Роберт де Ниро не напишал текст по повод „50 години брак“

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Актерот никогаш не бил во брак 50 години, ниту пак, има 69-годишна сопруга. Тој се женел повеќепати, има седум деца, а сега е во врска со 45-годишната Тифани Чен, со која лани, на речиси 80-годишна возраст, ја доби ќерката Гиа

Актерот никогаш не бил во брак 50 години, ниту пак, има 69-годишна сопруга. Тој се женел повеќепати, има седум деца, а сега е во врска со 45-годишната Тифани Чен, со која лани, на речиси 80-годишна возраст, ја доби ќерката Гиа

 

Анализираме објава на Фејсбук во која е пренесен текст за кој се тврди дека го напишал актерот Роберт де Ниро, по повод неговата „50-годишнина од бракот“:

По 50 години брак, еднаш ја погледнав жена ми и реков:
Пред 50 години, имавме мала куќа, стара кола, спиевме на каучот и гледавме малку црно-бел телевизор.
Но секоја вечер спиев до прекрасна 19 годишна девојка.
Сега имам огромна скапа куќа, многу скапи автомобили, огромен кревет во луксузна спална соба, телевизор со широк екран, но спијам до 69-годишна жена.
Почнувам да се сомневам во мојот брак..
Мојата сопруга е многу интелигентна жена. Таа не е навредена, не ме навредува.
Само понудете ми да најдам 19-годишно девојче и таа лично ќе ме организира повторно да живеам во мала куќа, да спијам на тросед на лежење и да гледам црно-бел телевизор.
Па, зарем жените не се прекрасни? Тие секогаш знаат како да ги решат сите машки проблеми!
Роберт ДеНиро

Според напишаното во објавата, актерот ја споредува својата сопруга кога имала само 19 години и била „млада и убава“, ама нивните  финансиски средства тоагаш биле ограничени, со истата жена сега на 69 години, во време кога тој има долгогодишна успешна кариера. Со други зборови, кога бил млад, жената што ја имал била убава, но немале пари. Сега, во поодминати години и со успешна кариера, покрај себе има жена која исто така е во поодминати години. Потоа, како што се вели во текстот, сопругата на Де Ниро коментирајќи ја ваквата негова споредба, јасно му ставила до знаење дека тој може да си најде 19-годишна девојка, ама ќе остане без ништо.

Но, Роберт де Ниро не е во брак 50 години, ниту пак, во моментот е со жена која има 69 години. Актерот е роден на 18 август 1943 година и за првпат се оженил  во 1976 година, со Дијана Абот, американска актерка која се појавувала во филмови како „Таксист“ и „Пред да падне ноќта“. Тие имаат две деца, синот Рафаел и ќерката на Дијана од претходниот брак, Дрена, која Де Ниро ја посвоил. Но бракот меѓу двајцата не траел повеќе од 11 години, тој завршил во 1988 година.

Брачниот живот на актерот не застанал тука, како и бројот на деца што ги има. Во 1995 година, Роберт де Ниро станал татко на близнаците Џулијан и Арон, во врската што ја имал со американската манекенка и актерка Туки Смит.

Во 1997 година Де Ниро се оженил со стјуардесата Грејс Хајтауер. Од овој брак кој со прекини траел до 2018 година, ги има синот Елиот и ќерката Хелен – родена со сурогат мајчинство.

Иако не се ожени повторно, Де Ниро на речиси 80 годишна возраст доби уште една ќерка. Актерот во април 2023 година со неговата последна девојка Тифани Чен (45), го доби своето седмо дете – ќерката Гиа.

Според проверките на Вистиномер, нема референца во доверливи медиуми што оваа порака му ја припишува на американскиот актер.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека актерот Роберт де Ниро не напишал текст за „50 години брак“. Актерот никогаш не бил во брак 50 години, ниту има 69-годишна сопруга. Тој се женел повеќепати, а сега е во врска со 45-годишната  Тифани Чен, инструкторката по боречки вештини. Затоа, оваа објава ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција