Инвестициска измама со злоупотреба на познати имиња

Една измама, која сега се шири на Фејсбук, ги убедува читателите да инвестираат 250 евра во некаков проект, што понатаму ќе им носи добар пасивен приход, а за тоа да делува поубедливо, злоупотребени се познати имиња како што се: Кристин Лагард (претседателката на Европската централна банка), весникот Нова Македонија, сингапурската владина компанија Темасек и американските Енвидија и Мета

Една измама, која сега се шири на Фејсбук, ги убедува читателите да инвестираат 250 евра во некаков проект, што понатаму ќе им носи добар пасивен приход, а за тоа да делува поубедливо, злоупотребени се познати имиња како што се: Кристин Лагард (претседателката на Европската централна банка), весникот Нова Македонија, сингапурската владина компанија Темасек и американските Енвидија и Мета

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук започнува со следниве зборови:

Остануваат уште 19 места

Во објавата е споделен и напис од екстерен извор (веб-страница), кајшто се опишува некаков проект, во кој читателите можат да инвестираат и со тоа да си обезбедат добар пасивен приход, па воведните зборови, кои пред малку ги цитиравме, нè охрабруваат што побргу да се вклучиме во тоа, затоа што бројот на учесници е ограничен.

За нештата да станат појасни, погледнете го следниов скриншот од објавата. Таа е илустрирана со фотографија, врз која е додаден текст, во кој има правописни грешки:

ЗАКОНОТ Е ПОТПИШЕН! ОТСЕГА, СЕКОЈ ЕВРОПЈАНИК ИМА МОЖНОСТ ДА ДОБИЕ ПОМОШ ВО ИЗНОС ОД 2150 ЕВРА.

КЛИКНЕТЕ ДА ДОЗНАЕТЕ ПОВЕЌЕ ↓

Под таа стрелка гледаме натпис:

NOVAMAKEDONIJA.COM.MK

Десно од тој натпис гледаме и копче со натпис на англиски „Learn more“ („Дознајте повеќе“), со чие кликнување треба да ни се отвори весникот Нова Македонија, кајшто сè ќе ни биде објаснето, но ако кликнеме на тоа копче, ќе нè одведе на сосема друга веб-адреса, која не препорачуваме да ја посетувате: temaseklounge.com (скриншот тука).

Тука се работи за злоупотреба на името на сингапурската владина инвестициска фирма „Темасек“, чија реална веб-адреса воопшто не е таква, туку ваква: temasek.com.sg.

На веб-страницата, на која бевме доведени со измама, има клип, во кој претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, нè кани да инвестираме во некаков проект реализиран во соработка со американската компанија за компјутерски хардвер Енвидија, но за тој проект ние не најдовме ништо на интернет. Дури и проектот да постои, таа сомнителна веб-страница не е местото кајшто би требало да инвестираме во него.

Можно е тој клип да е генериран со вештачка интелигенција, а тоа е можеби сторено врз основа на еден реален клип од Лагард, во кој таа говори за сосема други теми. Таа во него говори на англиски, исто како и во сомнителниот клип, но нејзиниот глас и нејзиниот англиски изговор во двата клипа помалку се разликува. Таа е од Франција, па нормално е англискиот да не ѝ е идеален, но во сомнителниот клип тој е многу подобар.

Покрај тој клип, на сомнителната веб-страница има и интервју со Лагард, кое најверојатно е лажно, а во него има и правописни грешки од типот: „Ги интервјуиравме Кристин Лагард“, наместо „Ја интервјуиравме Кристин Лагард“. Текстот неа ја нарекува гувернерка, а прашање е дали е тоа соодветно, затоа што нејзината функција правилно се нарекува претседател. Понатаму низ интервјуто, новинарот (кој е неидентификуван) ѝ се обраќа на Лагард со „г-ѓо Кристин“, што е дефинитивно неумесно.

Во интервјуто таа раскажува за „иновативна инвестициона платформа“, под назив „Euro System“, но во реалноста, тој термин е веќе одамна резервиран за нешто сосема друго.

На англиски тоа правилно се пишува споено како „Eurosystem“, а во него спаѓаат централните банки на оние ЕУ-членки, во кои еврото е платежно средство, како и Европската централна банка. Евровистемот е монетарната управа на Еврозоната, а не е назив за некаков проект – ко што тврди сомнителниот напис кого сега го разгледуваме.

Тој ни нуди и ние да инвестираме во тој проект, а за да нè убеди во тоа, тој наведува пофални коментари од лажни Фејсбук-профили. Меѓу нив гледаме и некои господа со чудни презимиња: „Милан Глигорова“ и „Никола Ѓорѓиева“, како и госпоѓа со име и презиме „Борис Селами“. Можеби сето тоа е генерирано со вештачка интелигенција.

На крај кликнавме на копче со натпис „Инвестирај во Euro System“, а тоа нè одведе до еден формулар за регистрација, кајшто е злоупотребено името на американската компанија Мета (позната како сопственичка на Фејсбук). Таа во случајов е лажно претставена како бизнис партнер на оваа „инвестициона платформа“ (скриншот тука).

Внимателните читатели ќе забележат и неконзистентност на таа сомнителна веб-страница околу тоа колку изнесува минималниот влог за таа „инвестициона платформа“. Некаде пишува 250 евра, а некаде 260 евра. Разликата е мала, но доволна да побуди сомнеж.

Инаку, објавата што ја рецензиравме е објавена на една Фејсбук-страница, која е подеднакво сомнителна, а нејзиниот назив е Linaimaleat. Таа има само грст следбеници и само две објави. Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција