Анхоч не продава е-велосипеди за 123 денари

Објава на Фејсбук го злоупотребува називот и логото на продавницата за компјутерска опрема „Анхоч“ (латинично: Anhoch) за лажна реклама, проследена со видеоклип, во која се нудат електрични велосипеди V8 по нереална цена од 123 денари

Објава на Фејсбук го злоупотребува називот и логото на продавницата за компјутерска опрема „Анхоч“ (латинично: Anhoch) за лажна реклама, проследена со видеоклип, во која се нудат електрични велосипеди V8 по нереална цена од 123 денари

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Електричен велосипед од Anhoch за 123 денари!

Овие електрични велосипеди биле користени на панаѓи и изложби, но се во одлична состојба! Anhoch дава шанса на секој човек да ја добие електричната велосипедка, бидејќи овој производ не е погоден за продажба.

За да ја добиете вашата велосипедка, едноставно одговорете на 3 прашања на нашата веб-страница!

Авторот на оваа измама не е од нашите простори, за што сведочи зборот „велосипедка“, кој нам ни звучи помалку чудно, а она „панаѓи“ веројатно требало да биде „панаѓури“, но фирмите кај нас како Анхоч поверојатно би рекле „саеми“. Во објавата е вметнат и видеоклип (лажна реклама), во кој исто така се среќаваат такви јазички грешки.

Во клипот, роботски глас на лош македонски јазик објаснува за: „полненџе“ (полнење) на батеријата на велосипедот и за „маневриранџе“ (маневрирање) со истиот. Во тој роботски наратор можеби бил внесен текст на латиница („polnenje“, „manevriranje“), а тој ја изговара буквата „ј“ како што тоа се прави на англиски – како „џ“. Забележителен кај тој „робот“ е и неговиот акцент, кој звучи како оној на нашите источни соседи. Клипот е со скромна резолуција, а сево ова не личи на сериозна реклама, туку на лоша шега или измама.

Објавата ни порачува да одиме на една веб-страница, која е исто така лажна, а нејзиниот назив е „Day Spa By Nuilea“, што укажува на некаков спа-центар, а не на е-велосипеди.

Во објавата, линкот до таа веб-страница е во форма на копче со натпис на англиски „Apply Now“ („Аплицирај сега“). Таквите копчиња сами по себе не се ништо лошо и тие се вообичаен елемент на Фејсбук, но во конкретниов случај тоа копче води кон некоја сомнителна веб-адреса, која не треба да ја посетувате: https://mobilesymphony.online/

Таму ве чекаат сосема поинакви содржини од очекуваните – реклама за спа-центар и тоа на полски јазик. На следниов (безбеден) линк ви претставуваме слика (скриншот) од тоа.

Целите на овие измами можат да бидат разни: додевање со несакани реклами (т.н. спамирање), заразување со компјутерски вируси, кражба на број од платежна картичка при плаќањето за понудениот производ или кражба на други лични податоци (објавата вели дека заинтересираните за понудата треба да одговорат на три прашања).

Меѓутоа, на веб-страницата кон која води објавата нема никакви прашања, па тука не е јасно што всушност направиле измамниците. Дали направиле грешка или нешто друго – не е јасно, а и не е битно. Најдобро е ваквите содржини веднаш да ги избегнувате.

Под објавата има 26 коментари во кои „е-велосипедите за 123 денари“ се опсипувани со пофалби, а сите профили од кои тие доаѓаат се штури и лажни.

Во коментарите има и јазички грешки, па еден од нив вели дека го нарачал и добил е-велосипедот и дека тој е во добро „состояние“, што е атипичен збор за нашите простори и што означува „состојба“, а друг коментар вели дека „ја примил електричната точак“, што е граматички потполно погрешно. Грешки понекогаш се случуваат, но ова е претерано.

И не само што оваа објава е лажна, туку и целата Фејсбук-страница кајшто таа е објавена е лажна. Страницата делува крајно несериозно и штуро за една позната фирма каква што е „Анхоч“, која си има своја официјална Фејсбук-страница, која делува многу посериозно.

На лажната Фејсбук-страница нема ни елементарни податоци за фирмата која стои зад неа (нема лого, нема контакти итн.) и има само педесетина следбеници, наспроти вистинската Фејсбук-страница на „Анхоч“, која ги има над сто илјади.

Дали по грешка или од друга причина, во една друга објава на измамничката Фејсбук-страница е просто впишана цифрата „3“, а скриншот од тоа имате на следниов линк. Таа бесмислена објава има дури 17 коментари, во кои „задоволни купувачи“ ги фалат тие „е-велосипеди од 123 денари“, кои, иронично, во објавата не се ни споменуваат.

За полесно распознавање на легитимните од лажните Фејсбук-страници, оние првите би требало да извршат т.н. верификација, по што ќе бидат обележани со посебен син беџ, но за жал, кај фирмите кај нас овој обичај уште не е заживеан, што се гледа и кај „Анхоч“.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција