Се премолчува дека осудениот на фотографијата бил малолетен кога го извршил кривичното дело

Фото: Принтскрин ФБ пост

Момчето претставено на третата фотографија не било судено за силување, туку за сексуален напад и е казнет со нешто што во британскиот правосуден систем се вика суспендирана затворска казна. Во објавата се пропушта многу важна информација, клучна за пресудата – тој во времето кога го извршил кривичното дело бил малолетен. Тоа во правото во Велика Британија е многу важно и тој како малолетен престапник подлежи на посебни критериуми. Се испушта и многу важниот факт дека тој не делувал сам туку со возрасни, кои се осудени заеднички на 36,5 години затвор 

Момчето претставено на третата фотографија не било судено за силување, туку за сексуален напад и е казнет со нешто што во британскиот правосуден систем се вика суспендирана затворска казна. Во објавата се пропушта многу важна информација, клучна за пресудата – тој во времето кога го извршил кривичното дело бил малолетен. Тоа во правото во Велика Британија е многу важно и тој како малолетен престапник подлежи на посебни критериуми. Се испушта и многу важниот факт дека тој не делувал сам туку со возрасни, кои се осудени заеднички на 36,5 години затвор 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Британско/ЕУ/САД правосудство.

Во склоп на објавата се прави споредба меѓу три лица од кои има фотографии. За првото пишува дека „објавил расистички коментар на Фејсбук и бил осуден на 15 недели затворска казна“. За второто пишува дека „продавал антиимиграциски сликички и добил 24 месеци затворска казна“. За третото лице пишува дека „во повеќе наврати силувал 12 годишно девојче и добил 180 часови општествено корисна работа без затворска казна“.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Лид Сторис, последното лице на фотографијата, за кое се тврди дека не добил затворска казна за повеќекратно силување на 12 годишно девојче во Британија, туку бил казнет само со општествено корисна работа, бил 15 годишен член на банда чии водачи заедно со него се осудени на повеќе од 36 години во затвор за силување. Момчето претставено на третата фотографија од објавата што ја рецензираме не било судено за силување туку за сексуален напад и е казнет со нешто што во британскиот правосуден систем се вика суспендирана затворска казна.

Со суспендирана затворска казна, се служи во општеството наместо во затвор, доколку осуденикот исполни некои услови како на пример да биде оддалечен од некое место, да работи неплатена општествена работа. Ако ги прекрши условите на ваквото служење, тогаш може да биде испратен во затвор.

Ваква објава најнапред се појави на 11 март 2024 на повеќе платформи. 

Имињата на мажите претставени на фотографијата се Шон Так (Shaun Tuck), Сем Мелиа (Sam Melia) и Хамуд ал Соаими (Hamoud Al Soaimi).

Фотографијата во објавата што ја рецензираме имплицира дека третиот маж со потемна боја на кожата и име што звучи арапско, бил осуден на 180 часа општествено корисна работа во Велика Британија додека првите двајца бели мажи биле испратени зад решетки за објавување расистички коментари и дистрибуирање антиимигрантски сликички.

Овие објави не вклучуваат важни детали од случаите. Проверувачите на факти на Лоџикали наведуваат еден од тие факти а тоа е дека Хамуд ал Соаими бил малолетен во времето на сторувањето на кривичното дело, што е една од причините за пресудата да биде таква каква што е. Тие што вршат кривични дела како малолетници во Британија се подложни на различни стандарди за осудување.

Хамуд ал Соаими (Hamoud Al Soaimi) имал 21 година за време на судењето и имал 15 години во времето кога ги извршил кривичните дела што му се ставаат на товар. Станува збор за момчето на третата фотографија. Тој е еден од обвинетите и осудените во поголем случај на банда чии членови заеднички добиле повеќе од 36 години затворска казна. Инволвирани биле две жртви на возраст меѓу 12 и 14 години.

Постојат разлики меѓу пресуда за силување и за сексуален напад и има некои посебни фактори што судијата може да ги земе предвид: возраста на осуденикот, дали тој самиот бил експлоатиран, наведен, дали делувал под закана, заблуда, манипулација. Околу 42 илјади осуденици добиле ваква казна во 2022 што е само 4 проценти од осудениците. Како што пишува Гардијан меѓу тие што се осудени за сексуален напад на лице под 13 години во Велика Британија 30 проценти добиваат казна што не вклучува присуство во затвор.

Другите две лица од фотографијата во објавата што ја рецензираме пак кога ги извршиле кривичните дела биле полнолетни. Мажот од лево Шон Так имал 37 години и е осуден на 15 недели во затвор за објавување расистички коментари за навивач на Евертон на официјалната страна на фудбалскиот клуб во август 2023. Тој, исто така, доби забрана да посетува фудбалски натпревари во период од 6 години.

Сем Мелиа, претставен на средната фотографија од објавата што ја рецензираме, во времето на извршување на кривичното дело имал 34 години (осуден во март 2024). Осуден е поврзан со серија инциденти што се случиле меѓу 2019 и 2021. Не е осуден за продавање антиимигрантски сликички, туку за „иницирање расистичка омраза“. За време на претресот полицијата му најде и постер од Хитлер во гаражата. Во неговата спална соба имало книга од автор што ја создал британската унија на фашисти во 1930 тите години. Судијата истакнал антисемитски поведенија на Мелиа и како што цитира Би Би Си нагласил:

За првпат од 1930, реалниот ризик од грозен, потенцијално насилен антисемитизам станува нормална појава на нашите улици. Не смее да се дозволи тоа повторно. 

Мелиа е осуден на 2 години затвор.

Така што, виралната фотографија од објавата што ја рецензираме во која се критикува таканаречениот двоен стандард, испушта важен факт дека момчето на третата фотографија имало 15 години во времето кога го извршил кривичното дело и тие што вршат кривични дела како малолетници се подложни на различни стандарди за осудување, базирано на нивната незрелост и фактот што сè уште се во развој. Возрасните во тој предмет кои биле дел од бандата, се осудени на затворска казна која комбинирано изнесува 36,5 години затвор.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција