А кој да ги кине пријавите на децата кои немаат „звучни“ презимиња?!

Изгледа некои деца се „поеднакви“ од другите Фото: Принтскрин

Ако пред дваесет години водечки политички личности во државата ги затворале очите пред прекршоците на  „синот на поранешниот министер“,  сега не останува простор за фрапираност поради нечија денешна мистификација и улога во градењето на култот за „фамилијата“, а уште помалку треба да има зачуденост поради уривањето на институциите и нефункционирањето на правниот поредок.

 

Поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Д. Фрчкоски, деновиве во изјава за Телма, вели дека жали што  своевремено не дозволил на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков да му бидат поднесени две пријави, а тоа го сторил од почит кон татко му Јордан Мијалков, со  кој беа заедно во првата – експертската Влада (предводена од Никола Кљусев), а кој трагично загина во сообраќајна несреќа во Србија.

Добро се сеќавам на еден случај. Инспекторот ми посочи дека лицето Сашо Мијалков било приведено откако со возило џип влетал во ноќен кафе бар и учествувало во тепачка. Не го познавав, но ми беше кажано дека е син на покојниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков и од почит кон татко му не дозволив да му се напише пријава. Имаше и уште еден случај во кој младиот Мијалков беше прекршител на Законот, но не заработи пријава. За време на мојот министерски мандат толкави беа криминалиите на Сашо Мијалков – рече за Телма поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчковски.

 [ИзворТелмаДатум 27.10.2016]

. 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на ексминистерот за внатрешни работи, во која тој кажува дека поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, во деведесетите години на минатиот век бил приведуван и сослушуван за ситни прекршоци, но тој му  прогледувал низ прсти, бидејќи е син на појкојниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков,  ја сметаме за некоректна и недоследна, дотолку повеќе што ја дава еден од творците на Уставот, каде е дефинирано дека сите граѓани се еднакви пред законите.

Највисокиот правен акт во државата, поточно втората глава насловена: „ОСНОВНИ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ “, Член 9 вели:

Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Ама во конкретниот случај, според признанието на професорот Фрчкоски, кој долги години беше на високи државни фунции, излегува дека некои биле (се) „поеднакви“ од другите . А што да прават оние деца кои немаат „звучни“ имиња и презимиња? Да им веруваат  на институциите или да се помират со тоа дека нив нема кој да им ги скине пријавите?!

И, ако пред дваесет години водечки политички личности во државата ги затворале очите пред прекршоците на  „синот на поранешниот министер“,   сега не останува простор за фрапираност поради нечија денешна мистификација и улога во градењето на култот за „фамилијата“, уште помалку треба да има зачуденост поради уривањето на институциите и нефункционирањето на правниот поредок.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција