Филмски факт: Како филмот „Истрел“ на Гапо го надополнува романот „Под усвитеност“ на Солев

Фото: Принтскрин

Романот „Под усвитеност“ и филмот „Истрел“ се комплементарни дела со исклучителни естетски вредности, секое за себе, кои ги преплетуваат фактите од периодот на Втората светска војна и почетокот на Народноослободителната борба.

Романот „Под усвитеност“ и филмот „Истрел“ се комплементарни дела со исклучителни естетски вредности, секое за себе, кои ги преплетуваат фактите од периодот на Втората светска војна и почетокот на Народноослободителната борба

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Колку филмот ја „искривува“ сликата за ликовите, настаните и атмосферата што читателите на прозни дела – раскази и романи – си ја создаваат додека ги читаат? Филмските адаптации на прозни дела не само што можат, туку и мораат да ги „преведат“ на филмски јазик низ кадрирање при снимањето, движењето на камерата, изборот на светлото, звуците и музиката, сценографијата и костимографијата, креирањето на потребниот ритам на дејствие при монтажата…

Несомнено дека слободата на изразот не се доведува во прашање. Но, во редовите што следат ќе се позанимаваме со некои интересни факти при екранизацијата на едно прозно дело.

Добро познатиот македонски филмски класик „Истрел“ во режија на Бранко Гапо е снимен во 1972 година, според романот „Под усвитеност“ (издаден во 1957 година) на Димитар Солев. Романсиерот Солев е автор и на сценариото за „Истрел“, филм кој не само што освоил признанија во рамките на југословенската кинематографија (награда „Златна арена“ за снимателската работа на Мишо Самоиловски на Фестивалот на југословенскиот филм во Пула; Голема повелба за актерско остварувања на Слободан Димитриевиќ на Филмскиот фестивал во Ниш), туку со неговата естетика успеал да (о)стане евергин филм кој и ден денес е мошне гледлив. „Истрел“ на Гапо заедно со „Црно семе“ на Кирил Ценевски со авторските пристапи ја вдахнуваат толку потребната свежина во македонската кинематографија на почетокот од седумдесеттите години од минатиот век.

„Под усвитеност“ е дебитански роман во творештвото на Солев, кој во манирот на „психолошкиот роман“ – еден од родоначалниците на овој жанр е славниот Џејмс Џојс – и интроспективната постапка ја претставува атмосферата врзана за вистински настан од Втората светска војна. Тоа е атентатот врз полицискиот агент Емануел Мане Мачков во август 1942 година, за време на бугарската фашистичка окупација, кој го извршиле група младинци. Петнаесет години по појавата на романот, Солев низ сценаристичка постапка го „апгрејдува“ својот роман во исклучително динамична филмска структура, притоа менувајќи некои карактери и внесувајќи редица нови настани потребни за филмското дејствие. Вреди да се напомене дека Солев студирал прво на Високата филмска школа во Белград, а потоа на Филозофскиот факултет во Скопје, па оттаму и умеењето во креирањето филмско сценарио, кое има сосем различна структура од роман, без разлика на кој жанр му припаѓаат. Драматуршката обработка на филмот е со потписите на Душан Зега и Света Лукиќ.

Во романот „Под усвитеност“ приказната ја восприемаме низ светогледот и психолошката пренапрегнатост на ликот насловен Бранко, додека, пак, во филмот „Истрел“ се издвојува ликот на Дане (го толкува Емил Рубен) како протагонист. Главниот лик во романот има краток флерт со девојката Вера, која во филмот станува еден од клучните карактери (ја толкува Неда Арнериќ) и која поврзува низа нови настани и ликови кои ги нема во романот.

Централната тематска зададеност во „Под усвитеност“ е „… длабокото афирмирање на хуманото, на човечкото, неразличиво поврзувајќи се со жестоката осуда на мрачната стварност“, пишува книжевниот критичар Александар Спасов во поговорот на второто изание од 1979 година (Култура, Македонска Книга, Мисла, Наша Книга; Скопје). Спасов додава дека во романот „Под усвитеност“ се подига превезот над една неколкудневна историја, богата со психолошка пренапнатост, на група момчиња во часовите на приготвување и извршување на атентат врз окупаторскиот шпион.

Литерарната рефлексија на Солев го опишува настанот кога вистинските личности, младите припадници на движењето на отпорот: Кочо Битољану, Трпе Јаковлевски, Бранко Фрицханд и Ангеле Михајловски го подготвуваат и извршуваат атентатот врз Мачков. Како дополнителен мотив за извршителите на акцијата било и апсењето, мачењето и убиството на Цветан Димов, кој во филмот „Истрел“ е претставен низ ликот на Мите Димов (го игра актерот Михајло Миша Јанкетиќ). И романот и филмот ги користат сведоштвата на преживеаните учесници во оваа акција.

„Истрел“ креира приказна во која место наоѓаат и други настани од тој период, а кои не се присутни во романот. Тука е акцијата на диверзантската група која извршува акција на воениот аеродром, минирајќи авиони, а членовите на таа група подоцна се припадници на Првиот скопски партизански одред.

Фото: Принтскрин

Во филмот од групата која го извршува атентатот преживува само ликот на Дане. Дане заедно со фиктивниот лик Вера практично се оската на приказната, која е оплеменета со мотивите за љубов и предавство.

Вера, пак, од друга страна, е ликот низ кој се рефлектира и приказната за трагичната судбина на Никола (Ристо Шишков) и неговата сопруга Анѓа (Мајда Тушар). Партизанот Мите Димов, при обид да мине покрај обрачот на окупаторската војка, е ранет. Илегалците го наоѓаат и го засолнуваат во домот на Никола, додека тој е отсутен. Полицијата го открива Мите (го споменавме неговиот крај) и ја апси Анѓа која по ѕверско мачење и силување умира. Никола во желба за одмазда тргнува да го ликвидира Мачков, но е убиен од неговите агенти.

Учесниците во овие настани сведочат дека и пред опишаниот атентат врз Мачков имало обиди тој да биде ликвидиран, па во една од тие акции загинале Благој Деспотовски-Шовељ и Славе Георгиевски-Цината.

Фото: Принтскрин

Зошто била толку голема опсесијата на револуционерите со атентатот врз Мачков? Интересен е фактот дека Мачков по потекло е од Струмица, пред војната бил член на работничките синдикати, чие јадро го сочинувале левичарите и комунистите, кои се бореле против власта во Кралството Југославија. Тој многу добро ги познавал членовите на тие синдикати, кои биле движечката сила на отпорот во времето на окупацијата.

Мачков беше ду­ри и бла­гај­ник на ши­вач­ки­от син­ди­кат. Син­ди­ка­тот го во­деа ле­ви­ча­ри­те и тој ги зна­е­ше си­те. Во 1939 го­ди­на про­не­ве­ри мно­гу па­ри и го исте­раа од Син­ди­ка­тот. Тој, на­вре­ден, се пи­ша Бу­га­рин, вле­зе во по­ли­ци­ја­та и си­те ги пре­да­де. Си­те ак­ции беа не­го­во де­ло, од есен­та 1941 го­ди­на до ју­ни 1942 го­ди­на при­ве­де сто­ти­на, се наведува, меѓу другото, во сведоштвото на Битољану.

Во секој случај, романот „Под усвитеност“ и филмот „Истрел“ се две комплементарни дела со исклучителни естетски вредности, секое за себе.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција