генералната оценка за објавата е дека таа е делумно невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција