Со измислено интервју се рекламира „лек“ против хемороиди

Во измисленото интервју се промовира таканаречен „лек“ за хемороиди HemoRenew. Ваков лек каков што се рекламира во објавата, не постои во регистарот на лекови и медицински средства одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД)

Во измисленото интервју се промовира таканаречен „лек“ за хемороиди HemoRenew. Ваков лек каков што се рекламира во објавата, не постои во регистарот на лекови и медицински средства одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД)

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Хемороидите можат да се излечат за 3 дена.

Кога ќе се пристапи на линкот тој води кон веб-страница на која невистинито се тврди дека е на Министерството за здравство. До името го има и македонското знаме. На страницата е исфабрикувано интервју со наводен лекар од Македонија кој се претставува како „Дмитриј Пушкар од македонски научен центар“. Но, станува збор за доктор од Русија чие име нема никаква поврзаност со Македонија. Неговото претставување како поврзан со земјава и доведување во корелација со Министерството за здравство е невистинито и манипулативно.

Според студија од 2021 година, луѓето што имаат хемороиди може да се во повисок ризик од развивање колоректален карцином. Но, самите по себе хемороидите не се „смртоносна болест“, како што пишува во измисленото интервју со докторот што не е од македонскиот научен центар (здравствена и научна установа со вакво име во земјава не постои).

Во измисленото интервју се промовира таканаречен „лек“ за хемороиди HemoRenew. Ваков лек каков што се рекламира во објавата, не постои во регистарот на лекови и медицински средства одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства на РС Македонија (МАЛМЕД).

Во измисленото интервју се тврди и дека стручното мислење за HemoRenew го дал Роланд Бухел, претставен како „заменик директор на Центарот за рак collo cancer во Цирих. Но, на фотографијата на која наводно е илустриран Бухел, се наоѓа доктор од Босна и Херцеговина, професор Емир Солаковиќ.

На македонскиот пазар оваа крема што се рекламира со бројни манипулативни и невистинити елементи  се продава само онлајн. Препаратот го нема во аптеките, само на интернет, каде се продава со попуст од дури 75 отсто односно намален од 4.800 на 1.200 денари.

Притоа каде што е делот за нарачка, со големи бројки во црвена позадина пишува дека се останати само 18 парчиња.

Иако се тврди дека лекот поминал низ клинички испитувања, дека е докажан низ пракса во Италија, Франција и Швајцарија, сепак пребарувањата на интернет воопшто не даваат резултати за овој препратат.

Хемороидите, иако се чести и се лекуваат, бараат соодветна медицинска дијагноза и научно докажани третмани. Користењето непроверени лекови може да доведе до неефикасни резултати или дури и штетни несакани ефекти. Секогаш консултирајте се со здравствени работници и повикувајте се на доверливи медицински веб-локации или рецензирани списанија за точни информации.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција